Саат-кула (Битола)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Саат-кула
Поглед на Саат-кулата во Битола
Грешка во Lua во Модул:Location_map, ред 522: Unable to find the specified location map definition: "Module:Location map/data/Македонија Битола" does not exist
Општи податоци
МестоБитола
ЗемјаМакедонија
Координати41°01′50″N 21°20′02″E / 41.03056° СГШ; 21.33389° ИГД / 41.03056; 21.33389
Висина32 м

Саат-кулата во Битола — времемерно здание во градот Битола и една од најпознатите негови знаменитости.[1] Не се знае точно кога е изградена, иако постојат пишани извори од XVI век кои споменуваат саат-кула, но не е утврдено со сигурност дали се работи за истата градба. Многумина веруваат дека е изградена во исто време со црквата „Св. Димитрија Солунски“, односно во 1830 година.

Саат-кулата за многумина претстава еден од најважните симболи на градот Битола. Сместена е во Градскиот парк, во срцето на Битола, на просторот помеѓу црквата „Св. Димитрија“ и Јени-џамијата, на некогашниот „Пекмез-пазар“. Паркот е собиралиште за младите жители на градот, како и едно од најпосетените места од страна на туристите. Паркот е исто така место каде што граѓаните за време на Бадниковата вечер го чекаат Божиќ и палат свеќи за здравје, долж тревникот и тротоарот на паркот каде што е кулата.

Историја[уреди | уреди извор]

Детал од саат-кулата во Битола

Во историските записи за Битола, саат-кулата се спомнува уште во 1664 година, но не може со сигурност да се каже дали се работи за денешната саат-кула. Според други истражувања, се верува дека денешната градба била изградена заедно со црквата „Св. Димитрија Солунски“, околу 1830 година.[2]

Последната голема обнова на саат-кулата се случила во 2009 година, кога покривниот дел бил обложен со бакарна облога. Воедно, бил обновен и плочникот околу часовникот. Во оваа обнова, бил заменет и механизмот на часовникот.[3]

Легенда[уреди | уреди извор]

Според легендата, кулата е изградена кога отоманските власти во градот, односно Турците, поминале по сите околни села и собрале околу 60.000 јајца од коишто направиле малтер. Од смесата измешана со камења ја изградиле кулата чии цврсти ѕидови стојат и денес неоштетени.

Градба[уреди | уреди извор]

Кулата има основа во облик на квадрат, со страни од по 5,8 метри и во нејзе се влегува од северна страна. Висока е околу 32 метри. Внатре постојат спирални скали со кои се стигнува до горниот крај на кулата.[2] На врвот на кулата се наоѓаат тераси со ковани огради, а на сите страни на терасите се наоѓаат конструкции коишто држат светилки со помош на што целата кула и нејзиниот часовник се видливи и ноќе. Часовникот се наоѓа на најгорното од трите нивоа.

До 1912 година, времето била означувано по турски начин, односно саатите се одбројувале по заоѓањето на сонцето. По 1912 година било воведено современото сметање на времето.[2]

Првиот бројчаник и саатен механизам изработен од германското претпријатие „Конфаге“ бил поставен во 1927 година, со што лицата задолжени да ги удираат камбаните биле заменети од саатџиите, кои го одржувале часовникот и неговиот механизам. Првиот бројчаник бил бел со црни броеви и стрелки и бил помал од денешниот.[2]

Првобитниот часовник е заменет во 1936 година пред започнувањето на Втората светска војна со понов и многу попрецизен часовник. Новиот часовник го купиле Германците во знак на благодарност на граѓаните за германските гробишта коишто ги подигнале за жртвите од конфликтот во Битола, заедно со англиските и француските гробишта за време на Првата светска војна. Тогаш бил заменет часовничкиот механизам, а биле поставени и 15 ѕвона, тешки 900 килограми. Механизмот е обновен во 1962 година, а во 1970 година била поставена и клавијатура за изведба на нови композиции.[2]

Во текот на обновата од 2009 година, бил обновен и самиот саатен механизам, при што помогнале и германски стручњаци. Со репарацијата на механизмот се изгубила песната „Таму ле мајко, близу Битола“,[4] посветена на народниот херој Таки Даскало, која со децении била отчукувана во исто време, поради што обновата наишла на критики од самите битолчани.[3][5] По промената на механизмот, останала да се слуша само песната „Битола мој роден крај“ на Ајри Демировски.[5]

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Димовска - Чоловиќ, Мирјана (2008). Саат кулите во Република Македонија (PDF). Скопје: Национален конзерваторски центар-скопје; Едиција Културно-историско наследство на Република Македонија. стр. 114. ISBN 978-9989-131-08-0.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 „Саат кула Битола“. Битола: Bitola.Info. Посетено на 9 април 2016.
  3. 3,0 3,1 Поповска, Невенка (14 март 2014). „Саат-кулата симбол на Битола“. Република Online. Скопје. Посетено на 9 април 2016.
  4. „„Таму ле мајко близу Битола", текст и музика“. Архивирано од изворникот на 2018-07-21. Посетено на 2018-08-29.
  5. 5,0 5,1 „Саат кулата во Битола алергична на песни за партизани?“. Утрински весник. Скопје: МПМ Македонија. 31 август 2009. Посетено на 9 април 2016.[мртва врска]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]