Ризичен капитал

Од Википедија — слободната енциклопедија

Ризичен капитал (англиски: venture capital) претставува формални или неформални облици на финансирање на мали, брзорастечки, но ризични фирми од кои се очекува дека во иднина повеќекратно ќе ја зголемат вредноста на вложениот капитал. Семејството на ризичен капитал го сочинуваат бизнис-ангелите, како неформален ризичен капитал, и официјалните ризични фондови, како формален ризичен капитал.

Бизнис-ангели[уреди | уреди извор]

Бизнис-ангелите се дефинираат како „богати поединци кои инвестираат сопствени пари, заедно со време и експертиза, директно во компании кои не котираат на берза и со кои не се во семејни односи, а со надеж дека ќе остварат финансиска добивка“.[1]

Најважни одлики на бизнис-ангелите како форма на финансирање на малите бизниси се следниве:

  • Најпрвин, бизнис-ангелите, како богати поединци (обично тие се поранешни претприемачи кои веќе не се активни, но кои имаат добро познавање на бизнисите и секторите во кои порано работеле), инвестираат сопствени средства, главно во замена за акции, со што стекнуваат сопственички и управувачки права во фирмите во кои вложуваат.
  • Изборот на фирмите го вршат внимателно, врз основа на бизнис-идејата, бизнис-планот и проучување на личноста на претприемачот.
  • Најчесто вложуваат во бизниси со кои се семејни, во кои порано биле активни и добро ги познаваат.
  • Нивното инвестирање секогаш е поврзано и со т.н. постинвестициско инволвирање, т.е. со ангажирање во фирмата во којашто вложиле преку давање совети и експертиза. Формите на постинвестициско вложување се различни: работа во фирмата со неполно работно време, давање совети и консултации, читање на финансиските извештаи, учество во одборот на директори на фирмата, работа со полно работно време итн.[2]

Економското значење на бизнис-ангелите во развиените земји (посебно во САД и Велика Британија, а во поново време и во земјите на ЕУ), е во нагорен тренд, главно поради неколку причини:

  1. бизнис-ангелите инвестираат сè позначајни суми во новите бизниси;
  2. бизнис-ангелите го затвораат т.н. прв и втор капитален јаз (equity gap) со кои се соочуваат малите бизниси во текот на нивниот раст. Тоа значи дека бизнис-ангелите вложуваат во малите бизниси во најкритичните моменти, најпрвин кога претприемачот ќе ги исцрпи 3-F парите, а сè уште не е способен да привлече официјални ризични фондови или банкарски заеми (прв equity јаз), а потоа на преодот од раната во доцната фаза (од третата во четвртата фаза), кога настапуваат како групи бизнис-ангели заедно со официјалниот ризичен капитал (втор equity јаз).[3][4]

Официјални ризични фондови[уреди | уреди извор]

Официјалниот ризичен фонд, набљудувано од организациски аспект, го сочинуваат институционалните инвеститори, т.е. пензиските фондови, осигурителните фондови, богатите семејства, одделите за ризичен капитал при комерцијалните банки и сл. Тие делуваат како сопственици на средствата и лимитиран партнер, како и фирма на ризичен капитал која ги менаџира средствата што институционалните инвеститори привремено му ги отстапиле на официјалниот ризичен фонд, како генерален партнер.

Иако меѓу двете форми ризичен капитал постојат значајни разлики, може слободно да се каже дека генералните принципи на работење се слични:[5][6][7]

  • Во двата случаја, по правило, се работи за вложување пари во замена за акции;
  • И бизнис-ангелите и официјалните ризични фондови, пред да донесат одлука да вложат, ги истражуваат можностите за вложување, односно бараат фирми со ветувачки бизнис-идеи, сериозни и посветени претприемачи и менаџери, добро разработени бизнис-планови и сл. и врз таа основа вршат избор на фирмите во кои ќе инвестираат;
  • Постинвестициското инволвирање на бизнис-ангелите, односно на менаџерите на официјалните ризични фондови во фирмите во кои инвестираат, е задолжителен дел од процесот на инвестирање на ризичниот капитал;
  • Излезната стратегија, исто така, е задолжителен дел од процесот на инвестирање во двата случаја.

Разликите меѓу формалниот и официјалниот ризичен капитал се следниве:

  • бизнис-ангелите вложуваат сопствени, а официјалните ризични фондови - туѓи пари (OPM – Other People's money);
  • бизнис-ангелите вложуваат релативно мали суми пари, а официјалните ризични фондови - големи суми пари;
  • при изборот на фирмите, за бизнис-ангелите најзначајна е личноста на претприемачот, а за официјалниот ризичен капитал - квалитетот и професионалноста на менаџерската екипа;
  • мотивите на бизнис-ангелите се комерцијални (реализација на профит), но и филантропски (помош на претприемачот, на локалната заедница и сл.), додека на официјалните ризични фондови само комерцијални – брзо и високо враќање на инвестицијата.[8]

Плаќање на трудот[уреди | уреди извор]

Во обичниот фонд за ризичен капитал главните партнери добиваат годишни исплати во износ од 3-7 % од капиталот вложен во фондот и 20% од чистата добивка од сите продадени активи при излегување од фондот, што е споредливо со исплатите во повеќето хеџ фондови.[9] Поради тоа што во фондовите капиталот може да се потроши уште пред крајот на неговото постоење големите капиталисти кои работат со ризичен капитал ги вложуваат парите во неколку фондови истовремено, што на поголема фирма ѝ овозможува да ги задржи специјалистите на сите степени на развојот на фирмите и скоро постојано да функционира.

Малите фирми обично остваруваат процвет и трпат крах заедно со нивните првични индустриски соработници. Се појавува сосема нова генерација на технологии и луѓе кои генералните партнери можат да не ги познаваат во доволна мера, и затоа сопствениците на фондовите претпочитаат да го затворат стариот фонд и да отворат нов со компетентни специјалисти.

Финансирањее[уреди | уреди извор]

Добивањето на ризичнио капитал суштински се разликува од привлекувањето на долг или кредит. Кредиторите имаат законско право на камата за кредитот и за исплата на капиталот независно од успехот или неуспехот на бизнисот. Ризичниот капитал се вложува во замена за удел во бизнисот. Доходовноста на капиталистот кој работи со ризичен капитал како акционер зависи од растот и доходовноста на бизнисот.

Најчесто капиталистите кои работат со ризичен капитал ги поддржуваат компаниите во кои инвестираат за да ја зголемат веројатноста од излегувањето на компанијата на стадиум IPO.[10] Притоа околу 43% од привлечените ризични инвестиции одат на реклама на друштвените мрежи или во системите за пребарување.[11]

Капиталистите кои работат со ризичен капитал обично помагаат во сите етапи на развојот на компанијата.

Ако компанијата навистина поседува квалитети какви што бараат капиталистите кои работат со ризичен капитал, вклучувајќи сигурен бизнис план, добар управувачки тим, инвестиции и ентузијазам од страна на основачите, добар потенцијал за излегување од инвестициите пред завршувањето на нивниот циклус на финансирање и целна максимална добивка која надминува 40% годишно, ним ќе им биде полесно да привлечат ризичен капитал.[12]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Colin Mason, Informal Sources of Venture Finance, Hunter Centre for Entrepreneurship, University of Strathclyde, Glasgow 2005, p. 4.
  2. ventures.com 1000 ventures 1000 Ventures[мртва врска]
  3. Colin Mason, Informal Sources of Venture Finance, Hunter Centre for Entrepreneurship, University of Strathclyde, Glasgow 2005, pp. 11–14.
  4. Jeffrey Sohl, „The US Angel and Venture Capital Market: Recent Trends and Developments”, Journal of Private Equity, Vol. 6, No. 2, 2003, p. 12., pp. 11–13.
  5. Robert Hisrich and Peters Michael, Entrepreneurship, Fourth Edition, Irwin McGraw -Hill, Boston, 1998.
  6. Mark Abernethy and David Heidtman, Business Angels, Allen & Unwin, Australia 1999.
  7. Филип Котлер, Картаџаја Хермаван и Јанг Дејвид, Привлекување на инвеститори – маркетинг пристап за наоѓање средства за вашиот бизнис, (превод), Издавачки центар ТРИ, Скопје, 2009.
  8. Таки Фити, Верица Хаџи Василева-Марковска и Милфорд Бејтмен, Претприемништво, Економски факултет – Скопје, 2007, стр. 134–135.
  9. „Investing in a venture capital fund: tax, regulatory, and finance implications“. eisneramper.com. Посетено на 2022-04-20.
  10. „Venture Capital-Backed IPO“. investopedia.com. Посетено на 2022-04-20.
  11. „SaaS product growth“. firstprinciples.io. Посетено на 2022-04-20.
  12. „The rule of 40 for saas and subscription business“. saasholic.com. Посетено на 2022-04-20.