Паралелна еволуција

Од Википедија — слободната енциклопедија

Паралелизам или паралелна еволуција е сличен еволутивен развиток кај различни видови кој се јавува по дивергенција од некој заеднички предок кој не ги поседувал одликите на своите потомци, но имал првична анатомска одлика која водела до нив. На пример, некои јужноамерикански и африкански мајмуни еволуирале во организми со релативно големи тела, независно еден од друг. Нивниот заеднички предок бил доста помал мајмун, но многу потсетувал на нив.

Примери[уреди | уреди извор]

Еден од најзабележителните примери на паралелна еволуција се среќава кај двете главни гранки на цицачи — плаценталните цицачи и торбарите — кои по одвојувањето на копнените маси каква што била Гондвана пред околу 100 милиони години имаат независен еволуциски развиток. Плаценталните цицачи и торбарите во Јужна Америка споделувале ист екосистем (пред да се случи Големата американска размена на видови), во Австралија преовладувале торбарите, додека во Стариот Свет доминирале плаценталните цицачи. Меѓутоа, во сите овие живеалишта цицачите биле мали и живееле на ограничени простори во екосистемот, сè до масовното истребување на диносаурусите пред 65 милиони години. Тогаш, цицачите на сите три копнени маси заземале многу поголем број на форми и улоги. Додека некои форми биле единствени за секој посебен простор, се јавиле и животни кои биле слични со тие од останатите континенти. Некои примери за ова се литоптерните и коњите, чии нозе тешко можат да се разликуваат; европската сабјозабеста мачка (Machairodontinae) и јужноамериканскиот сабјозабест торбар (Thylacosmilus); тасманскиот волк и европскиот волк; како и торбестите кртови и плаценталните кртови, шеќерните летачи и, веројатно, глувците.

Паралелна наспроти конвергентна еволуција[уреди | уреди извор]

Паралелните и конвергентните еволуциони стремежи можат прецизно да се дефинираат и јасно да се разграничат. Кога двата потомци се слични во однос на некој белег или својство, еволуцијата се нарекува паралелна доколку нивните предци биле исто така слични, а конвергентна доколку не биле слични.

Кога не се познати анцестралните (предочни) форми или, пак, не се јасно определени белезите кои се разгледуваат, тогаш разликата меѓу паралелната и конвергентната еволуција станува посубјективна. На пример, сличноста меѓу плаценталните и торбарските цицачи се објаснува на различни начини. Ричард Докинс во неговата книга „Слепиот часовничар“ смета дека сличноста е резултат на конвергентна еволуција поради тоа што овие две групи цицачи, на секој континент на кој се наоѓале, имале долга еволутивна историја пред истребувањето на диносаурусите која им овозможила стекнување на значителни разлики. Стивен Џеј Гулд оваа сличност ја опишува како паралелна еволуција, која почнала од заедничкиот предок на сите торбари и плацентални цицачи.