Мостот на Дрина (книга)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Мостот на Дрина
Мостот на Дрина околу 1900 година
АвторИво Андриќ
Изворен насловНа Дрини ћуприја
ЗемјаЈугославија
Јазиксрпски
Жанристориска фикција
ИздавачПросвета
Издадена
март 1945
Страници318

Мостот на Дрина (српски: Na Drini ćuprija) — роман на југословенскиот писател Иво Андриќ.[1] Романот се развива преку раскажувањето за градењето на мостот преку реката Дрина во босанскиот град Вишеград. Градењето на мостот го нарачал Мехмед-паша Соколовиќ, прочуениот војник и војсководец на Османлиското Царство кој по род бил Србин од Рудо. Уште како мало момче, Бајица, бил одведен со останатите грабнати деца како данок во крв во Цариград.

Дејството на романот трае речиси четири века и содржи повеќе приказни поврзани за мостот на Дрина, кој е точка околу која сè се врти и главниот симбол на нарацијата. Самиот мост на некој начин претставува спротивност на човековата судбина која е минлива во однос на камената градба, што е вечна. И околу него се плетат животи и приказни за историски личности, но и за маргинални, безимени ликови кои се плод на мечтата на писателот или задржан спомен од старите градски нарации.

Хронолошка поделба на романот Мостот на Дрина[уреди | уреди извор]

Иво Андриќ во овој, како и во другите свои романи применил постапка на воспоставување книжевна хроника (такви се и романите Травничка хроника и Омер-паша Латас, па може да се каже дека „Мостот на Дрина“ е вишеградска, а „Омер-паша Латас“, сараевска хроника за животот и животните премрежија во османлиските касаби.

Во романот „Мостот на Дрина“, Андриќ хронолошки го опишал секојдневниот живот во вишеградската касаба на брегот на реката Дрина, во која живееле заедно и Турци и христијани со сите свои посебности и потреби. Главниот лик на овој роман е токму тој, древниот камен мост, со кој спојувањето на двата брега означувало и спојување (во одредени временски периоди) на две држави, Босна и Србија, но во исто време и оној клучен, секогаш егзотичен, секогаш предизвиклив спој и судир на Западот со Истокот.

Во романот се опфатени три раздобја со нивните специфичности:

  • Време на турскиот феудален растеж;
  • Време на воените случувања на Балканот по турското губење на доминација, (анексија на Босна и Херцеговина);
  • 1914 година, силниот налет на новото време и несопирливите бури во најава.

Осврт кон романот[уреди | уреди извор]

Во романот „Мостот на Дрина“ се сменуваат неколку века кои ги поврзува еден мост, како врска меѓу Ориентот и Западот. Притоа, мостот им одолева на бурите на историјата, а со својата величественост и со осамената убавина се воздигнува не само над градот, туку и над времето. Мостот е главниот лик на овој роман: тој е сведок на човечките трагедии, неговата ограда е испрскана со човечка крв, немо го набљудува сменувањето на крупните историски епохи и цивилизации. „Мостот на Дрина“ е поетично, уметничко и, истовремено, многу умно дело. Во романот се прикажани епски историски слики заедно со нежни психолошки моменти од човечкиот живот, а во него се соединуваат сите одлики на Андриќ како раскажувач: поетичност во сликањето на човековата трагика, ангажирана мисловност во третманот на големите теми, моќ за длабоко нуркање во човековата психа и голема дарба за портретирање на ликовите и за сликање на околината.[2]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Nikola Mirković - Ivo Andrić - studija, S. B. Cvijanović, Beograd, 1938. godine;
  2. Velibor Gligorić, „Beleška o piscu“, во: Ivo Andrić, Priča o vezirovom slonu. Beograd: Rad, 1962, стр. 168-169