Митралез

Од Википедија — слободната енциклопедија
М2 митралез

Митралез е автоматско оружје наменето за брза, постојана стрелба, обично со 500-1000 истрели во минута. Произведено во доцниот XIX век од пронаоѓачи како што е Хајрем Максим, целосно го променил современото војување. На бојното поле во текот на Првата светска војна преовладувале митралези со реденици, кои биле малку променети во Втората светска војна. Модерните митралези се класифицираат во три групи: пушкомитралез, оружје за рафална стрелба со малокалибарска муниција, со кое ракува еден војник; општонаменски митралез, со голема моќ на рафална стрелба, се ракува од двајца; и тежок митралез со калибар од 12,7mm или повеќе, честопати поставуван на оклопно возило.[1]

Историја[уреди | уреди извор]

Првиот митралез, во современа смисла на зборот, бил конструиран од американскиот конструктор Хајрем Максим во 1883 година. Максим сметал дека неговиот пронајдок најдобро ќе им го продаде на европските нации кои во тоа време се подготвувале за војна. И не се излажал. Кон крајот на XIX и почетокот на XX век, неговиот митралез бил прифатен од главните европски сили: Велика Британија, Германија и Русија. Првата примена митралезот на Максим ја имал во британските колонијални војни во Јужна Африка. Во Руско-Јапонската војна станало јасно дека митралезот е моќно оружје кое заслужува место во првите борбени редови, а ѕвездените моменти му биле во Првата светска војна. Во текот на војната се појавиле и множество митралези од други конструкции, почнала да се прави диференцијација меѓу митралез и пушкомитралез, митралези се монтирале на авиони и на оклопни возила.

Во периодот меѓу двете светски војни митралезите се усовршуваат и се специјализираат. Се појавуваат специјални противавионски митралези, се конструираат митралези наменети за употреба во тенкови, како и специјални авионски митралези. Во тој период пушкомитралезот дефинитивно го добива своето место во пешадиското одделение.

Развојот на технологијата и на производните сили овозможиле во текот на Втората светска војна разните типови митралези масовно да се применуваат од сите завојувани страни на сите боишта. Паралелно со еволутивниот развој, се појавиле и нови концепции за примената на митралезот. Најзначајна новост е германската концепција на универзален митралез отелотворена во MG34. Според оваа концепција, едно исто оружје, кога се користи од рака или потпрено на вграден двоножен потпирач, претставува пушкомитралез, а доколку се користи монтирано на стабилен лафет, претставува општонаменски митралез.

Потекло на поимот[уреди | уреди извор]

Зборот „митралез“ е преземен францускиот збор „mitrailleuse“, на којшто пак основата му е терминот „boîte à mitraille“ - картеч.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Британика Енциклопедиски Речник. Топер, Скопје, 2005, Книга 6, стр. 134.