Мариовци

Од Википедија — слободната енциклопедија
Етничко знаме на македонците
Етничко знаме на македонците

Дел од темата
Македонци

Култура
Книжевност · Уметност
Фолклор · Музика · Носии
Кино · Кујна · Спорт
· Архитектура

Историја
Национална преродба
НОБ (1941-1944)
НОФ (1945-1949)

Државност
АСНОМ
Н.Р Македонија (1944-1991)
Р Македонија (од 1991)

Распространетост
Албанија · Бугарија
Грција · Србија
Македонска дијаспора

Тематски
Православна Црква
Македонци муслимани
Македонски јазик

Мариовци се дел од македонскиот народ кој живее во Мариово. Тие се познати по нивната култура, носии, обичаи и културно и фолклорно наследство. Традиционалната мариовска носија е широко позната.

Историја и потекло[уреди | уреди извор]

Мариовска свадба - „свадбари“ ја водат невестата од Пештани во Дуње (1932)

Населението во Мариово отсекогаш било македонско и со христијанска вероисповед, а во Мариово немало ниту исламизација на населението, ниту пак воопшто имало населување на турско и муслиманско население за време на Отоманското Царство. За причините поради кои Мариово било поштедено од исламизација е поврзана легендата за името Мариово. Мариовците како составен дел од Македонската нација ги споменал Ѓорѓија Пулески во својата Славјанско-Маќедонска Општа Историја[1]. За потеклото на мариовските христијани, македонскиот просветител Јордан Хаџи-Константинов - Џинот во својот напис објавен во 1859 година запишал дека се од најстарите Славјани кои дошле во неизвесни векови со име Пејани и Мирмидони, при што наведува дека Плиниј и Страбон ги кажувале како најхрабриот скитски род кој секогаш оделе на бој напред со Александар Македонски[2]. Омир солунски ги нарекувал Мирмидони и ги вбројувал во едно со мегленските и бели јазоновци, а потеклото на името го толкува како изведено од Мориово, Мириево, Мирници, Мир-ми-давци, Мирмидони [2]. Истовремено за нив го наведува и името Чрни-борци - Чебренци, заради што нивниот обител (манастир) Св. Димитриј е наречен Чебрен, а исто така запишал дека и во тоа време сите биле јунаци[2]. Во однос на етнографските одлики за потеклото или припадноста, Ѓорче Петров во книгата „Материјали по изучувањето на Македонија“ од 1892, запишал дека Мариовците според носијата и говорот се разликуваат од околното население при што најмногу заеднички црти имаат со Брсјаците од Пелагонија, заради што ги смета за Брсјаци кои под влијанието на месните услови значително се оддалечиле од општиот брсјачки тип[3].

Населени места[уреди | уреди извор]

Китење на свадбено знаме во с.Вепрчани

Мариовците живеат во следните села во Мариово: Брод, Гнеотино, Тепавци, Велесело, Сливица, Полог, Гнилеш, Добровени, Грумази, Старавина, Маково, Рапеш, Зовиќ, Градешница, Будимирци, Груништа, Орле, Брник, Ивени и Петалино во т.н. битолско Мариово, Витолиште, Бешиште, Вепрчани, Врпско, Дуње, Живово (на народен говор: Жиово), Кален, Кокре, Крушевица, Манастир, Полчиште, Пештани, Чаниште и Гуѓаково (на народен говор Гудјаково) во т.н. прилепско Мариово, Рожден, Клиново, Р’жаново, Мајден и Галиште во тиквешкиот дел на Мариово.

Со големиот бран иселувања и раселувањето на Мариово во втората половина на XX век по Втората светска војна, најголем број некогашни жители и нивни потомци со потекло од Мариово, денес живеат во градовите Прилеп (особено населбата Штавичко Маало), Битола, Скопје, Кавадарци, како и во странство во прекуокеанските земји Австралија, Канада и САД.

Јазик[уреди | уреди извор]

Мариовци на празнична трпеза

Мариовците го зборуваат македонскиот јазик. Говорот во Мариово претставува преод помеѓу централната група на западното наречје и источната група на источното и јужното наречје, односно тој е премин помеѓу брсјачкиот Прилепско-битолски дијалект кој се зборува во полето на Пелагонија и говорите во Тиквешко, поради што тој го сочинува засебниот Тиквешко-мариовски дијалект. Зборувањето во Мариово многу наликува на прилепскиот говор односно македонскиот литературен јазик со изразити црти како доста зборови и изговор како кавадаречкиот говор. За Мариовците, Ѓорче Петров запишал дека според носијата и говорот се разликуваат од околното население при што најмногу заеднички црти имаат со брсјаците од Пелагонија[3]. Препознатливи мариовски зборови се: понаваки, понататки, ној, таќи или таци, ваќи или ваци, опикаса (се сети), зауши (настина) итн.

Одлики и особини[уреди | уреди извор]

Мариовци крај огниште на слава, вечер воочи Митровден во с.Дуње (1932)

Во Мариово отсекогаш во минатото па сѐ до денес живееле само православни Македонци. За време на Отоманското Царство и за разлика од сите околни и соседни области како Меглен, Тиквеш во Мариово немало ниту исламизација на населението, ниту пак воопшто имало населување на турско и муслиманско население. Поради природно-географските одлики и местоположбата како и заради општествено-управните услови во минатото жителите на Мариово развиле посебни душевни одлики и однесување кое ги разликувало и одликувало од сите останати околни жители во Македонија. Имено, послободниот живот во оддалечен и позафрлен планински крај подалеку од турските насилства и несигурности, кај мариовците развиле дух и одлики на слободољубивост, борбеност, храброст, непокорливост, јунаштво, бунтовност. Ваквиот живот ослободен растоварен од несреќи, непогоди, насилства придонел да се развие прилично весел дух и расположение кај мариовците кои се надалеку познати по својата шегобијност и хумор, за што се сведоштво големиот број шегобијни народни приказни за Итар Пејо мариовецот, шеги, досетки и вицови. Истовремено суровите планински услови придонеле мариовците да се одликуваат и со голема итрина, снаодливост, издржливост и мудрост. Во однос на телесните одлики и карактерот, Јордан Хаџи-Константинов - Џинот, мариовците ги опишал како луѓе со висок стас, лице благоообразно, високи чела, очи црни и сини, космати, бистри како прави будни гении, трудољубиви, благочестиви и срдечни христијани, многу дарежливи (штедри), но се големи маченици бидејќи многу ги „глодаат“ разни Турци и калуѓери[2]. За нивните жени пак запишал дека биле слободни и красолични убавици, но малку распуштени. За мариовките во својата книга „Материјали по изучувањето на Македонија“ од 1896, македонскиот револуционер Ѓорче Петров исто така запишал дека се познати и меѓу првите во Македонија по убавината и нежноста[3].

Галерија[уреди | уреди извор]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Пулевски, Ѓорѓија (1892). Блаже Ристовски (уред.). Славјано-маќедонска општа историја. Скопје: МАНУ. стр. 908.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 Хаџи-Константинов - Џинот, Јордан (1987). Споменик за села називаеми Мориево прилепско. Статистическо описание. Хаџи Константинов, Јордан - Џинот. Избрани страници (Хаџи Константинов, Јордан - Џинот. Избрани страници. изд.). Скопје (Цариград): Мисла (Цариградски весник).
  3. 3,0 3,1 3,2 Петров, Ѓорче (1896). Марио Шаревски (уред.). Материјали по изучувањето на Македонија. Скопје: Единствена Македонија.