Лав Виготски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Лав Виготски

Лав Семјонович Виготски (Лев Семёнович Вы́готский или Выго́тский; 17 ноември 189611 јуни 1934) бил руски и советски психолог, втемелител на првобитната холистичка теорија на човечкиот културен и биосоцијален развиток позната како културно-историска психологија, и водач на Кругот на Виготски.

Најголем дел од работата на Виготски била во полето на развојната психологија, каде тој предложил теорија на развитокот на вишите когнитивни функции кај децата според која расудувањето се јавува со практичната активност во општествената средина. Според него, развитокот на расудувањето е семиотички посредуван процес и затоа е составен дел од културните практики и јазикот, како и од универзалните когнитивни процеси.

Виготски исто така го разработил концептот на зона на наредниот развој, според кој начинот на стекнување со ново знаење е зависен од претходно наученото, како и од достапноста на инструкции.

За време на неговиот живот, теориите на Виготски биле контроверзни во Советскиот Сојуз. Во 1970-те, идеите на Виготски биле воведени на Западот каде биле централна компонента на развитокот на нови парадигми во развојната и педагошката психологија. Иако најпрво теориите на Виготски биле игнорирани од Западот, тие денес се добро познати, макар што учените не секогаш се согласуваат со нив. Во раниот 21 век се забележува тренд на повторно вреднување на сфаќањата на многу од централните концепти и теории на Виготски.