Корал

Од Википедија — слободната енциклопедија
Корал
Столпчест корал
(Dendrogyra cylindricus)
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Жаркари
Класа: Цветни животни
Ehrenberg, 1831
Поткласи и редови

Alcyonaria
   Alcyonacea
   Helioporacea
Zoantharia
   Antipatharia
   Corallimorpharia
   Scleractinia
   Zoanthidea
[1][2]

Корали[3][4] или мерџани[5][6] — морски животни кои можат да се најдат во сите светски океани, иако тие се најпознати и најраспространети во тропските региони. Постојат многу типови на корали, но сите тие имаат едноставен телесен план: цевкасто тело на чиј врв се наоѓа прстен од боцкасти пипала кои ја опкружуваат устата. Овој телесен план е наречен полип. Тој е живиот дел на коралното животно и претставува анемонија.

Обично коралните полипи се тенки, но многу видови ја развиле способноста да живеат во колонии, а таквите корални колонии можат да достигнат значителни големини. Коралите потекнуваат од раната историја на животот на Земјата, за време на Камбриумот од пред 500 милиони години. Во тропските региони, многу корални колонии градат спектакуларни и убави скелети со секретирање на варовник (CaCO3) од долниот дел од полиповото цевкасто тело, формирајќи скелетни чашки. Овие чашки ги држат полипите за супстратот, а исто така и ги заштитуваат. Овие корални колонии, познати како каменести корали, се архитектите на коралните гребени кои можеби се најубавите живеалишта во океаните. Други корали, како што се меките корали, немаат скелет, но и тие градат живописни колонии.

Коралите припаѓаат на типот жаркари (Cnidaria), односно најголем дел од нив во групата цветни животни (Anthozoa).

Општа морфологија и анатомија[уреди | уреди извор]

Мозоковиден корал
(Diploria labyrinthiformis)

Основната форма на коралното животно се вика полип. Полипот има цевкасто тело кое со едниот крај е прикачено на морското дно, или пак на коралниот гребен. На другиот крај се наоѓа еден отвор, уста, која е обиколена со пипала. Главната структура на телото се состои од само два слоја на клетки, и тоа од еден надворешен слој наречен епидермис и еден внатрешен слој познат како ендодермис (или гастродермис). Помеѓу овие два слоја се наоѓа бесструктурен телесен слој кој се нарекува мезоглеа или цененхим. Пипалата на коралот имаат специјализирани боцкасти капсули познати како нематоцисти. Овие капсули можат да се исфрлат надвор од телото при што испуштаат остро копје на чиј врв може да се наоѓа отров.

Бидејќи тие се многу едноставни животни, коралите немаат мозок. Но, тие поседуваат мускули и многу едноставен нервен систем кој им овозможува да ги движат пипалата за да фатат храна и исто така што ги повлечат во телото доколку има закана. Во устата има фаринкс, а по него голема телесна празнина - коелентерон (гастроваскуларна празнина). Кај повеќето корали, овој коелентерон има долги вертикални завои од телесни ткива кој се протегаат до центарот на празнината. Вертикалните завои се познати како мезентери.

Генерално, коралните полипи не се движат. Многу од нив се фиксирани со помош на цврст скелет за морското дно. Постојат многу различни типови на корални скелети.

Начин на исхрана[уреди | уреди извор]

Сите корали добиваат поголем дел од храната преку своите пипала. Но, бидејќи неможат да се движат, тие не бараат активно плен. Во најголем дел, тие зависат од микроскопски честички од планктонот. Нематоцистите се користат за да го задржат и убијат пленот.

Многу корали ја добиваат својата енергија од храната преку една блиска врска со алгите познати како зооксантели. Овие ситни алги претставуваат едноставни растенија. Како и сите растенија, и тие по пат на фотосинтеза ја трансформираат сончевата енергија во јаглехидрати и други соединенија. Зооксантелите живеат во клетките на полипите во извонредно голем број. Типично околу 1 милион алги живеат во секој квадратен сантиметар на корално ткиво. И коралите, а и алгите имаат заемна корист од оваа симбиоза. Алгите напредуваат без опасност да бидат изедени, а тие и ги искористуваат екскретите од коралите. За возврат, коралите го користат вишокот на шеќери и други соединенија произведени од алгата како извор на храна. Некои корали земаат повеќе од 80% од храната која им е потрбна од алгите.

Животен циклус и размножување[уреди | уреди извор]

Животниот циклус на еден корал е релативно едноставен. Во телото се формираат гаметите (јајце-клетки и сперматозоиди). Кај некои видови јајце-клетките се оплодуваат во полипот, но кај мнозинството гаметите се испуштаат во водата каде и се случува оплодувањето. Оплодените јајце-клетки се развиваат во ларви познати како планули, кои обично се овални или крушковидни и се покриени со трепки. Планулата е способна за пливање, но таа се придвижува и со помош на водната струја. По неколку денови или недели во водата, планулата плива кон дното и се прикачува себеси, каде потоа се метаморфозира во полип.

Повеќето корални полипи се делат и градат колонии. Новите полипи се создаваат од оригиналниот преку процес на пупење или разделување (бесполово размножување). Потомството е генерално идентично и кај повеќето корални колонии тоа останува прикачено за родителскиот полип. Една колонија од полипи може да има и до илјадници единки.

Еден од најспектакуларните настани во природата, кој бил откриен во раните 1980-ти, е масовното размножување на коралите кај Големиот Корален Гребен во Австралија. Ефектот бил забележан од научниците како подводна снежна бура.

Типови на корали[уреди | уреди извор]

Класификацијата на коралите е комплексна. Повеќето припаѓаат на класата Anthozoa, која има две подгрупи, октокорали и хексакорали. Октокоралите имаат полипи со осум пипала и телесна празнина разделена на осум мезентери. Во октокорали спаѓаат меките корали и нивните сродници, синиот корал и морските пенкала. Хексакоралите обично го започнуваат својот живот со шест пипала и мезентери, но овие брзо се делат на повеќе. Во хексакорали спаѓаат каменестите и цврстите корали, но исто така и некорални групи како морските анемонии. Неколку други корали, главно огнените, припаѓаат на класата Hydrozoa.

Коралот како мотив во популарната култура[уреди | уреди извор]

  • Корал (англиски: The Coral) — британската рок-група, основана во 1996 година.[7]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Daly, M., Fautin, D.G., and Cappola, V.A. (2003). „Systematics of the Hexacorallia (Cnidaria: Anthozoa)“. Zoological Journal of the Linnean Society. 139 (3): 419–437. doi:10.1046/j.1096-3642.2003.00084.x.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
  2. McFadden, C.S., France, S.C., Sanchez, J.A., and Alderslade, P. (2006). „A molecular phylogenetic analysis of the Octocorallia (Cnidaria: Anthozoa) based on mitochondrial protein-coding sequences“. Molecular Phylogenentics and Evolution. 41 (3): 413–527. doi:10.1016/j.ympev.2006.06.010. PMID 16876445.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
  3. „корал“Дигитален речник на македонскиот јазик
  4. „корал“Официјален дигитален речник на македонскиот јазик
  5. „мерџан“Дигитален речник на македонскиот јазик
  6. „мерџан“Официјален дигитален речник на македонскиот јазик
  7. Discogs, The Coral (пристапено на 14.4.2022)

Надворешни врски[уреди | уреди извор]