Каматна стапка

Од Википедија — слободната енциклопедија

Каматна стапка е цената што се плаќа на позајмениот капитал за единица временски период. Вкупната камата на износот кој е позајмен зависи од главната сума, каматната стапка и должината на времето за кое се позајмил капиталот. Каматната стапка се дефинира како дел од износот кој е позајмен од страна на давателот, нормално изразен како годишен процент.[1]

Каматата како цена на капиталот[уреди | уреди извор]

Во економијата, каматата е цена на капиталот како фактор на производството. Каматата се јавува ако постои различна преференција на потрошувачите во однос на тековниот (сегашниот) и идниот доход. Притоа, во зависност од тоа дали потрошувачот ѝ дава помала или поголема вредност на сегашната потрошувачка во споредба со идната, тој ќе мора да позајми економски добра (ако сака денес да троши повеќе од сегашниот доход) или да даде на заем (ако сака во иднина да потроши повеќе од идниот доход). Оттука, каматната стапка ќе се формира како резултат на одлуките на потрошувачите за денешната и идната потрошувачка, односно одлуките во поглед на штедењето и позајмувањето. Како последица на тоа, во принцип, каматната стапка може да биде нула, позитивна или негативна.[2] Меѓутоа, ако економските добра може да се инвестираат и така да донесат повеќе добра во иднината, тогаш можностите за инвестирање ќе ја зголемат побарувачката на капитал и тоа ќе предизвика каматната стапка да биде позитивна.[3]

Каматната стапка во финансиите[уреди | уреди извор]

Рочна структура на каматните стапки[уреди | уреди извор]

Рочната структура (term structure) на каматните стапки ја покажува врската, во даден момент, меѓу времето до достасувањето и приносот до достасувањето на финансиските инструменти со фиксна каматна стапка, при даден степен на ризик. Во основа, рочната структура на каматните стапки се прикажува врз основа на обврзниците чии приноси еднакви на купонските каматни стапки (par yield). На пример, рочната структура се формира така што ќе се земат приносите до достасувањето на новоиздадените обврзници со различни рокови на достасување (2, 5, 7, 10, 30 години). Предноста на овој пристап е тоа што новоиздадените обврзници се одликуваат со висока ликвидност така што нивните цени соодветно ги одразуваат пазарните услови. Од друга страна, овој пристап не ги зема предвид другите обврзници кои се издадени порано.[4] Другиот пристап на формирање на рочната структура поаѓа од приносите на сите обврзници. Притоа, бидејќи обврзниците имаат различни купонски стапки, тие се расчленуваат на низа од чисти дисконтни обврзници, т.е. секој поединечен купон се смета како посебна бескупонска обврзница (zero-coupon bond). Приносите до достасување на одделните бескупонски обврзници ја формираат бескупонската крива на приносите (zero-coupon curve, spot curve). Од теоретска гледна точка, оваа крива на приносите е подобра од онаа која се формира врз основа на новоиздадените обврзници, но нејзиниот недостаток е тоа што активни пазари на бескупонски обврзници постојат само во САД и Франција. Оттука, бескупонската крива на приносите се формира индиректно при што постојат два основни пристапа:[5]

  • методот на извлекување (bootstrapping) поаѓа од примерок на купонски обврзници со различни рокови на достасување меѓу кои има еднаков временски интервал (на пример, едногодишна, двегодишна, тригодишна обврзница). Потоа, првата обврзница се смета за бескупонска и од неа се изведува бескупонскиот принос за вториот период, па од првите два приноса се изведува бескупонскиот принос за третата година итн. Овој пристап е применлив само ако постои целосна лепеза на обврзници кои достасуваат во еднакви временски интервали. Друг недостаток е тоа што овој метод не ги зема предвид цените на другите обврзници.
  • Вториот пристап на пресметка на рочната структура е емпириски и се состои во тоа што најпрвин се дефинира „дисконтна функција“ (на пример, кубна функција) која има различни параметри во различни временски точки. За да се обезбеди континуираност на оваа функција, нејзините први и втори изводи мора да имаат еднакви вредности во одделните временски точки, а во нултото време нејзината вредост е еднаква на 1. Потоа, од дисконтната функција се пресметуваат теоретските цени на обврзниците (на пример, со помош на регресија) и најпосле, од дисконтната функција се изведуваат бескупонските приноси.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „interest rate - Definition of interest rate in English by Oxford Dictionaries“. Архивирано од изворникот на 2016-05-16. Посетено на 8 January 2018.
  2. George J. Stigler, The Theory of Price, third edition. New York: The Macmillan Company, 1966, стр. 276-281.
  3. George J. Stigler, The Theory of Price, third edition. New York: The Macmillan Company, 1966, стр. 281-284.
  4. Philippe Jorion, Value at Risk: The New Benchmark for Controlling Market Risk. New York et al.: McGraw-Hill, 1997, стр. 105.
  5. Philippe Jorion, Value at Risk: The New Benchmark for Controlling Market Risk. New York et al.: McGraw-Hill, 1997, стр. 105-108.