Инквизиција

Од Википедија — слободната енциклопедија
Галилео Галилеј одговара пред Инквизицијата

Инквизиција (латински: Inaquisittio = иследување) — група установи на Римокатоличката црква кои имале за задача да иследуваат, судат и казнуваат луѓе што црквата ги сметала за кривоверци. Почетокот на работата на иквизицијата се поврзува со Григориј IX (1227 — 1241), кој со папски указ ја основал на 29 август 1289 година. Дејствувала во средновековието во сите земји на Западна Европа, а особено крвава и немилосрдна била озлогласената шпанска инквизиција.

Во 1232 година папата ги испратил инквизиторите во Франција под изговор дека тамошните епископи имале премногу други обврски и затоа не можеле во целост да се посветат на борбата со кривоверците. Окосница на инквизицијата отсекогаш биле Доминиканците поради наводниот факт што добро знаеле како да ги убедуваат отпадниците од црквата. Иследувањето на кривоверците, и воопшто осомничените, го помагала и државната власт. На почетокот, инквизицијата не била организирана по територијален принцип, туку делувала по потреба. Подоцна ова судство било организирано по региони. Инокентиј IV на 15 мај 1252 издал папска була под наслов “Ad exstirpanda”, која изразито дозволувала мачење при изнудување на признание од наводните кривоверци во текот на инквизицијата, и експлицитно простувала пракса на убивање на повредени кривоверци, со палење на клада. Булата отстапувала дел од имотот на државата конфискуван од осудениците.

Многу напредни умови биле жртви на инквизицијата, како на пример Јан Хус, Џордано Бруно и други. Укината е во текот на XIX век.

Начин на испитување[уреди | уреди извор]

Инквизиторите во почетокот делувале на начин што оделе во некое место и прво ги повикувале кривоверците и осомничените на покајување, ги собирале нивните имиња. Судот од своја страна пак се состоел од нотар, советници, чувари на затворите и бранители. Оптужените или осомничените ги немале имињата на сведоците кои сведочат против нив. Тие едноставно морале да ја зборуваат вистината и имињата на соучесниците. Во прилог на истрагата се пристапувало кон мачење. Најчести казни биле: одземање на имотот и сите права не само на оптужениот туку и на неговите роднини; потоа оптужениот е ставан во затвор. Упорните кривоверци биле осудувани на смрт и потоа спалувани. Тие кои се покајале биле задавени и потоа спалувани. Телата на умрените кривоверци се откопувани и потоа спалувани.

Инквизиторот себеси се сметал за одговорен единствено пред папата, а на суд можел да ги изведе и духовните авторитети поголеми од себе.

Делување[уреди | уреди извор]

Испитување на осуденик во време на шпанската инквизиција

Инквизицијата делувала брзо, и се потчинувала световната власт, а во самиот процес немало адвокатски расправи и образложенија. Пресудата обично била читана јавно на градскиот плоштад. На изрекувањето на пресудата задолжително и претходела проповед. Во присуство на илјадници луѓе, осудениот се појавувал облечен во посебно одело. Смртната пресуда обично била извршувана следниот ден. Всушност улогата на иквизицијата била во тоа што само прогласувала дека црквата не ги штити кривоверците и дека ги предава во рацете на државните закони. На кривоверците им бил одземан сиот имот и тоа во корист на државата, или црквата или пак самата инквизиција. Следува цитат од папата Никола II за инквизицијата од 1280 година:

Ние на овој начин им соопштуваме на сите кривоверци- катари, патарени, сиромашни луѓе на Лион… и сите други, па како и да се викаат. Кога Црквата ќе ги осуди, тие ќе бидат предадени на световниот судија да бидат казнети… ако било кој од нив, откако ќе го уапсат, се покае и посака да се покори, ќе добие доживотна робија. Сите кои ги бранат или им помагаат на кривоверците ќе бидат обележани. Ако било кој остане обележан година и еден ден, ќе биде прогонот… ако тие кои се осомничени за ерес не можат да ја докажат невиноста, пак ќе бидат обележани. Ако останат обележани година дена ќе бидат осудени како кривоверци. Тие немаат право на апелација… Секој кој ќе им одобри христијански погреб ќе биде обележан сè додека не изврши пропишан надоместок. Тој не може да биде ослободен од вина с додека со свои раце не ги ископа нивните тела и ги фрли… Им забрануваме на сите световни лица да расправаат за работи од католичката вера, а ако било кој го стори тоа, ќе биде обележан. Секој кој познава кривоверци, или оние кои одржуваат тајни состаноци, или оние кои во секој поглед несодејствуват со правоверието, мораат со тоа да го запознаат исповедникот, или некој друг кој за тоа ќе го извести бискупот или инквизиторот. Ако тој не постапи така, ќе биде обележан. Кривоверците и сите кои ги примаат, поддржуваат или им помагаат, како и сите нивни деца до второ колено, нема да бидат примани во црковна служба… На овој начин, сега сите такви засекогаш ги лишуваме од нивните црковен статус.

Осудување[уреди | уреди извор]

Инквизицијата пројавила посебен интерес за Франција со движењето на албижаните, односно на катарите. Таму во Лангдок, Алба, Нарбони, Авињон, дошло до остри судири во кои во 1242 година некои инквизитори биле убиени. Освен во Франција инквизицијата делувала и во Италија, Германија, Чешка, Шпанија, но не била подеднакво застапена во сите европски земји. Во Арагон, Кастиља, Португалија, Шпанија имало помалку кривоверци, а повеќе муслимани и евреи.

Папата Никола IX во 1278 година им дал задача на доминиканците да го зацврстат римокатолицизмот. Доминиканците со мисионерство создале силно движење против арапите и евреите, така што многу од нив биле принудени да го примат католицизмот. Таквите се нарекувале марани или новохристијани. Тие, меѓутоа, биле христијани само по име, а за самото христијанство претставувале голема опасност, затоа што особено во повисоките слоеви на народот ширеле ерес. Со доаѓањето на Фернандо II Арагонски и Изабела I Кастиљска во Шпанија триумфирал римокатолицизмот, а кривоверците биле прогонети. Така кон крајот на XV век во Шпанија дејствувала најдобро организираната инквизиција. На чело на инквизицијата биле личности кои со одобрение на кралот ги поставувал папата. Прв генерал на инквизицијата бил Торкемада. Инквизицијата дејствувала против новохристијаните, против јудејските ереси. Околу 170.000 евреи биле протерани во 1492 година, а голем дел од муслиманското население го примиле христијанството.

Тие како христијани биле познати под името мориски. Во 1609 година околу 600.000 мориски биле протерани од Шпанија, додека јудејската ерес се сметала дека е уништена кон крајот на XVI век. Освен евреите и муслиманите, биле прогонувани и протестантинте, франко-масоните, астролозите. Била спроведувана строга цензура на книгите, школите, политиката. Кон крајот на XVIII век инквизицијата била политички ангажирана во спречување на навлегувањето на либералните идеи од Франција.

Наполеон Бонапарт ја укинал инквизицијата во 1808 година, но повторно истата била обновена во 1814 година. Инквизицијата повторно била на удар во 1820 година. Конечно, во 1834 година, на интервенција на папата, инквизицијата била изгасната. Според некои статистики, последиците од инквизицијата предизвикале запалување на 34.628 лица, протерување на 18.049, а на други начини биле казнети околу 308.214 луѓе.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]