Изданок

Од Википедија — слободната енциклопедија
Изданоци од сончоглед

Изданокот или фиданка (лат. córmus) е еден од основните вегетативни органи на вишите растенија кој се состои од стебло на кое се наоѓаат листови и пупки.

Филогенија[уреди | уреди извор]

Во филогенијата, изданоците се појавиле како приспособување кон копнен начин на живот; настанале со преобразба на безлисните цилиндрични органи - теломи - присутни кај риниевите растенија. Појавата на изданокот (т.е. листостебленоста) е крупно усложнување на градбата во историјата на растителниот свет на Земјата. Благодарение на плоснатата форма на листовите, силно се зголемила фотосинтетската површина, а исто така се зголемила транспирацијата, што придонело за развиток на коренот како најпогоден орган за земање вода и минерални соли од почвата.

Онтогенија[уреди | уреди извор]

При онтогенезата, изданокот се развива од пупките на зародишот или од пазувните или додатни (адвентивни) пупки. Според ова, пупката се јавува како зародишен изданок. При `ртењето на семето од зародишната пупка се развива првиот изданок на растението - неговиот главен изданок или изданок од прв ред.

Од главниот изданок се образуваат странични изданоци или изданоци од втор ред, а со повторување на разгранувањето - од трет ред итн.

Адвентивни изданоци се формираат од адвентивните пупки.

Вака се образува систем од изданоци, претставен со главен изданок и странични изданоци од втор и последователен ред. Системот на изданоци ја зголемува општата површина на контакт меѓу растението и воздушната средина.

Во зависност од функцијата која ја исполнуваат, се разликуваат вегетативни изданоци, вегетативно-генеративни и генеративни. Вегетативните (невидоизменети) изданоци (што се состојат од стебло, листови и пупки) и вегетативно-генеративните (кои се делумно видоизменети и се состојат уште и од цвет или соцветие) ги земаат потребните состојки од воздухот за синтеза на органски и неоргански материи. Во генеративните (целосно видоизменети) изданоци најчесто не се одвива фотосинтеза, а се образуваат спорангии, чија задача е да го обезбедат размножувањето на растението (ваков изданок е цветот).

Изданокот на кој се образуваат цветови се нарекува цветоносен изданок или цветонос.

Основни делови на изданокот[уреди | уреди извор]

Двонеделен изданок од авокадо (Persea americana)

Вегетативниот изданок кој не е видоизменет претставува единечен орган на растението кој се состои од стебло, листови и пупки, кои се образуваат од општата маса на меристемско ткиво (конус на нараснување на изданокот) и во кој се наоѓа единечен спроводен систем. Стеблата и листовите (кои се јавуваат како основни градбени елементи на изданокот) често се разгледуваат како негови составни органи, односно органи од втор ред. Освен нив, задолжителен дел на изданокот се пупките. Главната надворешна одлика по која изданокот се разликува од коренот е присуството на листови.

За изданокот е карактеристична метамерност, односно појава на повторување на еднакви делови - метамери. Листовите на стеблото се наоѓаат во определен распоред, во зависност од типот на распределбата на листовите, а делот од стеблото во ниво на одделување на листот се нарекува нодиум (јазол или коленце). Ако основата на листот целосно го опкружува стеблото, нодиумот се нарекува скриен, а обратно - откриен. Делот од стеблото кој се наоѓа меѓу два нодиуми е познат како интернодиум (меѓујазол или меѓуколенце). Секој повторувачки сегмент на изданокот кој во себе вклучува нодиум под кој се наоѓа интернодиум, а на кој исто така се наоѓаат и листови и пупки, се нарекува метамер. Аголот меѓу листот и горниот интернодиум се нарекува лисна пазува.

Одлики на растот на изданокот[уреди | уреди извор]

Во сезонската клима на умерените широчини, растот и развојот на изданокот од пупката има периодичен карактер. Кај грмушките и дрвјата, но и кај повеќето многугодишни треви, тоа протекува еднаш во годината - напролет или на почетокот на летото, по што се образуваат зимските пупки на следната година, а на крајот од летото завршува есенскиот раст на изданокот. Изданоците кои растат од пупки за време на еден вегетациски период еднаш годишно, се нарекуваат годишни изданоци. Меѓутоа, формирањето на нови изданоци од пупки во тек на една астрономска година може да биде и нееднократно. Кај растенијата, чиј вегетативен циклус се состои од неколку периоди на раст, одделени со слабоизразени периоди на мирување, растечките изданоци се познати како елементарни. Така на пример, неретко кај дабот се формираат по два елементарни изданоци во текот на годината: првиот е пролетен, а вториот во средината на летото; изданоците од летниот период се нарекуваат иванови изданоци. Кај цитрусовите растенија, чајната билка, многу тропски дрвја се образуваат 3 - 7 елементарни изданоци во една година. Кај многу повеќегодишни треви, годишните и елементарните изданоци не се јасно разграничени.

Системот на изданоци на тревестите поликарпни растенија се состои од изданоци кои по плодоносот не одумираат целосно, а се зачувуваат нивните базални делови со пупките за растење. Ова се т.н. монокарпни изданоци. Во зависност од траењето на периодот од појавата на пупката до плодоносот, нив ги делат на моноциклични (циклусот на развиток на изданокот протекува во еден вегетациски период), дициклични (во две години) и полициклични (во три или повеќе години). Изданоците кои одумираат пред цветањето и плодоносот се нарекуваат изданоци со нецелосен циклус на развиток.

Разгранување на изданокот[уреди | уреди извор]

Бидејќи изданокот е осков орган, кај него присуствува апикален меристем, кој му овозможува неограничено растење во должина. Ваквиот раст е придружен повеќе или помалку со регуларно разгранување на изданокот. Кај нижите растенија, како резултат на разгранувањето, се добива разгранет талус, а кај вишите се образува систем од изданоци и корени. Разгранувањето дава многукратно зголемување на фотосинтетизирачката површина и со тоа му осигурува на растението органски материи.

Типови на разгранување[уреди | уреди извор]

Кај растенијата се забележуваат неколку типови на разгранување: дихотомно, моноподијално и симподијално. При дихотомното, конусот на нараснување се дели на два дела. При моноподијалното, врвната пупка функционира во текот на целиот живот, се образува главен изданок (оска од прв ред) на која со акропетална последователност се развива оска од втор ред, на нив од трет ред итн. Кај симподијалното разгранување една од врвните пазувни пупки образува оска од втор ред која расте во иста насока како и оската од прв ред, сместена странично од нејзиниот изумрен дел. Најпрво ваквата поделба била предложена од германскиот ботаничар Пфитцер кон крајот на XIX век.