Ендоплазматичен ретикулум

Од Википедија — слободната енциклопедија
Микрофотографија на грануларен ендоплазматичен ретикулум околу јадро (кое се наоѓа во долниот десен агол). Темните мали кругови се митохондрии.

Ендоплазматичниот ретикулум (латински: reticulum-мрежа) или кратко ЕР, е универзална органела која во клетката е претставена со систем на мембрански структури, кои најчесто се поврзани и формираат мрежа. Мембранските структури ограничуваат каналикуларен систем од плоснати простори означени како лумен на Ендоплазматскиот ретикулум. Испреплетените мембрански структури на ендоплазматичниот ретикулум во цитоплазмата, се во континуитет со надворешната мембрана на јадрената обвивка. Контактни места постојат и со другите органели (митохондриите, ендозомите, пероксизомите) но во овој случај не доаѓа до соединување на двете мембрани, при што тие не се во континуитет (мембрански контактни места).[1]

Структура[уреди | уреди извор]

Површината на мембраната на ЕР може да биде со рибозоми или без нив, па според тоа разликуваме груб (зрнест, грануларен) ендоплазматичен ретикулум и мазен (агрануларен) ендоплазматичен ретикулум, соодветно. Иако изгледаат како одделни структури, и двата се во континуитет и дел од една иста органела и претставуваат нејзини суб-компартименти, секој со засебна функционална специјализираност.[2] Рапавиот ЕР е претставен со цистерни (ќесести плоснти структури), мазниот ЕР со цевчести стуктури или тубули. Карактеристичниот изглед на рапавиот ЕР се должи на големиот број рибозоми кои се прикачени на цитозолната страна на мембраната на рапавиот ЕР. На рибозомите врзани за мембраната на рапавиот ЕР се одвива синтеза на секреторните и мембранските интегрални белковини, како и помал дел од цитозолните белковини.[2]

Функција[уреди | уреди извор]

Ендоплазматскиот ретикулум е мултифункционална органела и централно место на синтеза, транспорт, набирање и посттранслациона модификација на белковини, синтеза на масти и стероиди. ЕР претставува најголемо внатреклеточно складиште на калциум и со тоа има значајна улога во процесите на сигнална трансдукција.

Во скелетните мускулните влакна и срцевите мускули клетки, мазниот ендоплазматски ретикулум е особено развиен (таканаречен саркоплазматски ретикулум) и има улога преку ослободувањето на калциум во контракција на мускулите.

Мазниот ЕР е специјализиран главно за липидниот метаболизам – на ниво на мазниот ЕР се одвива синтезата на различни липиди (фофсолипиди, холестерол, стероидни хромони). Во мазниот ЕР на клетките на црниот дроб се одвиваат процеси на детоксификација и биотрансформација на ксенобиотици.

ЕР е има значајна улога за обновување на мембраните на клетката, преку синтеза на фосфолипиди  и регулација на везикуларниот транспорт. По митозата, воспоставувањето на нова јадрена обвивка се одвива на ниво на ЕР.

Подобро е развиен ендоплазматичниот ретикулум во клетките кои покажуваат поголема активност, како на пример, во клетките на мускулите, а кај младите недиференцирани клетки (ембрионални и творни) е послабо развиен.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Phillips, Melissa J.; Voeltz, Gia K. (2016-02). „Structure and function of ER membrane contact sites with other organelles“. Nature Reviews Molecular Cell Biology (англиски). 17 (2): 69–82. doi:10.1038/nrm.2015.8. ISSN 1471-0080. Проверете ги датумските вредности во: |date= (help)
  2. 2,0 2,1 Schwarz, Dianne S.; Blower, Michael D. (2016). „The endoplasmic reticulum: structure, function and response to cellular signaling“. Cellular and Molecular Life Sciences. 73: 79–94. doi:10.1007/s00018-015-2052-6. ISSN 1420-682X. PMC 4700099. PMID 26433683.