Емил Зола

Од Википедија — слободната енциклопедија
Емил Зола
Занимањепрозаист, драматург, новинар
НационалностФранцуско
ЖанрНатурализам
Значајни делаНана, Жерминал, Тереза Ракен
Потпис

Емил Зола (француски: Émile Zola; 2 април 1840 - 29 септември 1902) — француски писател, творец и најизразит претставник на натурализмот во книжевноста. Најпознати негови дела се романите: „Нана“, „Жерминал“, „Земја“, „Плодност“, „Пари“ „Слом“, „Тереза Ракен“ итн.

Животопис[уреди | уреди извор]

Емил Зола е роден на 3 април 1840 година, во Париз. Детството го поминал во Прованса, во друштво на Пол Сезан. Емил немал навршено ниту седум години кога умрел татко му, по што неговото семејство осиромашило. Подоцна, со надеж за подобрување на материјалната положба, заедно со мајка му, Емил се преселил во Париз. Откако двапати паднал на матурата, неговата мајка не можела повеќе да го издржува, така што тој морал да се вработи во царинарницата, како службеник, но по само два месеца дал отказ. Потоа, тој живеел во бедна мансарда, во голема сиромаштија, често хранејќи се само со леб натопен во масло.[1]

Зола бил голем борец за правдата и за вистината. Оттука, тој не останал рамнодушен во големата афера што ја потресла Франција во 1894 година, капетанот Драјфус бил осуден на робија поради шпиунажа. Уверен во неговата невиност, Зола застанал во негова одбрана, објавувајќи ја статијата „Обвинувам“ која социјалистот Гед ја прогласил за „најголемиот револуционерен чин на столетието“. Поради таа статија, Зола бил обвинет за навреда на армијата и осуден на затворска казна во траење од една година, но наговорен од пријателите, тој пребегал во Англија, каде останал 11 месеци. Потоа, кога Касацијата ја поништила пресудата на капетанот Драјфус, Зола се вратил во Франција. Тогаш, сметајќи дека ја завршил својата мисија, Зола се повлекол од јавниот живот. Зола умрел неочекувано, на 29 септември 1902 година, задушувајќи се при спиење од чадот што излегувал од каминот. Веста за неговата смрт одекнала низ целиот свет, а најпознатите весници објавиле пофални прилози нарекувајќи го со зборовите: „голем дух за кого светот беше премногу мал“, „голем неимар на човечката добрина и на социјалното братство“, „голем писател чија огромна уметност беше израз на вистината и орудие на општествениот спас“, „писател кој имаше пресуднно влијание врз ориентацијата во пишувањето на нашето време“ итн.[2]

Творештво[уреди | уреди извор]

Уште во младоста, Зола бил полн со самодоверба и верувал дека ќе стане славен писател. Најпрвин пишувал поезија, а потоа преминал на проза и за три години објавил осум книги. На возраст од 30 години, Зола го направил планот за циклусот од 31 роман со заеднички наслов „Ругон-Макари“, во кој е дадена историјата на едно семејство во периодот на Второто царство, а која според пристапот потсетува на БалзаковатаЧовечка комедија“. Во овие романи, некои подобри а некои послаби, јасно се манифестираат сите најважни тенденции на натурализмот: детерминистичката филозофија, сведување на сите акции и мисли на физиолошки причини, брутален поглед на светот, сведување на љубовта на сексуален нагон, инсистирање на болни, морално и физички расипани ликови, омраза кон општественото уредување итн. Најпознати романи од овој циклус се: „Жерминал“, „Трујалница“, „Нана“, „Во зовриениот лонец“, „Слом“ итн.[3]

Осврт кон делото на Зола[уреди | уреди извор]

Зола спаѓа во кругот на ретките писатели кои не ја изгубиле современоста ниту повеќе децении по смртта. И денес, неговите дела се читаат многу и се преведуваат на голем број јазици. Делото на Зола сè уште живее и ги распалува страстите при што едни го фалат со восхит, а други го напаѓаат. Популарноста на Зола се должи на тоа што тој е поборник за посреќна иднина на луѓето, борец против нееднаквоста и паразитите во општеството, борец за вистината, писател со смела мисла.[4]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Dušan Milačić, „Pogovor“, во: Emil Zola, Tereza Raken. Beograd: Rad, 1963, стр. 187.
  2. Dušan Milačić, „Pogovor“, во: Emil Zola, Tereza Raken. Beograd: Rad, 1963, стр. 188.
  3. Dušan Milačić, „Pogovor“, во: Emil Zola, Tereza Raken. Beograd: Rad, 1963, стр. 187-188.
  4. Dušan Milačić, „Pogovor“, во: Emil Zola, Tereza Raken. Beograd: Rad, 1963, стр. 189.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

  • Dreyfus Rehabilitated Архивирано на 11 март 2012 г.
  • Émile Zola at InterText Digital Library (француски)
  • Émile Zola at Livres & Ebooks Архивирано на 4 мај 2016 г. (француски)
  • Émile Zola exhibition at the Bibliothèque nationale de France
  • Livres audio gratuits pour Emile Zola Архивирано на 31 декември 2010 г. (француски)
  • Woehr, Jack J. (2004). „The Rougon-Macquart Novels of Emile Zola (for English-speaking Readers)“. Посетено на 28 January 2011.
  • Села за Емил ЗОла на Семрежниот архив
  • Дела од Емил Зола во Open LibraryСемрежен архив
  • Дела од Émile Zola на проектот „Гутенберг“