Еластичност (економија)

Од Википедија — слободната енциклопедија

Еластичноста претставува еден од основните концепти во микроекономијата, т.е. во теоријата на понудата и побарувачката. Еластичноста покажува како реагираат понудата и побарувачката на промените на факторите од кои зависат тие. Еден начин да се дефинира еластичноста е: процентуалната промена на една променлива поделена со процентуалната промена на друга променлива (позната како лачна еластичност, која ја пресметува еластичноста за опсег на вредности, за разлика од точкестата еластичност која користи диференцијални равенки за пресметка на еластичноста на одредена точка на кривата на понудата или побарувачката.)

Значајна одлика на еластичноста е тоа што таа не е само коефициент на наклон на функцијата. На пример, една права со константен коефициент на наклон ќе има различна еластичност на различни точки. Оттаму, мерката на еластичноста е независна од мерните големини во кои се изразени цените и количествата (унци и грама, метри и милји), додека мерката на наклонот зависи од нив.[1] Концептот на еластичноста прв го популаризирал англискиот економист Алфред Маршал.[2]

Пресметка на еластичноста[уреди | уреди извор]

Еластичноста може да се пресмета како количник на процентуалната промена на количината и процентуалната промена на цената. На пример, ако цената се зголеми од 1 долар на 1.05 долари, а понудената количина поране од 100 пенкала на 102 пенкала, тогаш коефициентот на наклон е 2/0,05 = 40 пенкала по долар. Поради зависноста на еластичноста од процентуалните промени, понудената количина на пенкала пораснала за 2%, а цената за 5%, така што еластичноста изнесува 2%/5% = 0,4.

Еластичност во точка[уреди | уреди извор]

Вообичаената дефиниција на еластичноста е онаа според која таа претставува однос меѓу релативната промена на количеството и релативната промена на цената на производот при што се претпоставува дека двете промени се бесконечно мали. Изразено симболично, еластичноста (η) се пресметува на следниов начин:[1][3]

η = ΔQ/Q : ΔP/P = ΔQ/ΔP • P/Q

каде: Q е количеството, P е цената, додека Δ е нивната апсолутна промена.

Исто така, еластичноста во точка може да се изрази и графички на следниов начин: се избира една точка на кривата на побарувачката (или понудата) и се повлекува права линија која ја допира кривата во избраната точка; со други зборови, се наоѓа тангентата на кривата на побарувачката во избраната точка; тангентата се продолжува до апсцисата (на која е прикажано количеството) и до ординатата (на која е прикажана цената); на тој начин, избраната точка ја дели тангентата на две отсечки; еластичноста во точката се пресметува како однос меѓу должината на долната и горната отсечка.[4]

Лачна еластичност[уреди | уреди извор]

Еластичноста во точка е применлива само ако кривата на понудата или побарувачката е континуирана линија, но не и во случаите кога се расположливи само неколку цени и количества. Во тој случај се пресметува лачната еластичност која претставува апроксимација на вистинската еластичност. На пример, ако се дадени комбинации од две цени и две количества, тогаш не може да се пресмета една еластичност, зашто постојат берзброј криви на побарувачката (или понудата) кои можат да поминат низ тие две точки. Лачната еластичност е еквивалентна на повлекувањето права линија меѓу две точки и пресметување на еластичноста во точката што се наоѓа на средината меѓу двете точки. Конкретно, лачната еластичност се пресметува со следнава формула:[5]

η = (Q0 - Q1)/(Q0 + Q1) : (P0 - P1)/(P0 + P1) = (Q0 - Q1)/(Q0 + Q1) • (P0 + P1)/(P0 - P1)

каде: Q0 и Q1 се првото и второто количество, а P0 и P1 се првата и втората цена.

Еластичност на побарувачката[уреди | уреди извор]

Според општиот закон на побарувачката, ако се намали цената на некој производ, потрошувачите ќе сакаат да купат поголемо количество. Процентуалната промена на бараното количество при промена на цената се нарекува еластичност на побарувачката (elasticity of demand). Еластичноста на побарувачката може да биде различна, т.е. во некои случаи, таа е голема, а другпат мала. Ако цената на производот се намали за еден процент, а бараното количество се зголеми, исто така, за еден процент, тогаш еластичноста на побарувачката изнесува еден; ако бараното количество се зголеми за два проценти при намалување на цената за еден процент, тогаш еластичноста на побарувачката е еднаква на два, итн.

По правило, еластичноста на побарувачката е различна по должината на кривата на побарувачката: ако цената на производот е висока, тогаш еластичноста е голема, а онака како што се намалува цената на производот, еластичност на побарувачката е сè помала. Бидејќи што е висока а што ниска цена зависи од општествената класа на која ѝ припаѓа потрошувачот, тоа значи дека еластичноста на побарувачката за ист производ се разликува кај богатите и кај сиромашните луѓе. На пример, еластичноста на побарувачката на месо е мала кај богатите луѓе, а голема кај сиромашните луѓе: при намалување на цената на месото, богатите луѓе нема да ја зголемат својата побарувачка, додека побарувачката на месо ќе се зголеми значително кај сиромашните луѓе. Обично, производите со мошне различна употреба (на пример, водата) се одликуваат со висока еластичност на побарувачката, додека еластичноста на побарувачката е ниска кај луксузните производи и кај производите што се неопходни за живот (на пример, лебот).[6] Општо правило во однос на еластичноста на побарувачката е дека таа е бројчено висока, ако за производот има блиски супститути, иако во праксата е тешко да се определи степенот на супституција меѓу хетерогените производи.[7] Кога се зборува за еластичноста, може да се занемари времето, т.е. по правило, производите со висока еластичност на побарувачката на долг рок имаат и висока еластичноста на побарувачката на кус рок.[8] Меѓутоа, кога се зборува за еден определен производ, тогаш, еластичноста на неговата побарувачка зависи од времето, т.е. на долг рок, побарувачката е поголема.[9]

Еластичноста е различна по должината на кривата на побарувачката. Единствени исклучоци се хоризонталните и вертикалните криви на побарувачката каде коефициентот на еластичност е еднаков во секоја точка. Меѓутоа, во вообичаениот случај на надолна линеарна крива на побарувачката, еластичноста е различна по должината на кривата. Кај ваквите криви на побарувачка, коефициентот на еластичност е повисок при повисоки цени. Така, ако цената на производот е нула, тогаш коефициентот на еластичност изнесува нула, а тоа се нарекува совршено нееластична поабрувачка. Долната половина на кривата на побарувачката (од средината на кривата до точката каде таа ја сече хоризонталната оска), еластичноста се движи од нула до -1 и тоа е случај на нееластична побарувачка. Во средината на кривата на побарувачката, коефициентот на еластичност е еднаков на -1, односно станува збор за единечна еластичност. Од средината на кривата на побарувачката нагоре, еластичноста е помал од -1, т.е. тогаш се работи за еластична побарувачка. Најпосле, на точката каде кривата на побарувачката ја сече вертикалната оска, коефициентот на еластичност изнесува бесконечност и тоа е случај на совршено еластична поабрувачка. Сепак, постојат и криви на побарувачка каде еластичноста е еднаква во секоја точка. На пример, такви се хоризонталните и вертикалните криви на побарувачката. Кривата на побарувачката на некој производ е хоризонтална ако купувачите го сметаат тој производ за еднаков на друг производ, така што се рамнодушни за тоа кој производ ќе го купат. Вертикални се кривите на побарувачката за најважните, суштинските производи кои потрошувачите мора да ги купат по која и да било цена.[10]

Еластичноста на побарувачката на еден производ во однос на промената на цената на друг производ се вика вкрстена еластичност (cross-elasticity). Таков е случајот со еластичноста на побарувачката во однос на производите кои служат како супститути (го заменуваат дадениот производ) или комплементи (се надополнуваат со дадениот производ). Притоа, вкрстената еластичност во однос на блиските супститути е позитивна, додека во однос на блиските комплементи е негативна. По правило, колку производите сè поголеми супститути, толку вкрстената еластичност е повисока. На пример, еластичноста на побарувачката на определена марка кафе во однос на цената на другите марки кафе е многу висока, додека вкрстената еластичност на кафето во однос на другите пијалаци е помала. Бидејќи поголемиот број производи не се блиски суспститути или блиски комплементи меѓу себе, тешко е да се определи знакот или големината на вкрстената еластичност на нивната побарувачка.[11][12]

Доходна еластичност на побарувачката[уреди | уреди извор]

Кога се зборува за еластичноста на побарувачката, вообичаено се мисли на ценовната еластичност. Меѓутоа, еластичноста на побарувачката може да се набљудува и во однос на доходот на потрошувачите, а таа се нарекува доходна еластичност. Имено, промената на доходот ја поместува кривата на побарувачката при што целата крива може да се зголеми или да се намали. Доходната еластичност на побарувачката ја покажува процентуалната промена на бараното количество во однос на процентуалната промена на доходот, односно:[13]

ξ = ΔQ/Q : ΔY/Y = ΔQ/ΔY • Y/Q

Притоа, ако бараното количество се зголемува при пораст на доходот, доходната еластичност е позитивна; ако бараното количество не се менува при промена на доходот, коефициентот на еластичност изнесува нула; и ако бараното количество се намалува при пораст на доходот, тогаш доходната еластичност е негативна.[13]

Значење на еластичноста[уреди | уреди извор]

Ако побарувачката има единечна еластичност, тоа значи дека по целата крива на побарувачката производот меѓу цената и количеството (приходот од продажбата) ќе биде еднаков. Со други зборови, независно како се менува продажната цена, приходот на фирмата ќе остане непроменет. Ако пак се работи за нееластична побарувачка, тогаш при намалување на цената, количеството ќе порасне за помал процент. Оттука, ако се намали цената ќе дојде до намалување на приходот од продажбата. Спротивно, при еластична побарувачка, ако се промени цената, продаденото количество ќе се промени за поголем процент и во случај на намалување на цената, приходот од продажбата ќе се зголеми. Оваа врска меѓу еластичноста на побарувачката и приходот од продажбата е прикажан во следнава табела.[14]

Табела 1. Еластичноста и приходот од продажбата

Насока на промената на цената Нееластична побарувачка Единечна еластичност Еластична побарувачка
Пораст на цената Приходот расте Приходот не се менува Приходот опаѓа
Намалување на цената Приходот опаѓа Приходот не се менува Приходот расте

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 George J. Stigler, The Theory of Price, third edition. New York: The Macmillan Company, 1966, стр. 329.
  2. George J. Stigler, The Theory of Price, third edition. New York: The Macmillan Company, 1966, стр. 328-329.
  3. Jeffrey Perloff, Microeconomics (fourth edition). Boston etc.: Pearson/Addison-Wesley, 2007, стр. 48.
  4. George J. Stigler, The Theory of Price, third edition. New York: The Macmillan Company, 1966, стр. 330-331.
  5. George J. Stigler, The Theory of Price, third edition. New York: The Macmillan Company, 1966, стр. 331-333.
  6. Alfred Marshal, Principles of Economics. Amherts, New York: Prometheus Books, 1997, стр. 102-109.
  7. George J. Stigler, The Theory of Price, third edition. New York: The Macmillan Company, 1966, стр. 25-26.
  8. Alfred Marshal, Principles of Economics. Amherts, New York: Prometheus Books, 1997, стр. 272.
  9. George J. Stigler, The Theory of Price, third edition. New York: The Macmillan Company, 1966, стр. 26-29.
  10. Jeffrey Perloff, Microeconomics (fourth edition). Boston etc.: Pearson/Addison-Wesley, 2007, стр. 50-52.
  11. George J. Stigler, The Theory of Price, third edition. New York: The Macmillan Company, 1966, стр. 31-33.
  12. Jeffrey Perloff, Microeconomics (fourth edition). Boston etc.: Pearson/Addison-Wesley, 2007, стр. 54.
  13. 13,0 13,1 Jeffrey Perloff, Microeconomics (fourth edition). Boston etc.: Pearson/Addison-Wesley, 2007, стр. 53.
  14. George J. Stigler, The Theory of Price, third edition. New York: The Macmillan Company, 1966, стр. 333-334.