Европска економска заедница

Од Википедија — слободната енциклопедија

Европска економска заедница (ЕЕЗ) — европска економска организација што ја сочинувале 6 земји од Западна ЕвропаФранција, Западна Германија, Италија, Белгија, Холандија и Луксембург. Настанала во 1957 г. кога овие шест земји ги ратификувале Римските договори[1], а престанала да постои во 1967 г. кога се обединила со Европската заедница за јаглен и челик и Европската заедница за атомска енергија, што претставувало почеток на Европската заедница.

Основни цели на оваа организација биле изградбата на заеднички пазар врз основа на царинска унија, односно решавање на сите економски препреки, координирање на стопанската политика и подигање на животниот стандард во рамките на Заедницата.

Историја[уреди | уреди извор]

Откако во 1954 година пропаднаа амбициозните планови за една Европска одбранбена заедница - а со тоа и за една Европска политичка заедница - значи за една наднационална соработка во високополитичка и сензибилна област, се постави прашањето „што сега“? Во оваа ситуација, владите од земјите на Бенелукс приложија предлози за понатамошни чекори за интеграција, коишто беа сконцентрирани на економската област.

Кон средината на 1955 година, на една конференција во Месина, предлозите на земјите на Бенелукс беа многу позитивно примени од страна на министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕЗЈЧ (Европската заедница за јаглен и челик). Беше поставена комисија од претставници на влади под претседателство на белгискиот министер за надворешни работи Пол-Хенри Спаак, којашто требаше да изработи извештај, а на преговорите ја покани и Велика Британија, но таа се повлече во ноември 1955 година, не гледајќи можности за реализација на нејзините претстави за слободна трговска зона.

Сепак - извештајот, кој беше приложен во април 1956 година, претставуваше темел за преговорите што се одржуваа во текот на годината и на кои, понекогаш со многу мака, требаше да биде најдено израмнување на интересите, посебно меѓу Германија и Франција. На крајот, сепак, беше постигната согласност и договорите за основање една Европска економска заедница (ЕЕЗ) и Европска атомска заедница (ЕАЗ) беа потпишани од страна на шесте држави-членки на ЕЗЈЧ на 25 март 1957 година во Рим - поради што договорите го носат името Римски договори, коишто стапија во сила од 1 јануари 1958 година.

Во преден план стоеше целта за создавање заеднички пазар, значи, за потполно отстранување на трговските рампи помеѓу земјите-учеснички, во што функционално принудувачи спаѓаа заедничка надворешна царина и заедничка трговска политика. Токму со тоа се занимаваше и преовладувачкото мнозинство на одредбите од договорот. Затоа, пак, во навистина општа форма останаа упатствата за координирање на економската и монетарната политика, како и за други области, како на пример аграрната, сообраќајната или одредени аспекти на социјалната политика.

Ако договорот го споредиме со уставот на еден национален политички систем, ќе добиеме една потполно поинаква ситуација. Додека во уставите на националните политички системи едвај може да се најде нешто за политики или поединечни области, таквите одредби го сочинуваат јадрото на ЕЕЗ-договорот. Се разбира дека тој содржи и класични уставни одредби, и тоа таму, каде што станува збор за создавање на институционални структури на новата Заедница и за меѓусебниот однос на органите.

Дека како основа за изработка на оваа институционална рамка служеше ЕЗЈЧ-договорот, се покажа во фактот дека беше преземено именувањето на три од органите (Совет на министри, Собрание, Врховен суд). Наместо Високата управа, беше основана една комисија, која требаше да биде иницијатор за заедничка политика и за нејзино спроведување, а освен тоа поседуваше и неколку други сопствени компетенции. Во односот помеѓу Комисијата и Советот на министри можеше да се востанови, во споредба со ЕЗЈЧ, едно видно поместување на компетенциите на Советот а со тоа и на државите-членки.

Дефинирање на Заедничкиот Пазар[уреди | уреди извор]

Многу од политиките на ЕУ на еден или друг начин се поврзани со развојот и одржувањето на еден делотворен единствен пазар. Значителни напори се вложени за создавање на хармонизирани стандарди - кои се создадени за да донесат економска корист преку создавање на поголеми и поефикасни пазари.

Моќта на Единствениот пазар зафаќа и надвор од границите на ЕУ, зашто за да се продава во рамките на ЕУ, корисно е прилагодувањето на нејзините стандарди. Штом фабриките, земјоделците и трговците од некоја земја која не е членка на ЕУ се прилагодат кон стандардите на ЕУ, многу од трошоците за приклучување кон Унијата веќе се намалени. До оваа точка, хармонизирањето на домашното законодавство со цел станување на полноправна членка е релативно безболно и може да создаде поголемо богатство преку елиминирањето на царинските трошоци.

Единствениот пазар има како интерни така и надворешни аспекти.

Внатрешна Политика[уреди | уреди извор]

  • Слободна трговија на стоки и услуги помеѓу државите членки (цел која е понатаму проширена врз трите од четирите држави членки на ЕФТА преку Европската економска област (ЕЕА).
  • Заедничко право за конкуренција што ги контролира активностите против конкурентноста на компаниите (преку законот против трустовите и контролата на спојувањето) и на државите членки (преку режимот на државна помош).
  • Шенгенски договор што овозможи отстранување на внатрешните гранични контроли и хармонизација на надворешните контроли помеѓу неговите држави членки. Тој ги исклучува Британија и Ирска, кои имаат дерогации, но ги вклучува Норвешка и Исланд, кои не се членки на ЕУ. Исто така, Швајцарија преку референдум во 2005 гласаше да стане дел од Шенгенската зона.
  • Слобода за граѓаните од нејзините држави членки да живеат и да работат каде било во ЕУ, ако можат да се издржуваат (исто така проширено врз членките на ЕЕА).
  • Слободно движење на капиталот помеѓу државите членки на ЕУ (и на ЕЕА).
  • Хармонизација на владините регулативи, корпорациското право и регистрирањето на заштитни марки.
  • Единствена валута, евро (без Британија и Данска, кои имаат дерогативи). Шведска, иако нема донесено посебна клаузула за истапување, не е членка на Механизмот за курсна размена 2, доброволно исклучувајќи се себеси од монетарниот сојуз.
  • Голем број еколошки политики координирана преку ЕУ.
  • Заедничка аграрна политика и Заедничка рибарска политика.
  • Заеднички систем на индиректно оданочување, ДДВ, како и заеднички царини на разни производи.
  • Обезбедување парични средства за развојот на недоволно развиените региони (структурни и кохезиски фондови).

Надворешна Политика[уреди | уреди извор]

  • Заедничка тарифа на надворешните царини и заедничка позиција во меѓународните трговски преговори.
  • Обезбедување парични средства за програмите во земјите кандидати и во останатите источноевропски земји, како и за помош во многу земји во развој, преку своите ФАРЕ и ТАЦИС програми.

Значење на пазарот за земјите членки и нивната економија[уреди | уреди извор]

Евро монети

ЕУ претставува е најголема економска заедница во светот со 12,165,150 милиони евра БДП во 2009 година[2]. Крајната политичка цел на зедничкиот пазар е создавање на нов глобален економски играч покрај Америка, Кина а во последно време повторно и Русија. Во евро-жаргонот, често овие челни компании кои најмногу профитираат од заедничкиот пазар се нарекуваат „европските шампиони“.Од логиката на либерализација во рамките на Унијата може да се извлече реториката која ги велича доблестите на „европските шампиони“—фирми кои оперираат преку европските граници и можат да бидат клучни глобални конкуренти. Според едно размислување во Брисел, таканаречените европски шампиони треба да ја поткрепат амбицијата на ЕУ да стане главен економски играч во светската економија—најважната мисија изнесена во Лисабонската агенда. Веќе неколку децении водечките земји-членки на ЕУ се обидуваа да ја достигнат маестралноста на американските и јапонските фирми, а понатамошниот развој на Унијата требаше да оди во овој правец. Во последнава деценија ова соперништво доби дополнителна димензија како резултат на економскиот пораст на Кина, Индија и другите азиски земји.

Меѓутоа, неодамнешните настани кои се случија во ЕУ не се вклопуваат во концептуалната рамка опишана погоре; наместо тоа, тие се судираат со логиката на единствен пазар. На пример, највлијателните земји во Унијата користат разни средства за го задржат приматот на домашниот капитал во банкарството, јавните услуги и другите сектори за кои се смета дека имаат нацонална стратешка важност.

Инструменти на заедничкиот пазар[уреди | уреди извор]

Како еден од најмоќните и највлијателни инструменти на Европската Унија која ќе гарантира развој и оддржливост на заедничкиот пазар е Европската Инвестициона Банка. Создавањето на ЕИБ беше дел од основачкиот договор на Европската економска заедница, Римскиот договор од 1957. ЕИБ мораше да се осигура дека растот нема да се концентрира околу областите што напредуваа додека назадните области (како италијанскиот Мецоџорно) да заостануваат. Некои држави-членки не беа спремни да ја создадат ЕИБ кога институција со слични задачи веќе постоеше: Светската банка. Сепак, политичкиот мотив да се основа институција покрај американски доминантната Светска банка, во опоравена Европа се покажа посилен. Досега ЕИБ е најголема од мултилатералните банки за развој, вредноста на одобрените заеми се зголеми од 35 милијарди евра во 1999 до 41 милијарда евра во 2000 година со тоа надминувајќи ја финансиската големина на Светската банка. Основна задача на ЕИБ е да придонесе во развојот на заедничкиот пазар на Европската унија. За таа цел, одобрува долгорочни заеми и гаранции. Дваесет проценти од заемите на ЕИБ ги сочинуваат т.н глобални заеми. Ова се заеми преку посредници, обично национални или локални банки, наменети за мали и средни претпријатија. Основна задача на ЕИБ е да придонесе во развојот на заедничкиот пазар на Европската унија. За таа цел, одобрува долгорочни заеми и гаранции. Дваесет проценти од заемите на ЕИБ ги сочинуваат т.н глобални заеми. Ова се заеми преку посредници, обично национални или локални банки, наменети за мали и средни претпријатија.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]