Драмско востание

Од Википедија — слободната енциклопедија
Драмско востание
Дел од окупацијата на Грција од страна на Оската

Споменик на загинатите во востанието во Драма
Датум 28–29 септември 1941
Место Драма, Бугарска-окупирана Грција
Исход Потиснат бунт, масовни репресалии од бугарската армија
Завојувани страни
Комунистичка партија на Грција (КПГ)  Бугарија
Окупирана Грција во текот на Втората светска војна.

Драмско востаниевостание кренато на 29 септември 1941 година од страна на грчкиот и македонскиот народ против бугарската власт под раководство на Комунистичката партија на Грција. Како резултат на востанието се убиени 3.000 лица од грчко-македонска страна и 211 од бугарска.

Подготовките за окупација[уреди | уреди извор]

Подготовките за окупација на Егејскиот дел на Македонија и Западна Тракија, ја вклучуваа Бугарија и во планот на Мусолини и во планираните окупациони активности на Хитлер.[1] На состанокот кој го одржал Мусолини во палатата „Венеција“ на 15 октомври тој истакнал: „Бугарија може да влезе во нашата игра и јас нема да се поколебам да ги преземам потребните мерки за да ја искористам единствената можност што ми се укажува, нејзе да и се овозможи реализирање на аспирациите кон Македонија и добивање излез на морето“.[2]

Додека пак Хитлер улогата на Бугарија ја одредуваше преку воениот план Марита, според кој бугарските дивизии би биле ангажирани да ја обезбедуваат бугарско-турската граница, во случај Турција да застане на сојузот против Германија. Во западна Тракија едно мало пространство во близина на реката Марица, било прогласено за неутрална зона од страна на Германија и истовремено окупирано од германските војски. Централниот дел на Егејска Македонија (западно од реката Струма, па сè до Лерин на запад), потпаднал под Гермнаска окупација, додека западниот дел од Лерин вклучувајќи го и градот Костур па сè до албанската граница било под окупација на Италијанските сили.[1]

Кон средината на април 1941 година, германските сили кои први навлегле во Источна Македонија и Западна Тракија по пробивот на фронтот, постепено се повлекувале, а ги поставувале бугарските војски на нивните позиции. Лично Бугарскиот Цар Борис III, ги посетил Драма и Дедеагач (Александрополис) и одржал говори со цел да го успокои месното грчко и македонско население на кое им го гарантирал животот, честа и имотот. Но, вистинското лице на бруталната денационализаторска политика на Бугарија, искажана преку нивните воени единици, било посведочено на самиот терен.[1]

Пред востанието[уреди | уреди извор]

Градовите Драма и Кавала, претставувале силно јадро на работничкото движење во Грција. Доказ за тоа се општинските избори одржани во 1935, кога за градоначалник на Кавала бил избран Парцалидис, а во Сер Менихтас и двајцата припадници на КПГ. Како најактивно гратче се посочува Просечен, во чиј округ имало развиена силна мрежа и партиска организација. Кон крајот на јуни 1941 година Покраинскиот комитет за Македонија и Тракија на КПГ, донело одлука за формирање на партизански единици и за отпочнување на вооружена борба, што било мал предвесник за Драмското востание.[1]

Непосредно пред востанието забележана е активноста на учителот Атанас Гениос од село Ираклија (Баракли - Џумаја по старо), кој подоцна е познат како комесар на 11та дивизија на ЕЛАС под името Ласанис. Тој во август 1941 се појавува како водач на партизанска чета Одисеас Андруцос. Додека во Кукуш пак, се појавила друга група под името Атанасиос Гијакос. Одредот Одисеас Андруцос извел диверзантски напади на полициските станици во селата Ефкарпија и Мавроталаса, при што до темел ги запалило полициските станици. Втора значајна акција била изведена на 22 септември 1941 кога бил нападнат германски конвој во близина на гратчето Лахна. По ова следел силен одговор од Германските сили, поради кои четите скоро и се расформирале.[3]

Нивното возобновување се случило скоро паралелно со окупацијата на оваа територија. Па така, под иницијатива на Џанис Апостолос, Барба Параскевас, Мазаракис Арабаџис, Масракис Ламброс, браќата Петрос и Аргир Крокос, Петар Пастрамџи, Ѓорѓи Бончев, Николаидис, Атанас Карамусули, Георгиос Поридис и други, се појавуваат нови форми на организиран отпор и логистички акции. Комитетот на КПГ за Драма, набрзо ќе почне да го издава и дистрибуира илегалниот весник Неос Дромос (Нов Пат), додека повремено биле издавани летоци и на македонски јазик.[1][3]

На 20 август 1941, останува забележан говорот на Петар Пастрамџи (Македонец по род, подоцна познат како капетан Кичо) на првиот пленум на Околискиот комитет на КПГ за Драмско, каде информира дека е веќе оформен штаб на кој му се потребни борци кои немаат свои семејства. По сведовшто на еден од учесниците во ова востание Ѓорѓи Бончев, од партизанскиот штаб на планината Макрош, се дала наредба за отпочнување на напади врз општините, полициските участоци и касарните со цел да се парализира окупаторот. А, датумот одреден за отпочнување на овие акции била, ноќта помеѓу 28 и 29 септември 1941 година во 23:00 часот.

Историја[уреди | уреди извор]

Бугарски војници позираат со глави исечени на востаниците (грци и Македонци) - Септември 1941, Драма.

Во одредениот саат групата од Просечен извршиле напад на општината со 9 борци, полицискиот участок со 20, додека касарната со останатите 18 борци. Утрото на 29ти септември, во гратчето Просечен била прогласена народна власт. На овој митинг на македонски јазик се обратил Ѓорѓи Бончев, додека прокламацијата за востанието на грчки јазик била прочитана од Андониос Николаидис. Истиот ден тие се сочиле со силен напад од бугарската војска подржан од два авиона, кои фрлиле бомби. Борците успеале да ги одбијат сè до ноќта, кога добиле силна поддршка од минофрлачи и артилерија, по што зпаочнал вистински масакр на населението во Просечен. Во овие борби загинале десеттина борци: Иван Велјанчев, Васил Шапков, Христо Европов, Ѓорѓи Шапера, и Ифандополос. Додека Прокоп Караиванов бил претепан до смрт, а Христо Болуџиевски, Димитар Росиловалиев, Ѓорѓи Пејков и двајца борци од село Волак биле осудени на смрт и стрелани.

Паралелно со нападаот во Просечен, извршен е напад и во Доксат, Егри-Дере, Карликово (Микрополис), Чали (Ситагрос), Кубалишта и Силиндрик.[4] Со извиците Зито и Ура, грчките и македонските партизани ги освоиле улиците на гратчето Доксат.

Слично како во Просечен и во Доксат бугарските сили навлегле во градот следниот ден и почнале да влегуваат од куќа во куќа апсејќи ги сите мажи над 16 години. Бугарските власти го задушиле востанието при што биле убиени околу 3.000 души.[3]

По неуспехот во Драма и при првите контрадејствија на бугарските сили, партизаните се повлекле во базите во Кушница и Чал даг за да се прегрупираат. Бугарските воени и полициски сили започнале со настапување и на 30 септември востаниците се повлекле од рамните области и борбите се фокусираат во северните области на Кавалско и Правишко. Во текот на овие три дена 29, 30 септември како и 1 октомври се смета дека се масакрирани околу 2500 до 3000 души во околината на Драма. Оваа бројка е потврдена и од бугарскиот даночен службеник од Драма, Петар Јанков, во делото Црна книга на бугарските злосторства во Источна и Македонија и Западна Тракија 1941-1945, издадена во Атина 1945 година на страна 22. Како главни наредбодавци и глумци на овие колежи се посочени бугарските и воени лица полковникот Михаилов, мајорот Пецев како и командантот на полицијата Стефан Магелански.[1]

Бугарскиот колеж и терор се проширил и вон Драмската околија. Најголем масакр бил извршен на планината Пангеон во манастирот Света Богородица (Иконосафиниса), каде што биле исклани неколку стотици жени и деца. Бугарските власти формираат три жандармериски групи, кои од 1 до 6 октомври започнале со чистење на регионот. Со помош на артилерија и авијација базите на востаниците во Кушница и Чал даг се уништени. Последните остатоци на отпор се уништени до 5 ноември.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 Драмското востание. Скопје: Радио-телевизија Скопје. март 1968. На |first= му недостасува |last= (help)
  2. Drugi svjetski rat u memoarima Winstona Churchilla. Загреб: Školska knjiga. 1952. стр. 123. На |first= му недостасува |last= (help)
  3. 3,0 3,1 3,2 Хр. Андоновски, „Македонците под Грција во борбата против фашизмот (1940–1944)“, Скопје, 1968.
  4. Mazower, Mark (2016). After the War Was Over: Reconstructing the Family, Nation, and State in Greece, 1943-1960. Princeton University Press. p. 292. ISBN 9781400884438.