Грб на Бугарија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Грб на Бугарија
Подробно
Усвоен1997
ШтитЦрвено, златен исправен крунисан лав
Држачи2 златни крунисани лавови
Подножједве вкрстени дабови гранки со желади
МотоОбединувањето ја прави силата
Други елементиШтитот е крунисан со царската круна на второто Бугарско Царство украсена со 5 крста и 1 крст на целата круна

Грбот на Бугарија е дефиниран во Уставот на Република Бугариjа од 1991 година и претставува исправен златен лав на црвено поле во формата на штит.[1]

Блазон[уреди | уреди извор]

Блазонот на бугарскиот грб е детално опишан во посебен Закон за државниот грб, донесен од Народното собрание во 1997 година.[2] Грбот на Република Бугарија претставува исправен златен крунисан лав на црвено поле во форма на штит. Над штитот има круна со пет крста и над самата круна има еден исправен крст. Штитот го држат два златни крунисани лавови во исправена положба, свртени кон штитот од лева и десна хералдичка страна. Тие стојат врз две вкрстени дабови гранки со желади. Под штитот има бела лента со тробоен кант на која со златни букви е испишано на бугарски „Съединението прави силата“ или во превод „Обединувањето ја прави силата“.

Историjа[уреди | уреди извор]

Корица на првиот бугарски устав со бугарскиот грб од 1879 година.

Стилизирани слики на лав постојат уште во Првото Бугарско Царство. Лавот како симбол на власт, сила и храброст е еведентиран и во Второто Бугарско Царство (1185-1396). Најстариот бугарски грб со хералдички лав датира од 1295 г. Во периодот на царот Иван Шишман (1371–1395), последниот цар ва Второто Бугарско Царство, анонимен арапски патешественик опишал и насликал грб на штитовите на царската гарда на Трново.[3]

По паѓањето на Бугариjа под отоманска власт во краjот на 14 век традициjата на лавот како главен бугарски симбол била зачувана во западноевропските и илирските грбовници во неколку верзии. Во почетокот на 18 век хрватскиот хералдичар Павао Ритер Витезовиќ направил промена во блазонот на бугарскиот грб и ставил еден златен исправен лав на црвен штит.[4] Овоj блазон бил прифатен и од Христофор Жефарович во неговата „Стематографиjа“ од 1741 година. Верзиjата од „Стематографиjа“ добила голема популарност меѓу бугарските преродбеници и револуционери во 19 век, а златниот исправен лав се сфаќал како наjпрепознатлив бугарски национален симбол.

По ослободувањето на Бугариjа во 1878 година во првиот бугарски устав како државен грб бил опишан токму блазонот на Жефарович. Во 1879 година на штитот, челенката и круната се додале подножје и мантиjа. Бидеjки во периодот 1880-1926 немало посебен закон за грб, истовремено се користеле и малиот и големиот грб. Грбот бил конечно правно дефиниран и опишан во 1927 година, кога била прифатена средна форма со штит, челенка, круна, држачи, подножjе и девиза.[5] Таа верзија се зачувала до 1947 година, кога (по комунистичкиот преврат од 1944) бил создаден нов грб со тркалезна сина позадина и исправен златен лав, окружени од два снопа на житни класи, поврзани на врвот со црвена петокрака и во основата со црвени и тробоjни ленти.[6] По паѓањето на комунистичкиот режим во 1989 година и по долг период на вжештени партиски дебати во 1997 година било донесено решение за враќање на историскиот грб од периодот 1927-1946 со нов дизаjн.[7]

Галериjа[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Член 164 од Уставот на Република Бугариjа Архивирано на 28 ноември 2010 г..
  2. Членови 1, 2 и 3 од Законот за грб на Република Бугариjа.[мртва врска]
  3. „Иван Воjников, "Историjа на бугарските државни симболи", глава II“. Архивирано од изворникот на 2016-06-16. Посетено на 2008-10-30.
  4. „Иван Воjников, "Историjа на бугарските државни симболи", глава III, дел 2“. Архивирано од изворникот на 2008-07-20. Посетено на 2008-10-30.
  5. „Иван Воjников, "Историjа на бугарските државни симболи", глава IV, дел 1“. Архивирано од изворникот на 2017-06-22. Посетено на 2008-10-30.
  6. „Иван Воjников, "Историjа на бугарските државни симболи", глава V.“. Архивирано од изворникот на 2016-09-13. Посетено на 2008-10-30.
  7. „Иван Воjников, "Историjа на бугарските државни симболи", глава VI“. Архивирано од изворникот на 2016-09-13. Посетено на 2008-10-30.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]