Галаба Паликрушева

Од Википедија — слободната енциклопедија
Галаба Паликрушева
Родена Галаба Борисова
6 мај 1928
Виница, Кралство Југославија
Националност Македонка
Занимање историчарка, етнолог, универзитетска професорка

Галаба Паликрушева (моминско: Борисова; 6 мај 1928 во Виница) — македонска историчарка, етнолог и универзитетска професорка на Филозофскиот факултет во Скопје, која што во моментов е во пензија.[1]

Животопис[уреди | уреди извор]

Дипломирала на Филозофскиот факултет во Скопје, група етнологија. Докторирала на Филозофскиот факултет на Катедра за историја на тема „Исламизацијата на Торбешите и формирањето на торбешката субгрупа“ (6 октомври 1965 г.). Подолго време била вработена на Природно-математичкиот факултет, а потоа во Институтот за национална историја во Скопје, како виш научен соработник во Одделението за османско - турскиот период (1967 - 1979). Подоцна работела како истражувач на народните обичаи и игри и била директор на Институтот за фолклор во Скопје (15 март 1979-30 април 1984).

Д‑р Галаба Паликрушева спаѓа во редот на најкомпетентните македонски етнолози, ценејќи ја нејзината стручна и научна работа, како и објавените статии во периодот на нејзината најголема активност, од 1959 до 1990‑тите години. Веднаш треба да се истакне дека нејзината активност се поклопува со неповолниот период за македонската етнологија, откако студиската група по етнологија била укината во 1953 година, а првите чекори за обновување на студиите биле направени по повеќе од триесет години, најпрво неуспешно на почетокот на 1980, а потоа компромисно во средината на 1980‑тите години. Маргинализирањето и негативниот однос кон етнологијата, како базична научна дисциплина за народите и нивната култура, може континуирано да се следи во образовниот и научниот систем на ДФМ/СРМ/РМ. Од тие причини, своето реноме д‑р Паликрушева го стекнала меѓу мал број активни колеги од Македонија, главно оние што „преживеале“ од првите (и последни) генерации студенти на проф. д‑р Бранислав Русиќ од 1947 до 1953, како и на малкуте кадри од поново време (1980–1990), кои произлегле од Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ во Скопје и неколку државни стипендисти на Етнолошкиот семинар во Белград, за потребите на Етнолошкиот музеј во Скопје и за етнолошките потреби на Заводот и музејот Битола. Но, без оглед на маргинализирањето на етнологијата и негативниот амбиент за нејзиниот развој, заслуженото место на д‑р Галаба Паликрушева не може да се проблематизира со оглед на фактот што времето ја потврдило нејзината вредност како етнолог.

За жал, во средината во која твореше и живееше, нејзината стручност и научните резултати неретко беа оспорувани, се разбира главно од неетнолози, додека надвор од Македонија, во другите тогашни југословенски републики, таа уживаше углед и респект меѓу колегите етнолози. Оспорувањето „дома“ се однесува најмногу на суптилната и оспорувана тема од македонската историја и етнологија, која таа како предизвик ја поставила пред науката – процесот на исламизацијата и неговите последици. Спротивно на фактот дека таа имала храброст да ја „отвори Пандорината кутија“ на идентитетот на „нашинците“ и храбро да управува со последиците преку нејзините истражувања преточени во текстови со убедливи материјални и други докази, сепак, од денешна гледна точка, е јасно дека била присилена да плати „данок“ на општествениот амбиент во Македонија без гласот на стручните лица – етнолози.

Добра илустрација за односот на неетнолозите кон неа како кон обична и секојдневна личност може да се види во Македонската енциклопедија II (2009), каде што под нејзиното име (Паликрушева, Галаба Борисова) стои дека таа била: „историчар и етнолог, научен советник и универзитетски професор (во пензија)“. Ништо суштинско не е кажано за нејзиниот богат живот како борец во воени услови и како способен и храбар научник во нормални услови, која како предизвик пред науката ја поставила суптилната и оспорувана тема од македонската историја и етнологија – процесот на исламизацијата и последиците за идентитетот и за народната култура.Оспорувањата се однесуваат и на нејзините тези за Торбешите и на нејзините погледи во врска со етничкиот идентитет на муслиманските групи со мајчин македонски јазик, како и на етнонимите/егзонимите како појава разгледувана од теориски и методолошки аспект и како реалност во конкретните примери во Р Македонија. Овие оспорувања траат и до денес, особено на друштвените мрежи, без оглед што аргументацијата е дискутабилна и се движи од нестручен, површен или релативизирачки пристап до теоретизирање без почеток и крај, што главно се потпира на исполитизираните ставови на самите припадници на оваа група, аматери или стручни лица и научници од други сродни гранки, кои мислат дека научната вистина се разликува од сè она што е објавено во македонската етнологија, вклучувајќи ги и тезите на  Паликрушева. Во дискусиите на друштвените мрежи речиси и нема учество на стручни лица – етнолози, иако постојат и некои такви примери. Сепак, до денес никој од учесниците во овие дискусии, карактеристични по тоа што отсуствуваат или се многу ретки етнолошките аргументи, не дал некој убедлив аргумент што би претставувал причина за нов приод во однос на тезите на д‑р Галаба Паликрушева за исламизацијата во Македонија или барем некое функционално дополнување.

Јавниот и општествениот интерес за исламизацијата во Македонија во 20 век се поттикнува и придвижува во 1970/1971 година, по објавувањето во дневниот печат на текстовите за исламизацијата, каде што д‑р Галаба Паликрушева јавно ги изнела своите ставови за Торбешите од поголемиот етнографски предел Река (Горна, Долна и Мала Река) во Западна Македонија и нивната културна сродност со Мијаците. Од овие исклучително квалитетни текстови, јасно е колку многу внимание авторката им посветила на турските документи во кои, покрај другото, постојат и податоци за исламизацијата, и само тој што не ги  онсултирал може да настапува со негирање на тие историски процеси. Оваа активност на д‑р Паликрушева започнала со едно интервју во весникот „Нова Македонија“ со наслов: Вклучување на етнички неиздиференцираните групи во националните процеси. Разговор со д‑р Галаба Паликрушева, научен соработник во Институтот за национална историја. Долу во левиот агол на таа страница на весникот, во рамка стои повик до граѓаните: Од утре следете го новиот прилог на „Нова Македонија“: „Исламизацијата во Македонија“ од д‑р Галаба Паликрушева. Во фељтонот се изнесуваат досега непознати факти за овој процес во Македонија. Веднаш по интервјуто биле објавени шест продолженија „Исламизацијата во Македонија“ во најчитаниот весник во тоа време, „Нова Македонија“, со што д‑р Паликрушева покажала дека не отстапува ни за милиметар од кажаното во необјавената докторска дисертација. Овие текстови биле објавени спроти пописот во март 1971 година, во време кога на многу точки во тогашна СФРЈ вриело од започнатите национални дискусии за потеклото и правата на југословенските народи и народности. По написите на г‑ѓа Паликрушева следи лавина од дискусии во југословенските и во македонските весници, сите на тема муслимани и исламизација, при што биле нападнати мислењата на д‑р Паликрушева за специфичните патишта на развој и етногенеза на другите југословенски и балкански групи исламизирано население. Посебно било на удар нејзиното мислење за најголемата група исламизирани во Југославија – босанско‑херцеговските муслимани кои претендирале дека кај нив е завршен процесот на консолидирање во народ – Муслимани. Таа сметала дека има оправдувања тезата за нивниот локален и специфичен процес на етногенеза, што сепак не е доволно убедливо прикажан од страна на науката, односно дека одредени точки од тоа прашање ја прават сомничава и недоволно убедена во дел од доказниот материјал. Резултатот од овие жешки дискусии бил во корист на босанско‑херцеговското политичко лоби, кое постигнало голем дел од муслиманското население да се изјасни за првпат во графата „Муслимани во смисла на народност“ во пописот од март 1971 година.

Исто така, од тој момент започнува нов период кога македонските политички структури прават напори за привлекување на остатокот од Торбешите и другите македонски муслимани со македонски мајчин јазик кон етничките православни Македонци.

Секако, овие напори биле со релативен успех бидејќи на патот на „братимењето“ се испречувала религијата, потоа вкоренетите контроверзни народни преданија за нивното потекло, народните егзоними со потсмешливо значење, како и спротивставените балкански политики за менаџирање на нивниот идентитет, вклучувајќи ја и турската. Спротивно на недоумицата на нашите исламизирани Македонци и на други муслимани од локално потекло во БиХ, Црна Гора, Санџак и Бугарија, единствено кај Албанците не се појавиле такви дилеми. Тие, насекаде каде што живеат, се декларираат како Албанци без оглед на атеизмот од времето на Енвер Хоџа, кога во 1967 година со декрет биле укинати религиите, или на народните и семејните традиции поврзани со исламот и турцизирњето во турско‑османлискиот период, без оглед на католицизмот, на православието, на бекташтвото итн.

Овој факт го истакнала и д‑р Галаба Паликрушева во спомнатото интервју во весникот „Нова Македонија“ од 22 септември 1970, со што ги предизвикала босанските јавни личности, научници, новинари и други што во 1970‑тите се залагале за именување на народот со називот Муслимани (со голема буква). Под влијание на новите насоки во македонската политика во однос на исламизираните со македонски мајчин јазик, периодот од 1974 до 1990 година е одбележан со дејноста на Нијази Лимановски (1941–1997), роден во с. Ростуше, кој и самиот потекнувал од западномакедонската група Торбеши. Тој бил член на тогашната КПМ и пратеник во Просветно‑културниот собор на Собранието на СР Македонија во периодот 1969–1974 година, кога на дневен ред биле и прашањата за македонските Торбеши. Од страна на власта, Лимановски бил промовиран како ангажиран јавен, општествен, културен и политички работник. Тој е основоположник на Републичката заедница на културно‑научните манифестации на Македонците муслимани, што се афифрмирала преку т.н. Бигорски научно‑културни собири, (1971–1991). На тие манифестации учествувале голем број научни и стручни лица, најмногу од областа на историјата, социологијата, лингвистиката, османистиката, фолклористиката, етнологијата и други области, како и пасионирани собирачи на податоци од разни области на народната култура. Во 1991 година, Лимановски јавно ја одбранил својата докторска дисертација со наслов: „Етносоцијалните одлики на исламизираните Македонци“.

Во меѓувреме, во рамките на Природно‑математичкиот факултет во Скопје (понатаму во текстот ПМФ) при Институтот за географија, била отворена двегодишна група за етнологија (1985/1986–1987/1988). Главна заслуга за обновувањето на новите студии по етнологија има проф. д‑р Галаба Паликрушева, по неколку нејзини неуспешни обиди во претходните години, заедно со некои од колегите од времето на студиите. Во 1988/1989 година оваа група се разви во четиригодишни студии, а во 2005 година се осамостои во посебен Институт за етнологија и антропологија. Од основањето на обновените студии и потоа години на ред, сè додека имаше причини, услови и кондиција, д‑р Паликрушева, која веќе беше во пензија, хонорарно предаваше, најпрво краток период на додипломските студии, а потоа само на постдипломските студии на коишто го предаваше предметот Теории на етнос, до 2001 година. Освен докторската дисертација и статиите на д‑р Галаба Паликрушева, етнолошките и антрополошките статии, зборници, монографии и сл. за муслиманите со македонски мајчин јазик, објавени во втората половина на 20 век, од домашни и од странски автори, чијашто главна тема се Торбешите, се главно поврзани со Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ во Скопје или со Заводот, сега Институтот за етнологија и антропологија на ПМФ во Скопје, било како проекти или преку колегијални и професионални врски или како резултат на сопствени истражувања на вработените од овие институции. Едно од првите организирани истражувања на Торбешите во странство бил проектот што го раководела д‑р Галаба Паликрушева, со наслов: Фолклорот на Јуруците во СР Македонија и иселениците од СР Македонија коишто живеат во Турција – тема во рамките на макропроектот „Историјата и теоријата на македонскиот фолклор“, реализирана во соработка на учесници од Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ во Скопје и Институтот за фолклор од Анкара (1986–1988).

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Ристовски, Блаже, уред. (2009). „Палеозојска“. Македонска енциклопедија. , книга II (М-Ш). Скопје: МАНУ. стр. 1110. Text "series " ignored (help)

Надворешни врски[уреди | уреди извор]