Вељушки манастир

Од Википедија — слободната енциклопедија
Воведение на Пресвета Богородица Елеуса (Милостива)

'

Македонска православна црква
Епархија Струмичка
Архијерејско намесништво Струмичко
Местоположба
Населено место Вељуса
Општи информации
Покровител Богородица
Архитектонски опис
Портал

„Св. Богородица Елеуса (Милостива)“ или Вељушки манастирманастир во селото Вељуса, 7 км западно од Струмица. Посветен на Пресвета Богородица (21 ноември стар и 4 декември нов стил).[1]

Историја[уреди | уреди извор]

Манастирот во почетокот на XX век

Според изворно богатата историска документација зачувана за овој манастир (присутни во Светогорскиот манастир Ивирон) оваа црква го зазема едно од најзначајните места во црковната и културната историја на Македонија.

Според сочуваните записи на двата архитрава кои биле однесени од бугарските власти за време на Првата светска војна во Софискиот археолошки музеј, црквата ја подигнал на северните падини на планината Еленица на бигореста карпа монахот, а подоцна струмички епископ Мануил во 1080 година кој дошол од Халкидонскиот манастир „Св. Авксентиј“ од малоазиската област Витинија во Вељуса. Од споменатите извори дознаваме дека манастирот Св. Богородица Милостива (Елеуса) бил изграден над некогашното село Палеокастро во Темата Струмица по кој и селото го добило денешното име.

Манастирот се споменува и во Грамотите на византискиот цар Алексиј I Комнин 1085 година, во една од годините на 1091 или 1094 година оваа манастирка црква била лично посетена од византискиот цар Алексиј I Комнин, кој за нејзините убавини изразил силен восхит во пишаните извори. Се споменува во Типикот за манастирот составен од основачот Мануил меѓу 1085-1100 година, неколку документи од византискиот цар Мануил I Комнин со Практикот од 1152 година и две Грамоти од Српскиот цар Стефан Душан од 1346 година дадени на Иверонскиот манастир.

Архитектура[уреди | уреди извор]

Со своето архитектонско обликување изворно сочувано до денес, таа ги презентира високите дострели на византиската сакрална архитектура и уметност на македонската територија во средниот век. По своето архитектонско решение црквата е единствена градба во Македонија од 11 век. Нејзиниот ентериер претставува крстообразна куполна градба од стеснат тип цркви. Сите три основни делови на црквата: наосот со олтарот, нартексот и јужната капела Св. Спас се надвишени со различни по димензија и височина куполи со многуаголни тамбури украсени со керамопластична декорација и полихромно оживување на фасадите. Со фреско украсна изведба е на јужната фасада на црквата, во нејзиниот горен централен дел е сместена мала богато профилирана розета со запчест венец, а подолу меѓу бифората е раскошна двочленска плетеница со претстава на орнаментиран украс во форма на крст. Уметничките сликарски изрази се реализирани во фреско - техника, мозаик и вајарските во плиток релјеф на мермерните делови на иконостасот.

Иконопис[уреди | уреди извор]

Фреска на Исус Христос во куполата на која е прикажан како дете

Живописувањето на црквата е изведено во три временски периоди и тоа: во олтарот, подкуполниот простор во наосот и ѕидовите, конхите, и капелата, 1085 год. во тремот од 1164 год. и во наосот од 19 век, со доста локални сликарски призвуци.

Фреско - ансамблот во црквата е со иконографски симболични содржини и претстави преземени од Стариот и Новиот завет: Литургиска служба на светите Архијереи со Хетимазијата (Христово жртвување) и Богородица со Исус Христос седната на престол во олтарниот простор. Во централниот куполен простор е насликан Исус Христос Вседржител, додека под него на ѕидовите од тамбурот се претставите: Пресвета Богородица Ширшаја, Св. Јован Крстител, двајца архангели, четворица пророци (езекиј, Авакум, Еремија и Давид). Во северната конха е Слегнувањето на Исус Христос во пеколот и Сретение Господне е во јужната конха. Во јужната капела Св. Спас во куполниот простор претставен е Исус Христос Емануил, на источниот ѕид Исус Христос во слава и портретот на Свети Пантелејмон на западниот ѕид.

На јужната фасада под тремот е композицијата Свети Онуфриј во пустина посетен од монахот Св. Панфнутиј и стилизиран вегитабилен мотив. Во стилско - ликовен поглед оваа сцена и мотивот се блиски на фреските во Нерези насликани во 1164 година.

Во наосот на црквата зачувана е и олтарната преграда, изведена во мермер со стилизирани растителни и геометриски мотиви изведени во плиток релјеф. Во подниот мозаик застапени се геометриски мотиви и ги пратат основите на конхите во централниот дел од наосот, натрексот и јужната капела.Изградбата на Вељушкиот храм е карактеристична и по многу претенциозните желби на основачот: не со димензиите, туку пред сè со ликовните вредности и раскошната ризница од скапоцени уметнички творби да ги надмине сите постојни уметнички остварувања на црквите во струмичката средина.

Галерија[уреди | уреди извор]

Надворешен изглед
Внатрешен изглед и живопис

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Утрински весник: Црквата "Св. Богородица Елеуса" во Вељуса“. Архивирано од изворникот на 2008-04-15. Посетено на 2010-09-04.

Литуратура[уреди | уреди извор]

  • Petit, L. Le monastère de Notre Dame de Pitié. – Известия Русского археологического института в Константинополе. Т. VI, 1900, 1-153.
  • Иванова, Вяра. Стари църкви и манастири в българските земи, IV-VII вв. – Годишник на Националния музей, 4, 1922-1925, 429-582.
  • Милетич, Любомир. Струмишките манастирски черкви при с. Водоча и с. Велюса. – Македонски преглед, 2, 1926, № 2, 35-48.
  • Трайчев, Георги. Манастирите в Македония. С., 1933, 256 с.
  • Laurent, V. Recherches sur l'histoire et la cartulaire de Notre-Dame de Pitié à Stroumitza. - Echos d'Orient, 1934, № 33, 5-27.
  • Снегаров, Ив. История на Охридската архиепископия. Т. 1. От основаването й до завладяването на Балканския полуостров от Турците. Фотот. изд. С., 1995; 3 изд. С., 2007, 360, 616 с.; http://megimg.info/mg/modules/booklists/viewcat.php?cid=412 Архивирано на 7 април 2014 г..
  • Јовановић, М. О Водочи и Вељуси после конзерваторских радова. - Зборник на Штипскиот народен музеј. Штип, 1, 1959, 131-135.
  • Djurić, V. J. Fresques du monastère de Veljusa. - In: Akten des XI Intern. Byzant. Kongresses, 1958. München, 1960, 113-121.
  • Иванов, Й. Български старини из Македония. С., 1970, 176-177.
  • Миљковиќ-Пепек, П. Вељуса, манастир Св. Богородица Милостива во селото Вељуса кај Струмица. Скопје, 1981.
  • Лазарев, В. Н. История византийской живописи. М., 1986, 100-101.
  • Филов, Б. Пътувания из Тракия, Родопите и Македония, 1912-1916. Съст. Петър Петров. С., 1993, 79-80, 199.
  • Корнаков, Д. Македонски манастири. Скопје, 1996, 180-186; 2 изд. 2005, 119-122.
  • Джурич, В. Византийские фрески. Средневековая Сербия, Далмация, славянская Македония. М., 2000, 31-33, 331-332.
  • Опись имущества к уставу монастыря Елеусы (Милостивой) в Велюсе близ Струмицы. - Во: Бельтинг, Х. Образ и культ: история образа до эпохи искусства. М., 2002, 581-582.
  • Лосева, О. В., А. В. Крюков. Велюса. – Во: Православная энциклопедия. Т. 7. М., 2004, 541-542; http://www.pravenc.ru/text/150175.html.
  • Стефанов, П., архим. Манастирът Велюса - в миналото и днес. - http://www.dveri.bg/content/view/12205/125/#_edn3.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]