Борење

Од Википедија — слободната енциклопедија
Борење на Летните олимписки игри 2016, Газиумов против Андријцев

Борење е назив за спортска борба помеѓу двајца натпреварувачи во која секој од нив се обидува да ја преземе контролата или да воспостави контрола над противникот, со помош на зафат на раката и со силата на мускулите, а без удирање.

Борењето е еден од најстарите и најпопуларните спортови. Од 708г. п.н.е. овој спорт е дел од древните олимписки игри.

Стилови и варијанти на борење[уреди | уреди извор]

Како традиционален спорт борењето постојано се развивало, така што денес имаме голем број на стилови и правила, од сумо борење, џудо, до разни варијанти на слободни стилови. Борењето често се користи во воена обука т.н. борба гради во гради. За сите стилови постои едно заедничкото правило дека е забрането да се удира противникот со раце, нозе, лакти и глава, како и неспортски потези како гребење, гризење, удари кон гениталиите и сл.

Разликата помеѓу одредени стилови е во времетраењето на борбата, бодувањето на поединечни зафати и списокот на дозволени зафати.

Целта во борење, во зависност од стилот може да биде:

• да се направи таков зафат со кој противникот паѓа на под и е доведен во подредена положба. Најчест ваков познат зафат е туш, кој ја опишува ситуацијата во која еден борач успеал противникот да го легне на грб, така што на противник двете плешки му се цврсто притиснати на подлогата.
• да се легне противникот на подот
• противникот да го допре подот со било кој друг дел од телото, освен со стапалата или да го истуркате од просторот предвиден за борба (на пр. правило во сумо борење)
• да се подигне противникот над висината на главата
• да се доведе телото на противникот во подредена позиција на некој друг пропишан начин

Боречки дисциплини во олимписката програма

Борењето обично се дели по стилови:

Грчко-римски стил, во кој се забранети зафати под појасот

Слободен стил, во кој се дозволени зафати под појасот

Натпреварувачите во двата стила на борење се поделени во категории по тежина:

Мажи (грчко-римски стил): 59 кг, 66 кг, 71 кг, 75 кг, 80 кг, 85 кг, 98 кг и 130 кг

Мажи (слободен стил): 57 кг, 61 кг, 65кг, 70 кг, 74 кг, 86 кг, 97 кг и 125 кг

Жени: до 48 кг, 53 кг, 55 кг, 58 кг, 60 кг, 63 кг, 69 кг и 75 кг

Борбата најчесто трае три периоди од по 2 минути, а победува оној кој остварил предност барем во два периода. Тоа значи дека ако еден борач води во првите два периода, автоматски се прогласува за победник и борбата завршува. Вкупниот број на освоени бодови не е пресуден, на пример, ако во некоја борба резултатот по периоди е 2: 1, 0: 4 и 1: 0 вкупниот резултат е 3: 5, но победува борачот кој победил во два периоди, во овој случај, оној кој освои три бода. Ако еден од борачите го легне противникот со туш, борбата веднаш завршува, без оглед на периодот.

Борбата се одвива на боречки подлоги со пропишани димензии во присуство на судии. Од опрема борачите користат специјални трикоа и соодветни лесни обувки, а понекогаш се користат и специјални штитници за ушите, за да се спречат повреди на ушите при поцврсти зафати.

Олимписки игри[уреди | уреди извор]

Борењето е олимписки спорт присутен во античките и модерните олимписки игри. За разлика од минатото, кога борбата траела со часови, сега трае 2 рунди по 3 минути.

Овој спорт е дел од програмата на сите модерни олимписки игри од првите Олимписки игри во Атина во 1896 година до последните во Рио де Жанеиро во 2016 година, со исклучок на Олимпијадата во Париз во 1900 година.

Во 2012 г. на Олимпијадата во Лондон учествувале 344 борачи, кои се бореле за 11 златни медали.