Близанци

Координати: 42°03′09″N 22°13′00″E / 42.05250° СГШ; 22.21667° ИГД / 42.05250; 22.21667
Од Википедија — слободната енциклопедија
Близанци

Панорамска фотографија на селото Близанци

Близанци во рамките на Македонија
Близанци
Местоположба на Близанци во Македонија
Близанци на карта

Карта

Координати 42°03′09″N 22°13′00″E / 42.05250° СГШ; 22.21667° ИГД / 42.05250; 22.21667
Регион  Североисточен
Општина  Кратово
Население 3 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 1360
Повик. бр. 031
Шифра на КО 14001
Надм. вис. 1108 м
Близанци на општинската карта

Атарот на Близанци во рамките на општината
Близанци на Ризницата

Близанци — село во Општина Кратово, во близина на градот Кратово.

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Селото Близанци се наоѓа во јужниот дел на територијата на Општина Кратово.[2] Близанци е планинско село, расположено на надморска височина од 1.200 метри.[2] Сместено е во месноста наречена Печеница, високо на преслапот помеѓу планините Плавица од запад и подножјето на врвот Лисец на Осогово од исток. Околу селото се издигаат врвовите Буковец (1423 м) на север, Уво (1472 м) на исток, Шумнати Рид (1170 м) на југ и Голи Рид (1216 м) на запад.

Со градот Кратово селото е поврзано со асфалтен пат кој од Близанци продолжува кон повеќе планински кратовски села сместени на падините на Осоговските Планини во источниот дел на општината. Атарот на селото Близанци, кој се допира со просторот на Општина Пробиштип, е мал и зафаќа простор од 5,5 км2, на кои шумите заземаат површина од 370,6 ха, на пасиштата отпаѓаат 108,6 ха, а на обработливото земјиште 63,4 хектари.[2]

Историја[уреди | уреди извор]

Имајќи ја предвид важноста на местоположбата која ја има селото Близанци кое што се наоѓа на превојот помеѓу планините Плавица и врвот Лисец на Осогово од каде што се пружа поглед врз градот Кратово и сите сообраќајни врски кон север, југ, исток и запад, организиран живот на овој простор имало уште многу одамна.

Првиот и воедно најстариот пишан запис потекнува од XV век, каде селото е запишано како Близенца, име кое се сретнува и во XVIII век. Друг пишан запис во кој селото се именува со денешното име Близанци потекнува од турските документи од 1573 година. За селото Близанци пишан запис постои и од македонскиот револуционер Ѓорче Петров од 1896 година во својата книга „Материјали по изучувањето на Македонија“. Тој ги изнел следните податоци за селото: Близанци е расположено на југоисточната падина на Печениците, 1 час на југоисток од Кратово и има 68 куќи.[3]

Над него по падината на Плавица е ридот Ѓупка на кој бил отворен бакарен рудник.[3] По на запад од него под Плавица е турското село Стрисовци чиишто жители се многу лоши, заради што патувањето крај него е опасно.[3]

Потекло и значење на името[уреди | уреди извор]

Името на селото Близанци е со потекло и значење од македонскиот, односно старословенската именка Близан со значење: дол, рид, која пак доаѓа од зборот близь - близок или блиски и наставката -ци.[4] Значењето на името Близанци означува ридови со иста големина[4], односно два или неколку блиски ридови со иста големина. Ваквото име соодветствува на местоположбата на селото Близанци кое се наоѓа во преслапот помеѓу два рида со слична големина на падините на Плавица и Осогово.

Стопанство[уреди | уреди извор]

Во основа, иако е аграрно многу неразвиено, селото има полјоделско-шумарска функција.[2] На самиот влез на селото постои колиба на кратовската подрачна единица на шумското стопанство при ЈП „Македонски Шуми“ кое стопанисува со шумите кои ги има во изобилство на атарот и во околината на Близанци. На северната падина кон Кратово низ која минува патот има многу густи букови, лескови, дабови и борови шуми чие дрво се сече највеќе за огрев, но и за потребите на градежништвото и изработка на мебел. Малкуте преостанати жители во своите дворови обработуваат мали бавчи во кои за сопствени потреби одгледуваат патлиџан (домат), пиперки, лук, кромид, краставици, а чуваат и стока најмногу кози и во помала мера крупен добиток како крави и волови кои ги напасуваат тревнатите ливади со нискостеблести грмушки на падината на Осогово југоисточно од селото.

Население[уреди | уреди извор]

Население во минатото
ГодинаНас.±%
194862—    
195371+14.5%
196157−19.7%
197142−26.3%
198117−59.5%
ГодинаНас.±%
199112−29.4%
19949−25.0%
20026−33.3%
20213−50.0%

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 25 до 50 Македонци.[5]

Иако селото Близанци лежи на главниот пат кој поврзува повеќе села со градот Кратово, сепак неповолната местоположба високо во планината придонесува тоа да има мал број на жители во постојано опаѓање. Така, Близанци е сосема мала населба, која што уште во 1961 година броела 57 жители, а во 1994 година бројот се намалил на 9 жители, при што е на пат да се расели.[2] Селото е населено исклучиво со македонско население.[2]

Според пописот од 2002 година, селото Близанци брои само 6 жители, сите Македонци.

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 3 жители, сите Македонци.

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 90 32 62 71 57 42 17 12 9 6 3
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[6]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[7]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[8]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[9]

Родови[уреди | уреди извор]

Во селото Близанци отсекогаш живееле исклучиво Македонци од православна христијанска вероисповед. Семејства и родови кои денес живеат во Близанци се Јаневи и Стојанови додека семејствата Јованови / Јовановски, Јакимови / Јакимовски, Андрееви, Алексовски, Миркови, Крстеви, Игнатови кои денес живеат во Кратово водат потекло од Близанци.

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Селото се наоѓа во Општина Кратово, која била една од ретките општини во Македонија, која не била воопшто менувана во поглед на нејзините граници со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Кратово. Селото припаѓало на општината Кратово и во периодот 1955-1965 година.

Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Кратовска градска општина, во која покрај градот Кратово, се наоѓале и селата Близанци, Горно Кратово, Емирица, Железница, Живалево, Кавран, Кнежево, Којково, Куново, Мушково, Нежилово, Приковци, Туралево, Филиповци и Шлегово. Во периодот 1950-1952 година, селото исто така се наоѓало во рамките на тогашната Општина Кратово, во која покрај градот Кратово, влегувале и селата Близанци, Железница и Нежилово.

Избирачко место[уреди | уреди извор]

Селото е опфатено во избирачкото место бр. 0908 според Државната изборна комисија, сместено во простории на приватна куќа во селото Луково. Во него се опфатени селата Близанци, Куново и Луково.[10]

На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 6 гласачи.[11]


Иселеништво[уреди | уреди извор]

Најголем дел од жителите на Близанци се иселиле во Кратово, а помал дел и во соседното пробиштипско село Добрево, кочанското село Жиганци и градовите Куманово, Скопје и Пробиштип.

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја. Скопје: Патрија. стр. 31.
  3. 3,0 3,1 3,2 Петров, Гьорче (1896). Материали по изучванието на Македония (бугарски). Печатница Вълковъ. стр. 544.
  4. 4,0 4,1 Иванова, Олга (2014). Речник на имињата на населените места во Р Македонија. Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 60. |access-date= бара |url= (help)
  5. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  6. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  7. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  8. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  9. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  10. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 24 октомври 2022.
  11. „Локални избори 2021“. Посетено на 24 октомври 2022.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]