Басна

Од Википедија — слободната енциклопедија

Басна[1][2] — кратко книжевно дело во стих или во проза, во кое на алегоричен начин се опишуваат човечки особини. Најчесто во басните главни глумци се животните, а во нив се исмејуваат особините на луѓето. Најпознати баснописци се: Езоп, Иван Крилов, Лафонтен, итн.

Историја на басните[уреди | уреди извор]

Од одделните виови народни приказни, басните и фантастичните приказни се најстари и се смета дека тие потекнуваат од периодот на дивјаштвото. На почетокот, басната се пеела и се играла, а дури потоа почнала да се раскажува. Оттука, се смета дека таа се развила од прастарите песни и игри во кои биле имитирани звуците на животните. Басните потекнуваат од периодот кога човекот се занимавал со лов, кога фиксирањето на најважните особини на животните имало големо значење во успешноста на ловот, а борбата меѓу лукавите и наивните и меѓу слабите и силните наликувала на борбата со непријателите на племето. Со преминот кон сточарството и земјоделството басните биле збогатени со нов материјал. Тогаш, покрај дивите животни, како ликови во басните се појавиле и домашните животни, но и растенијата, предметите и митолошките суштества. Подоцна, со развојот на цивилизацијата, новите односи меѓу општествените класи се пренесувале на животинскиот свет. Таков е примерот со вавилонската басна во која бикот и коњот се караат околу достоинството на нивните родови. Кога се појавила државата, настанале басни во кои животните си избираат владетел. Најпосле, со заоструањето на социјалните разлики се појавиле басните во коишто се развиени типовите на крадци, насилници, грабнувачи, превртливи, угнетени, итн., а тогаш започнала да доминира и сатиричната нота за којашто особено била погодна алегоријата.[3]

Значењето на басните[уреди | уреди извор]

Покрај тоа што се доказ за големината и разновидноста на хеленскиот дух, басните претставуваат ран доказ за положбата на писателот и на книжевниот говор во однос кон општеството. Благодарејќи на тоа што човековите маани ги опишува посредно, преку однесувањето на животните и што непријатната вистина ја искажува низ наивна приказна, басната им дозволувала на писателите голема уметничка слобода.[4]

Според духот и широчината на раскажувањето, басните се израз на народната мудрост, еден вид народна етика, развивана низ напорниот и тежок живот. Сепак, басните се доволно ведри за да ги откријат и земските радости и убавината на животот. Покрај сите слабости на човековата природа, басната длабоко проникнала во драгоценоста и нескршливоста на животот. Едноставна и пристапна, басната е „најдемократски“ книжевен род и со неа често се служеле не само писателите, туку и филозофите, политичарите, професорите, историчарите, итн.[5]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „басна“Дигитален речник на македонскиот јазик
  2. „басна“Официјален дигитален речник на македонскиот јазик
  3. Војислав Ђурић, „О народним приповеткама“, во: Народне приповетке. Београд: Просвета, 1963, стр. 9-10.
  4. Мухарем Первић, „Езоп и Доситеј“, во: Езоп, Басне (по Доситеју Обрадовићу). Београд: Просвета, 1963, стр. 7.
  5. Мухарем Первић, „Езоп и Доситеј“, во: Езоп, Басне (по Доситеју Обрадовићу). Београд: Просвета, 1963, стр. 8-9.