Аце Дорев

Од Википедија — слободната енциклопедија
Аце Дорев
Роден 1871
Пателе, денес Грција
Починал 19 септември 1941
Битола, Македонија

Аце Дорев — македонски револуционер учесник во македонското револуционерно движење и деец на Македонската револуционерна организација.

Животопис[уреди | уреди извор]

Дорев е роден во селото Пателе, Леринско, тогаш во Отоманското Царство, денес Агиос Пантелејмонас, Грција. Тој е брат на револуционерот, а подоцна бугарски дипломат, Панчо Дорев и прв братучед на учителот Иван Дорев. Завршил прогимназија во Битола и работел како книжар. Станал член на Организацијата во 1897 година. Во 1900 година влегол во Битолскиот окружен револуционерен комитет, заедно со Георги Поп Христов, Васил Пасков, Георги Пешков и Неделко Дамјанов. Георги Поп Христов за него пишува:

... книжар во Битола, сина на богато семејство, беше нежен по природа и воспитание, но како пазител на револуционерната каса беше незаменлив... Аце во текот на целото време служеше чесно и беше готов да го помага делото со се. Најмногу услужуваше со пари, особено кога организацијата имаше потреба од големи суми за купување на оружје... Аце Дорев се ползуваше со голема доверба и авторитет меѓу еснафите на градот, коишто беа тогаш 30. Освен тоа, како книжар, одржуваше врски и со учителите во округот [1].

Поради Попставревата афера заминал во Виена како трговец. При избувнувањето на Илинденското востание, Дорев ја извршувал должноста главен дежур, односно го раководел коресподенското биро на Главниот штаб.

Од 1907 до 1908 година е член на Задграничното претставништво на Организацијата во Софија. Во 1910 година е уапсен од младотурците и бил заточен во Мала Азија. Ослободен е во 1913 година. За време на Првата светска војна од 1915 до 1918 година е член на Битолската окружна постојана комисија.

По навлегувањето на бугарските војски во Вардарска Македонија во 1941 година, се преселил во Битола каде што починал 19 септември истата година [2][3].

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Спомени на Георги Попхристов
  2. Македонски научен институт
  3. Николов, Борис Й. Вътрешна македоно-одринска революционна организация. Войводи и ръководители (1893-1934). Биографично-библиографски справочник, София, 2001, стр. 51.