Арсениј Бигорски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Архимандрит
Арсениј Бигорски
Арсениј Бигорски насликан од зографот Михаил Самарински
Роден(а)Арсениј Димевски
ок. 1770
Галичник, Македонија
Починал(а)27 јуни 1839
НационалностМакедонец
ОбразованиеЌелијно училиште на Бигорскиот манастир
Вероисповедправославие
Потпис
Писмо на бигорското братство до Зографскиот манастир од 1834 г. потпишано од Арсениј Бигорски.
Ферман до Реканската каза од 1838 г. со кој на Бигорскиот манастир му се дава правото да ги бие камбаните.

Арсениј Бигорски (род. Димевски[1]; ок. 1770 - 27 јуни 1839)[2] — истакнат македонски духовник и преродбеник од почетокот на XIX век, архимандрит, игумен на Бигорскиот манастир „Св. Јован Претеча“. Под неговото водство манастирот достигнал завиден расцут.[1][3]

Животопис[уреди | уреди извор]

Арсениј е роден кон крајот на XVIII век во Галичник, во семејството Димевци. Учел во ќелијното училиште на Бигорскиот манастир, тогаш предводен од игуменот Митрофан Бигорски.[4] Во 1807 г. е назначен за игумен на манастирот.[3]

Под неговата управа, манастирот се претворил во духовен центар на христијанските села од Мијачијата и стожер на сиот општествен живот.[4] Во седмата година од неговата управа, во 1814 г. Арсениј ја започнал изградбата на конакот од североисточната страна, познат како Горни Палат. Во овој комплекс се наоѓаат монашките ќелии и игуменската одаја. На 12 април 1820 г. почнала да се гради манастирската трпезарија, сочинета од приземје и два ката.[4] Трапезаријата е целосно насликана.[3]

Арсениј порачал од Елбасан балдахин за олтарот на католиконот (главната црква),[1] а во 1834 г. платил за резбите за иконостасот — дело на прочуената тајфата на Петре Филиповски - Гарката, едно најубавите примери на македонското копаничарство, работено од 1830 до 1835 г. Порачал и свеќници за црквата од Зографскиот манастир.[1] Уредил и султански ферман за Реканската каза, со кој им се забранува на месните власти да го попречуваат биењето на камбаните.[1]

Во 1833 г. по порачка на Арсениј е изработен и големиот кивор на манастирот — една од неговите светињи. Киворот претставува заедничка работа на зограф, копаничар и златар. На надворешноста на капакот, на медалјон од ковано сребро е претставено Распетието со Богородица и Свети Јован Крстител. Од внатре тој е насликан од зографите Михаил и Даниил со ликовите на светците чии мошти се вградени во киворот. Истите светци се претставени и во сребрена гравура внатре во самиот кивор.[5]

Истата година Арсениј купил маслинови насади во Елбасан, куќа во Гостивар, вложил во манастирскиот метох во Рајчица со купување на лозје, градини, изградба на чешми и поправка на дворот.[4] На манастирскиот имот во 1835 г. е изграден храмот „Св. Ѓорѓи Победоносец“,[3] направена е маѓерница (кујна) и конакот е обновен од темел.[1] Набавил чифлик во селото Небрегово, Прилепско, како и црковни предмети и недвижен имот во Требиште. Направил особени напори за збогатување на манастирската библиотека.[4]

Во 1837 почнал да негува врски со Кнежевството Србија, добивајќи од кнезот Милош Обреновиќ пари и камбана. Подоцна манастиро се здобил со втора камбана.[1]

Умира на 27 јуни 1839 година.[4]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 1,6 Јеромонах Доситеј (Талески) (2015). Игумените на Бигорскиот Манастир „Свети Јован Крстител“ – В: Бигорски Манастир – 20 години возобновено монаштво (PDF). Бигорски манастир. стр. 346.
  2. Ристовски, Блаже, уред. (2009). „Арсениј“. Македонска енциклопедија. , книга I (А-Љ). Скопје: МАНУ. стр. 83. Text "series " ignored (help)
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 „Бигорските стари игумени“. Бигорски манастир. Посетено на 13 ноември 2017.
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 4,5 „Столб на македонската преродба“. Бигорски манастир. Посетено на 10 април 2015.
  5. „Светињи на Бигорскиот манастир“. Бигорски манастир. Посетено на 31 август 2018.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Духовни титули
Претходник
Митрофан
Игумен на Бигорскиот манастир
1807 – 27 јуни 1839
Наследник
Јоаким