Ќерката на Агамемнон

Од Википедија — слободната енциклопедија
Ќерката на Агамемнон
АвторИсмаил Кадаре
Изворен насловVajza e Agamemnonit
ЗемјаАлбанија
Јазикалбански
ИздавачShtëpia Botuese "55"
Издадена
2003
Страници94
ISBN9989-937-69-9

Ќерката на Агамемнон (албански: Vajza e Agamemnonit) е новела од 2003 година на албанскиот писател и инаугурален добитник на престижната книжевна награда, „Меѓународен Ман Букер“, Исмаил Кадаре. Се работи за првиот дел од диптихот, чиј втор и подолг продолжеток е објавен истата година со наслов Наследникот. Многу критичари го сметаат диптихот за најзначајното остварување на Кадаре. На македонски јазик, диптихот е објавен во 2003 година, од страна на „Табернакул“, во превод на Луан Старова (Ќерката на Агамемнон) и Фатбардха Шеху (Наследникот).

Позадина[уреди | уреди извор]

Пишувана во текот на последните години од комунистичкиот режим во Албанија, Ќерката на Агамемнон е еден од трите манускрипти што Исмаил Кадаре успева да ги прошверцува од Албанија по смртта на Енвер Хоџа, со помош на својот француски уредник, Клод Диран. Со цел да ги изнесе во Париз, првите страници од трите ракописи Кадаре ги камуфлира како албански преводи на дела од Зигфрид Ленц; книгите ги комплетира Диран по две патувања во Тирана каде успешно го собира остатокот од манускриптите и истите ги депозитира во банкарски сеф во Париз. Преведен од страна на познатиот албански виолинист, Теди Папаврами, од оригиналниот и неревидиран ракопис, Ќерката на Агамемнон првпат се појавува на француски во 2003 година, откако Кадаре веќе го пишува и нејзиното продолжение, Наследникот.[1]

Содржина[уреди | уреди извор]

Целото дејство од новелата се случува во текот на неколку часа додека главниот раскажувач, анонимен телевизиски новинар со либерални ставови, се движи од својот дом кон стадионот каде се одржува годишната првомајска парада. На парадата ѝ претходат два настани: наратарот добива неочекувана покана да присуствува на прославата со место во ложата, а Сузана, ќерката на претпоставениот наследник на Водачот – благо завиен портрет на албанскиот претседател Енвер Хоџа – ја раскинува својата врска со раскажувачот, повикувајќи се на стравот што таа би можела да го оцрни угледот на нејзиниот татко. Слично како во Џојсовиот Улис, новелата е внатрешен монолог што ги следи размислите на раскажувачот за Сузана и за луѓето со кои тој се среќава додека се движи до трибините на стадионот. Како таква, новелата функционира како еден вид "портфолио на скици за човекиов распад – сублимиран Пекол, во текот на кој наратарот среќава низа режимски жртви".[2]

Како што е обично случај со Кадаре, судбината на дел од овие луѓе – со исклучок на Сузана, имињата на сите останати се заменети со иницијали – е сопоставена на еден древен балкански наратив, првпат воведен како разјаснувачки коментар на подемот на Р. З., сикофант што преживеал дел од комунистичките чистки на начин што никому не му е доволно јасен. Приказната зборува за ќелавиот човек кој е спасен од Пеколот од страна на еден орел, кого за возврат тој го храни со сопственото месо; кога стигнува на небото, од него не останува ништо повеќе од скелет.

Па, сепак, клучната аналогија е онаа што раскажувачот ја открива при прочитот на Грејвсовите Грчки митови, онаа што континуирано го искушува да ја изедначи судбината на Сузана (како и судбината на Сталиновиот најстар син Јаков Џугашвили) со судбината на Агамемнонвата ќерка, Ифигенија – сите жртви на „цинична тиранска промисла“ чија задна цел е да им даде право на тираните – независно дали Агамемнон, Сталин, Хоџа, или, како во случајов, Наследникот на Водачот – право да го бараат животот на кој и да е друг во иднина.

Критички осврт[уреди | уреди извор]

"Соединувајќи ги атмосферите на Кафка и Орвел"[3], диптихот Ќерката на Агамемнон / Наследникот се смета за „едно од најдобрите и најсовршените остварувања на Исмаил Кадаре" – како што го нарекува во воведот кон првото издание Клод Диран, тогашниот главен уредник на францускиот издавач на Кадаре, Фајар.[1] Опишувајќи го како „хируршки директен“ во својата критика кон тоталитарниот режим, во еден подолг преглед на Кадареовиот опус за Њујоркер, Џејмс Вудс ја нарекува Ќерката на Агамемнон „можеби најдобрата книга“ на Кадаре, сметајќи дека таа, заедно со Наследникот, го конституира „несомнено еден од најпотресителните записи за умствената и духовна контаминација спроведена врз поединецот од страна на тоталитарната држава“. Иако смета дека во двата романи Кадаре „го губи некогашниот голем романескнен елан [од] Генералот на мртвата војска, Скршениот април и Палата на соништата“, во „Универзумот на романескната уметност на Кадаре“, Луан Старова оценува дека, сепак, албанскиот автор успеал, „со не помал успех да го допише и со овие два сегмента големиот роман за жртвувањето, како можеби единствен потфат во светските литератури“.[4]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 Durand, Claude (2006). „About Agamemnon's Daughter: Adapted from the Publisher's Preface to the French Edition“. Во Kadare, Ismail (уред.). Agamemnon's Daughter: A Novella and Stories. Преведено од Bellos, David. Arcade Publishing. стр. ix–xii. ISBN 978-1-559-70788-6.
  2. Woods, James (20 декември 2010). „Chronicles And Fragments: The Novels of Ismail Kadare“. The New Yorker. Посетено на 17 јули 2017.
  3. Tonkin, Boyd (22 февруари 2008). „Paperbacks: Agamemnon's Daughter, by Ismail Kadare“. The Independent. Посетено на 17 јули 2017.
  4. Старова, Луан (2003). „Универзумот на романескната уметност на Кадаре“. Во Кадаре, Исмаил (уред.). Наследникот. Табернакул. стр. 167–206. ISBN 9989-937-70-2.