Њу ејџ

Од Википедија — слободната енциклопедија
Ново доба „Собирање на виножито“ во Босна во 2007 година

Њу Ејџ (англиски: New Age), ново доба, ново време се поими кои вообичаено се користат за да означат широко движење на доцниот 20 век и современата западна култура, карактеризирано со еклектичен и поединечен пристап кон духовноста. Само-духовност (Self-spirituality), нова духовност (New spirituality), и ум-тело-дух (Mind-body-spirit) се други имиња кои се користат за движењето. Њу Ејџ е разнолико движење на индивидуалци, кое вклучува и лица кои калемат њу ејџ верувања врз одредена традиционална религија. Скорешните истражувања покажуваат дека околу 20% од Американците имаат барем некои њу ејџ верувања.

Психологот Мерилин Фергусон, во нејзината книга Заверата на Водолијата (1980) го дефинира Њу Ејџ-от како „појава на нова културна парадигма, чие ширење ќе биде планетарно, навестувајќи една нова ера во која човештвото ќе успее да реализира значаен дел од својот физички, психички и духовен потенцијал“. Самиот термин е популаризиран од масовните медиуми во САД во текот на 80-тите години, за да го опише субкултурното движење заинтересирано за медитација, реинкарнација, здрава храна, кристали, природна средина, псевдонаука, нерешени мистерии (Атлантида, НЛО, кругови во жито, итн.)

Заедничко за поединечните автори, како и групите кои се бараат себеси во оваа идеја, е тоа што тие споделуваат склоност поединците да бидат преобразени преку будење на духот и издигнување на свеста. Њу Ејџ мислата на тој начин сака да го подготви човештвото за доаѓањето на едно „ново време“ на универзална хармонија (концепт кој понекогаш, во астролошката терминологија се поврзува со „ерата на Водолијата“).

Њу Ејџ-от, кој се смета себеси за обид за „повторно маѓепсување на светот“, како реакција на материјализмот на општеството на почетокот на XX век, е составен дел на глобалниот феномен на новата религиозност родена во 60-тите години, наспроти кризата на идеологиите и отпорот кон индустрискиот раст, и притоа, инспирација црпи од претходните теозофски доктрини. Некои од главните особини се отфрлување на хиерархиските поредоци на религиозните учења, апсорпција и редефиниција на мистичните гранки на ортодоксните верски традиции, ориентација кон езотерични и окултни доктрини за целиот свет, делумно усвојување на модерните научни и псевдонаучни парадигми и ново вреднување на спиритуалните традиции на примитивните општества. Њу Ејџ не е религија во постанок, туку симптом на модерната духовна криза, во која цутат спиритуалните синкретизми и еклектицизми од секој вид.