Јосиф Даскалов

Од Википедија — слободната енциклопедија
Јосиф Даскалов
Роден 1868
Кратово, Македонија
Починал 1909
Подрум Кале, Турција

Јосиф Даскалов ( 1868, Кратово - 1909, Подрум Кале, Турција) — македонски револуционер, учесник во македонското револуционерно движење, член и раководител на Македонската револуционерна организација.[1]

Животопис[уреди | уреди извор]

Даскалов е роден во 1868 година во Кратово, тогаш во Отоманското Царство. Завршил IV класа во педагошкото училиште во Ќустендил и станал учител, како и неговиот татко учителот Димитри. Предавал во Скопје, Кратово и на други места. Во 1894 година станал член на Македонската револуционерна организација, бил заколнат од Гоце Делчев и бил главен организатор на комитетите во Кратовско.

Во 1897 година започнала т.н Виничка афера во текот на која Јосиф бил уапсен и тешко мачен, за да ги открие своите соучесници. На 26 декември, Јосиф успеал да издејствува излегување на занданата под придружба, под изговор дека ќе им ја предаде архивата на локалниот комитет, и се фрлил од Радиниот мост, но преживеал.[2][3] Христо Силјанов истакнува:

Од интелигентните луѓе најтрагично заврши учителот Јосиф Даскалов, кратовски раководител. Најбезочно измачуван, горен со вжештено железо во устата и анусот, Даскалов се решава на еден безумни дрзок потфат: го одведува мачителот на една скалеста стрмнина, божем да му покаже каде е складирано оружјето и се фрла оттаму в бездна. Даскалов се обидел да го повлече со себе и Турчинот што го придружувал, ама не успеал: сам се струполил во бездната, но за чудо, останал жив... [4]

Бил осуден на 6 години затвор и бил затворен на островот Родос. Во август 1902 година бил ослободен. Подоцна бил испратен во Подрум Кале, а таму во 1909 година бил отруен [5].

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. д-р Стојан Киселиновски и др. (2000). Македонски историски речник. Скопје: ИНИ. стр. 142. ISBN 9989-624-46-1. Недостасува |author1= (help)
  2. Личности од Македонија. Скопје: МИ-АН. 2002. стр. 84. ISBN 9989-613-28-1. На |first= му недостасува |last= (help)
  3. Шатев, Павел, „В Македония под робство“, Изд. на Отеч. фронт, София, 1983 г., стр. 58-59.
  4. Силянов, Христо. Освободителните борби на Македония, София, 1933, стр. 77.
  5. Николов, Борис Й. Вътрешна македоно-одринска революционна организация. Войводи и ръководители (1893 – 1934). Биографично-библиографски справочник. София, 2001, стр. 43.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]