Ѓорѓи Бојаџиев

Од Википедија — слободната енциклопедија

Ѓорѓи Бојаџиевмакедонски воен генерал, седми началник на Генералштабот на Армијата на Република Македонија од 2004 до 2005 година.

Животопис[уреди | уреди извор]

Ѓорѓи Бојаџиев е роден на 31 март 1950 година во струмичкото село Ново Село. Во 1973 година ја завршил Воената академија на Копнената војска на ЈНА.

Воената кариера во Југословенската народна армија ја започнал во 1973 година во Штип како командир на вод со офицерски чин потпоручник. Следната година бил унапреден во чин поручник. Во 1974 година се оженил со сопругата Софија, а следната година им се родил првиот син Илија.

Во 1975 година бил преместен во Делчево и бил назначен за помошник на командант за морално-политичко воспитување. Во 1977 година бил унапреден во чин капетан. Во 1978 година бил назначен за заменик командант на баталјон и бил одликуван со Медал за воени заслуги. Во 1979 година му се родил вториот син Александар. Во 1980 година бил унапреден во чин капетан 1. класа. Од 1981 до 1984 година бил командант на баталјон.

Во 1984 година повторно бил сместен во Штип, каде што бил назначен за помошник на началник на штаб за пополна и персонални работи, а следната година бил назначен за помошник на началник на штаб за оперативно-наставни работи. Во 1985 година бил одликуван со Орден за воени заслуги со сребрени мечеви. Во 1986 година бил унапреден во чин мајор. Од 1989 до 1990 година бил началник на штаб на дивизија. Од 1990 до 1991 година бил помошник на началник на штаб за разузнавачки работи, а од 1991 година повторно за пополна и персонални работи. Во 1991 година бил унапреден во чин потполковник.

Во 1992 година, по осамостојувањето на Република Македонија, се формира Армијата на Република Македонија, со која истата година Република Македонија станува воено самостојна. Бојаџиев, како и други припадници на Југословенската народна армија кои потекнувале од Република Македонија, воената кариера ја продолжил во Армијата на Република Македонија.

Од 1992 до 1995 година Бојаџиев бил командант на моторизирана бригада во Струмица. Во 1995 година завршил командно-штабна академија. Од 1995 до 1997 година бил командант на дивизија во Кочани. Во 1997 година бил преместен во Скопје, бил унапреден во чин полковник и бил назначен за началник на одделение за обука на старешини и школување на кадри. Во 2001 година завршил школо за национална одбрана во Франција. Истата година бил назначен за началник на управата за операции, готовност и обука при Генералштабот на Армијата. Во 2002 година бил унапреден во чин бригаден генерал. Од 2002 до 2003 година бил командант на граничната бригада. Од 2003 година бил помошник на началникот на Генералштабот на АРМ за планирање и началник на Г-3 во Генералштабот на АРМ.

Во 2004 година бил унапреден во чин генерал-мајор. На 12 март 2004 година генерал-мајор Ѓорѓи Бојаџиев бил назначен за началник на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, наследувајќи го генералот Методи Стамболиски. Бојаџиев бил седмиот началник на Генералштабот на Армијата на Република Македонија. Оваа должност ја извршувал до 6 јули 2005 година, кога бил наследен од генерал-потполковник Мирослав Стојановски. Истата година се пензионирал.

Одликувања и признанија[уреди | уреди извор]

  • Медал за воени заслуги (1978)
  • Орден за воени заслуги со сребрени мечеви (1985)

Наводи[уреди | уреди извор]

Стојановски, Мирослав; Стојаноски, Борис (2017). Воени генерали од Mакедонија (1943–2017) (второ. изд.). Скопје: Клуб на генерали на Република Македонија. стр. 60–63.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]