Елевсински мистерии: Разлика помеѓу преработките

Од Википедија — слободната енциклопедија
[проверена преработка][проверена преработка]
Избришана содржина Додадена содржина
Нема опис на уредувањето
с ставена Категорија:Стара Грција користејќи го HotCat
Ред 145: Ред 145:


[[Категорија: Старогрчка религија]]
[[Категорија: Старогрчка религија]]
[[Категорија:Стара Грција]]
{{Старогрчка религија}}
{{Старогрчка религија}}

Преработка од 18:42, 15 септември 2020

Глинена плоча попозната како Нинионска табличка на која се прикажани елементи на Елевсинските мистерии, откриена во светилиштето во Елевсина, Атика (датира од средината на 4 век п.н.е.)

Елевсински мистерии (старогрчки:Ἐλευσίνια Μυστήρια) - тајна богослужба основана во градот Елевсина под влијание на култот на божицата Деметра и нејзината ќерка Персефона која се вршела речиси 2000 години. Почетоците на овие мистерии датираат уште во времето на древните Микенци, приближно 1800—1200 год. пр. н.е., а се одвивале и низ мрачното доба (1100 – 800 год. пр. н.е), така што опстанале популарни дури низ целиот антички период. Подоцна биле прифатен и од страна на старите Римјани кои ги одржувале во римските градови. Покрај Дионисиите, Ленеите и Панатенеите, кои биле јавни свечености, мистериите биле тајни и затоа за нив малку се знае како се славеле. За секој посветен човек важел светиот завет - молчењето, односно никој не смеел да открие јавно што се случувало за време на мистериите, казната се плаќала сурово со смрт.[1]

Иницијациите се одржувале секоја година за култот на Деметра и Персефона во панхеленското светилиште Елевсина во Стара Грција. Тие се „најпознатите од сите тајните верски обреди на античка Грција“[2] и во основа претставуваат стар земјоделски култ, со религиозни практики што датираат уште од микенскиот период.[3] Според митот раскажан во Хомерoвата Химна за Деметра, божицата на земјата Деметра отишла во Елевсина во потрага по својата ќерка Коре (Персефона), која била грабната од Ад (Плутон), бог на подземјето. Мистериите го претставуваат митот за грабнувањето на Персефона од страна на кралот на подземниот свет Ад, во циклус со три фази: спуштање (загуба), потрага и искачување, а главна тема била искачувањето (старогрчки: άνοδος) на Персефона и средбата со нејзината мајка. Тоа бил голем фестивал за време на грчката ера, а подоцна се проширил и во Рим. Слични верски обреди се појавуваат во земјоделските општества на Блискиот исток и на минојскиот Крит.

Релјеф со Деметра и Персефона Лево, Деметра, облечена во пеплос и држејќи жезол во левата рака, му подарува на Триптолем пченица, за тој да ја даде на човештвото. На десната страба, Персефона, облечена во хитон и наметка и држејќи факел, со левата рака го благословува Триптолем. (5 век п.н.е., Национален археолошки музеј во Атина)

Етимологија

Елевсински мистерии било името на мистериите на градот Елевсина. Името на градот Елевсина е предгрчко и може да биде поврзано со името на божицата Илитија.[4] Нејзиното име Елизија (Ἐλυσία) во Лаконија и Месена, веројатно ја поврзуваат со месецот Елевсиниос и Елевсина[5] но за ова се расправа.[6]

Античкиот грчки збор „мистерија“ (μυστήριον) значи „мистерија или таен обред“ [7] и е поврзан со глаголот μυέω, што значи иницијација во мистериите, [8] и именката μύστης, што значи инициран.[9] Зборот μυστικός на старогрчки јазик значи „поврзано со мистериите“, или „приватно, тајно“ (воедно и на современ грчки јазик).[10]

Деметра и Персефона

Мистериите се поврзани со митот за Деметра, божицата на земјоделството и плодноста, како што е раскажано во една од хомерските химни (околу 650 г.п.н.е.). Според химната, на ќерката на Деметра, Персефона (позната и како Коре) ѝ била доделена задачата да ги слика сите цвеќиња на земјата. Пред да заврши, таа била грабната од Ад, богот на подземниот свет, кој ја однел во кралството на подземјето. Вознемирена, Деметра насекаде ја барала ќерка си. Поради својата вознемиреност и во обид да го принуди Зевс да дозволи враќање на нејзината ќерка, таа предизвикала страшна суша во која луѓето страдале и гладувале, лишувајќи ги боговите од жртва и обожување. Како резултат, Зевс попуштил и ѝ дозволил на Персефона да се врати кај нејзината мајка.[11] Според митот, за време на потрагата Деметра поминала низ многу авантури. Во една, таа му ги предала тајните на земјоделството на Триптолем.[12] Најпосле, во консултација со Зевс, Деметра повторно се обединила со својата ќерка и земјата се вратила во своето поранешно зеленило и просперитет: првата пролет.

Зевс, притиснат од плачот на гладниот народ и од другите богови кои исто така ја слушнале нивната мака, го принуди Ад да ја врати Персефона. Сепак, правилото на Судбините било дека секој што јадел или пиел во подземниот свет е осуден да ја помине вечноста таму. Пред да биде пуштена Персефона, Ад ја измамил да изеде неколку семки од калинка што ја принудувало да се враќа во подземниот свет на неколку месеци секоја година. Деметра била несреќна поради отсуството на Персефона, и ја занемарувала земјата а кога Персефона ќе се вратела на површината, Деметра се радувала и повторно се грижела за земјата. Повторното раѓање на Персефона е симболично за повторно раѓање на целиот живот на растенијата и симбол на вечноста на животот.[13]

Ад ја грабнува Персефона (ќерка на Зевс и Деметра). Грнчарија пронајдена во Таранто (Италија), 350-325 година п.н.е. (инв. 2588)
Фредерик Лигтон - Враќањето на Персефона (1891)

Митот

Хад, богот на мртвите и подземниот свет, многу се вљубил во Кора, ќерката на божицата Деметра, па од подземјето се искачил на Олимп да го праша неговиот брат Ѕевс дали може да ја земе за сопруга. Ѕевс, несакајќи да ја налути Деметра, му возвратил на Хад дека ниту се противи, ниту го прифаќа тој брак. Хад, задоволен од Ѕевсовата рамнодушност, се решил самиот да ѝ пристапи на Кора и да ја придобие како негова идна жена во подземниот свет. Тоа и се случило еден ден кога Кора се шетала на елевсинските полјани берејќи булки од земјата. Наеднаш земјата се отворила, од пукнатината излегол невидливиот Хад, кој патем го користел неговиот шлем за да биде незабележан и ја грабнал убавата Кора. Таа во лелек барала помош, но залудно, немало никој во близина да ја избави од оваа неволја. Деметра, кога дознала дека ќерка ѝ исчезнала, ја барала насекаде по земјата. Се распрашувала дури и кај смртниците, престорена во постара жена. Триптолем, синот на елевсинскиот крал Кенеј и Метанејра, ѝ соопштил дека пред девет дена заедно со неговите браќа слушнале женски глас со повик за помош, а и истите осведочиле дека загубиле неколкубројно стадо овци кои ги голтнала самата земја. Кога ѝ рекле дека виделе црна кочија која ја влечеле сиви коњи без возач, Деметра се упатила кај богот Хелиј (Сонце) да признае што видел тој ден. Хелиј го открил виновникот. Деметра веднаш му се налутила на Ѕевс поради неговата рамнодушност, па како одмазда ја покрила земјата со неподнослива суша и недостиг на храна, бидејќи самата управувала со житните култури и плодноста на растителниот свет. Ѕевс се одлучил да го реши проблемот заедно со неговата мајка Реја. Му пратил порака на Хад преку Ирида, Ѕевсовата гласничка, дека мора да ја ослободи девојката, оти вака со суша и глад ќе пропадне нивната слава врз луѓето, а на Деметра ѝ испратил порака дека нејзината ќерка ќе ја добие назад во светот само под еден услов, доколку таа не касне од плодовите што растат во подземјето. При враќањето, слугата на Хад, Аскалаф, му открил дека во подземјето Кора каснала седум семки од калинка не можејќи да ја издржи гладта. Кога Деметра дознала дека нејзината ќерка каснала од подземната храна, се исплашила да не ја загуби засекогаш. Но, Ѕевс одлучил да направи компромис. На Хад му ветил дека Кора, наречена Персефона, ќе живее со него пет месеца во подземјето, додека во седумте преостанати месеци ќе престојува кај нејзината мајка Деметра, во светот на живите. Божицата Хеката се понудила да води сметка за договорот и да ја варди Персефона. Овој мит, всушност, ја објаснува смената на годишните времиња. Кога е Кора кај Деметра, таа е радосна и ги посејува полињата, се грижи за нивното зреење и жетва, ја зголемува плодноста на земјата да раѓа сочни овоштија и зеленчуци за исхрана на луѓето и живиот свет (пролет, лето). Кога доаѓа редот Хад да ја носи кај него во подземјето, Деметра се загрижува и е натажена, го запоставува растителниот свет кој замира без нејзино влијание (есен, зима). Ова кружно будење и замирање на природата е причина за создавањето на култот спрема божицата Деметра и тајните свечености наречени елевсински мистерии.[1] Мистериите

Фреска од Вергина која го прикажува грабнувањето на Персефона од страна на богот на подземјето Хад

Мистериите

Деметра, седи и ја протега раката во благослов кон клекнатата Метанеира, која нуди пченица која е симбол на периодични мистерии ( Вазно црвено-фигуративно сликарство, околу. 340 п.н.е., од Апулија)

Елевсинските мистерии се верува дека датираат многу одамна. Некои откритија во храмот Елевсинион во Атика сугерираат дека во основа тие се стар земјоделски култ.[14] Се чини дека некои практики на мистериите биле под влијание на религиозните практики од микенскиот период.[15][16] Ископувањата покажале дека приватна зграда постоела под Телестерион во микенскиот период и се чини дека првично култот на Деметра бил приватен. Во Хомерската химна се споменува палатата на кралот Келеос.[17]

Едно од размислувањата на современите научници е дека мистериите имале за цел „да го воздигнат човекот над човечката сфера во божественото и да го утврдат неговото искупување со тоа што ќе го направат бог и ќе му се даде бесмртност“.[18] Компаративната студија покажува паралели помеѓу овие грчки ритуали и слични системи на Блискиот исток кои датираат од уште постаро време. Таквите култови ги вклучуваат мистериите на Изида и Озирис во Египет, сириските култови, персиските мистерии и фригиските кабеирски мистерии.[19]

Некои научници тврдат дека елевсинскиот култ е продолжение на минојскиот култ [20] и дека Деметра е божицата од афионот којашто го донела афионот од Крит до Елевсина.[21][22] Неколку корисни информации од микенскиот период може да се земат од проучувањето на култот на Деспоина, (претходничката божица на Персефона) и култот на Илитија, која била божица на породувањето. Мегаронот на Деспоина во Ликосура е многу сличен со Телестерионот на Елевсина[23], и Деметра е обединета со богот Посејдон, со кого ја имала ќерката, Деспоина (љубовница).[24] Во пештерата Амнисос на Крит, божицата Илитија е поврзана со годишното раѓање на божественото дете и е поврзана со Енесидаон[25] кој е аспект на Посејдон.[26]

Елевсиските натписи се однесуваат на „Божиците“ придружувани од земјоделскиот бог Триптолем (веројатно син на Геја и Океан )[27] и „Бог и божица“ (Персефона и Плутон) придружувани од Евбулеј, кој веројатно го водел патот назад од подземјето.[28] Митот бил претставен во еден циклус со три фази: „слегувањето“, „потрагата“ и „искачувањето“ (грчки „анодос“) со спротивставени емоции од тага до радост што ги доведувало мистите до возбуда. Главната тема било искачувањето на Персефона и повторното обединување со нејзината мајка Деметра.[29] На почетокот на празникот, свештениците полнеле два специјални сада и ги истуриле, едниот кон запад, а другиот кон исток. Луѓето гледајќи и кон небото и кон земјата извикувале во волшебна рима „дожд и зачнување“. Во хомерската химна, ритуалот е поврзан со митот за земјоделскиот бог Триптолем.[30][31] Главната точка на прославата била „поткастрување на житото во тишина“, што ја претставувало силата на новиот живот. Идејата за бесмртност не постоела во мистериите на почетокот, но иницираните верувале дека ќе имаат подобра судбина во подземниот свет. Смртта останала реалност, но во исто време нов почеток како растението кое расте од закопаното семе.[32]

Според Милонас, помалите мистерии се одржувале „по правило еднаш годишно во рана пролет во месецот на цвеќето, антестерион, додека „поголемите мистерии се одржувале еднаш годишно и секоја четврта година се славеле со посебен сјај во она што било познато како пентетерис. [33] Керени се согласува со оваа проценка: „Помалите мистерии се одржувале во месецот антестерион, нашиот февруари [34] Овој циклус траел околу два милениуми. Во Хомерската химна на Деметра, се вели дека кралот Целеус бил еден од првите луѓе што ги научил тајните обреди и мистерии на култот.

Под раководство на Пеисистратос од Атина, Елевсинските мистерии станале панхеленски, а аџиите се собирале од Грција и пошироко за да учествуваат. Околу 300 п.н.е., државата ја презела контролата над Мистериите и бројот на упатените во култот се зголемувал. Хелените ширум Хелада, па дури и населението кое живеело во границите на Римското Царство, заминувале на поклонение во Елевсина и Атина со цел да се посветат во мистериите и да учествуваат во тајните обреди. Право на посветување имал секој маж, жена, туѓинец или роб, но само доколку не извршено некакво убиство и доколку не се „варвари“ (односно, да зборуваат старогрчкиот јазик).[35]

Ритуали

Рушевините на светилиштето на Деметра во Елевсина. Иницијацијата во Мистериите се случувала во Телестерион, голема сала за хипостил со места од сите четири страни, каде што иницијантите ги гледале ритуалите. Тогаш хиерофантот покажувал свети наследства, рецитирал свети текстови и им пренесувал на верниците оптимистички поглед на животот по смртта.

Елевсинските мистерии се славеле кон крајот на септември, траеле девет дена, секој ден посветените морале да извршуваат одредени обреди. Пред првиот ден на празнувањето, сите учесници или мисти се собирале во градот Елевсина, 20 километри североисточно од Атина, од каде што во поворка патувале сè до плоштадот на Атина носејќи со себе свети заветни  дарови наречени хиерá.

Тука, пред храмот на Деметра, даровите ги собирал високосвештеник хиерофант и ги сместувал во тајна одаја на храмот. Следниот ден, односно на првиот ден од празнувањето, на градскиот плоштад (агорá) свечено се отворале мистериите и се избирале учесници кои требале да бидат посветени. Вториот, третиот и четвртиот ден се вршеле жртвени обреди во морето покрај пристаништето Фалерон. Имено, секој учесник влегувал во морето носејќи в рака прасе за прочистување и жртвување. На четвртиот ден, учесниците во поворка се враќале повторно назад кон Елевсина носејќи ги светите заветни радови и еден кип на малиот бог Јакхо. По пристигнувањето одмарале во починка, се прочистувале и се воздржувале од храна сè до приквечерина. Постот го завршувале со напиток наречен „кикејон“, каша смешана со вода, листови од нане и пченични зрна. Зрната во напитокот се симбол на Персефона, ќерката на Деметра, која умира, заминува во подземниот свет и повторно се раѓа. За разлика од Дионисиите, за време на елевсинските мистерии не се пиело вино. Од петтиот до деветтиот ден нема податоци за тоа како се одвивале овие мистерии поради светиот завет на молчење. Според некои сведоштва, мистите (посветените учесници) влегувале во светиот простор наречен Телестерион, каде што се вршеле тајните обреди. Внатре се барало од нив да изговорат одредена реченица (синтема) во вид на лозинка, за да ја покажат нивната подготвеност за тајните обреди. По завршувањето на тајните обреди во чест на мртвите се вршело излевање на посветена вода во источен и западен правец. Потоа посветените се враќале назад во Атина.[1]

Учесници

Четири категории луѓе учествувале во Елевсинските мистерии. За да се учествува, требало да се даде заклетва на тајност :

  1. Свештеници, свештенички и хиерофанти.
  2. Иницијанти, кои учествуваат на церемонијата за првпат.
  3. Други посветени кои веќе учествувале барем еднаш, подобни за четвртата категорија.
  4. Оние што достигнале епоптеја (грчки: ἐποπτεία) кои ги научиле тајните на Деметра.

Свештенство

Свештенството што служело во Елевсинските мистерии и во светилиштето било поделено на неколку служби со различни задачи, составени од мажи и жени. Шест категории свештеници чиноначалствувале во Елевсинските мистерии:

  1. Хиерофант, првосвештеник, служба наследена во семејствата Филеиди или Евмолпиди.[36]
  2. Висока свештеничка на Деметра, служба наследена во семејствата Филеиди или Евмолпиди.[36]
  3. Дадух, луѓе кои служат како носители на факелот.[36]
  4. Дадухуса, висока свештеничка - служба наследена во семејствата Филеиди или Евмолпиди. [36]
  5. Хиерофантиди, две мажени свештенички: едната служела на Деметра, а другата на Персефона. [36]
  6. Панагеј ('светото') или мелиса ('пчели'), група свештенички кои живееле затскриено од мажите. [36]

Службата на хиерофантот, првосвештеничката и свештеничката дадухуса биле наследени во семејствата Филеиди или Евмолпиди, а хиерофантот и Високата свештеничка биле од ист ранг.[37] Задачата на Првата свештеничка било да ги имитира улогите на божиците Деметра и Персефона за време на Мистериите.[37]

Тајни

Голем дел од конкретните информации за Елевсинските мистерии никогаш не биле запишани. На пример, само иницијантите знаеле што содржат кистето (сакрален ковчег) и калатот. Имало две Елевсински мистерии, поголема и помала.

Помали мистерии

Помалите мистерии се одвивале во месецот антестерија - осниот месец од атичкиот календар, паѓајќи во средината на зимата околу февруари или март - под раководство на атинскиот архистон базилеј. Со цел да се квалификуваат за иницијација, учесниците ѝ жртвувале прасе на Деметра и Персефона, а потоа ритуално се прочистувале во реката Илисос. По завршувањето на Помалите мистерии, учесниците се сметаа за мисти („иницирани“) достојни да бидат сведоци на Големите мистерии.

Поголеми мистерии

Поголемите мистерии се случувале во бодромион - третиот месец од атичкиот календар, паѓајќи кон крајот на летото околу септември или октомври - и траеле десет дена. Првиот чин (на 14-тиот бодромион) бил донесувањето на светите предмети од Елевсина до Елевсиониј, храм во подножјето на Атинската Акропола. На 15-тиот бодромион, ден наречен Собир (Agyrmos), свештениците (хиерофанти) го прогласувале почетокот на обредите (пророза) и ја извршувале жртвата (hiereía deúro). На 16-ти бодромион славениците се миеле во морето во Фалерум. На 17-ти, учесниците ја започнувале Епидаурија, фестивал за Асклепиј именуван по неговото главно светилиште на Епидаурус. Овој „фестивал во рамките на фестивал“ го славел пристигнувањето на исцелителот во Атина со неговата ќерка Хигија и се состоел од поворка што водела кон Елевсинија, за време на која мистијците останувале дома во целовечерно празнување (pannykhís)[38].

Поворката до Елевсина започнувала на Керамеикос (атинските гробишта) на 18-ти, и оттаму луѓето оделе кон Елевсина, по Светиот пат (Ἱερὰ Ὁδός, Хиера Ходос ), замавнувајќи ги гранките наречени бакхои. На одредено место на патот, тие извикувале непристојности во знак на сеќавање на Јамбе (или Баубо ), стара жена која, кажувајќи валкани шеги, ја насмеала Деметра додека оваа жалела за загубата на својата ќерка. Поворката исто така извикувала "Íakch', O Íakche!", веројатно епитет за Дионис, или засебно божество Јак, син на Персефона или на Деметра.[39]

По пристигнувањето до Елевсина, имало целовечерно бдеење (pannychis) според Милонас [40] и Керениј.[41] можеби во спомен на потрагата по Персефона од страна на Деметра. Во одреден момент, иницијантите пиеле посебен пијалок (кикеон) од јачмен и нане (Mentha pulegium), кои можеби имале некакви психотропни ефекти.

Внатре во Телестерион

На 19-ти бодромион, иницијантите влегувале во голема сала наречена Телестерион ; во центарот стоела Палатата (Анакторон), во која можеле да влезат само хиерофаните, каде што биле складирани свети предмети.[42] Се претпоставува дека обредите внатре во Телестерион содржат три елементи:

  1. Сторените нешта (dromena), драматично навраќање на митот за Деметра / Персефона
  2. Прикажаните нешта (deiknumena), прикажуваше свети предмети, во кои хиерофанот играл суштинска улога
  3. Кажаните нешта (legomena), коментари кои ја придружуваат деикнумената.[43]

Во комбинација, овие три нешта биле познати како апорета („неповторливи“) а казната за нивно обелоденување била смрт.

Атинагора од Атина, Цицерон и други антички писатели наведуваат дека токму за ова злосторство (меѓу другото) Дијагора бил осуден на смрт во Атина;[44][45] На драматургот Есхил наводно му се судело за откривање тајни на Мистериите во некои од неговите драми, но бил ослободен од обвинението.[46] Забраната за објавување на основниот ритуал на Мистериите била апсолутна, веројатно затоа не се знае скоро ништо за тоа што се случувало таму.

Завршница на прославите

По Телестерион следел целовечерен празник (панихис) [47] проследен со танцување и веселба. Танците се одвивале на Раријанското поле, за кое се вели дека е првото место каде што пораснало житото. Исто така, доцна истата ноќ или рано следното утро се положувала жртва од бик. Тој ден (22-ри бодромион), иницијантите ги почестувале мртвите со истурање либации од специјални садови. На 23-тиот бодромион, Мистериите завршувале и сите се враќале дома.[48]

Згаснување

Во 170 г. н.е., храмот на Деметра бил разрушен од сарматите, но бил повторно изграден од страна на Марко Аврелиј. Тогаш му било дозволено на Аврелиј да стане единствениот лаик што некогаш влегол во анакторон. Бидејќи христијанството се здобило со популарност во 4 и 5 век, престижот на Елевсина започнал да згаснува. Последниот пагански император на Рим, Јулијан, владеел од 361 до 363 година по околу педесет години христијанско владеење. Јулијан се обидел да ги врати Елевсинските мистерии и бил последниот император што бил инициран во нив.[49]

Римскиот император Теодосиј Први ги затворил светилиштата со декрет за време на прогонството на паганите во доцната Римска империја околу 30 години подоцна, во 392 г. н.е. Последните остатоци од Мистериите биле избришани во 396 година од нашата ера, кога аријанските христијани под водство на Аларик, кралот на Готите, ги уништил и осквернавел старите свети места.[50] Згаснувањето на Елевсинските мистерии во 4 век го пријавил Евнапиј, историчар и биограф на грчките филозофи. Евнапиј бил инициран од последниот легитимен хиерофант, кого царот Јулијан го нарачал за да ги обновува Мистериите, кои дотогаш пропаѓале. Според Евнапиј, последниот хиерофант бил узурпатор, „човекот од Теспија, кој имал чин на Отец во тајните на Митра“.

Според историчарот Ханс Клофт, и покрај уништувањето на Елевсинските мистерии, елементите на култот преживеале во грчките села. Таму, селаните ритуалите на Деметра постепено ги пренеле на Свети Димитриј Солунски, кој постепено станал локален покровител на земјоделството и „наследник“ на паганската мајка-божица.[51]

Поврзано

Наводи

  1. 1,0 1,1 1,2 Начковски, Ненад (2015-02-18). „ΜΥΘΟΣ: Елевсински мистерии“. ΜΥΘΟΣ. Посетено на 2020-09-15.
  2. „Eleusinian Mysteries | Greek religion“. Encyclopedia Britannica (англиски). Посетено на 2020-09-15.
  3. „Greek Popular Religion Index“. www.sacred-texts.com. Посетено на 2020-09-15.
  4. " Cretan dialect 'Eleuthia' would connect Eileithyia (or perhaps the goddess "Eleutheria") to Eleusis". Willets, p. 222.
  5. F.Schachermeyer (1967) Die Minoische Kultur des alten Kreta W.Kohlhammer Stuttgart, p. 141
  6. "In Laconia there is a temple of Demeter Eleusinia. The name was used very early, and cannot be an influence of the goddess of Eleusis": Nilsson, Vol I, pp.313-314
  7. „Henry George Liddell, Robert Scott, A Greek-English Lexicon, μυστήρι-ον“. tufts.edu.
  8. „Henry George Liddell, Robert Scott, A Greek-English Lexicon, μυ^έω“. tufts.edu.
  9. „Henry George Liddell, Robert Scott, A Greek-English Lexicon, μύστης“. tufts.edu.
  10. „Henry George Liddell, Robert Scott, A Greek-English Lexicon, μυστικός“. tufts.edu.
  11. Foley, Helene P., The Homeric "Hymn ro Demeter". Princeton University Press 1994. Also Vaughn, Steck. Demeter and Persephone. Steck Vaughn Publishing, June 1994
  12. Smith, William. A New Classical Dictionary of Greek and Roman Biography, Mythology and Geography Vol. II. Kessinger Publishing, LLC 2006.
  13. Similar ideas appear in many ancient agricultural societies: in the cult of Adonis in Phoenicia, the cult of Osiris in Egypt and the cult of Ariadne in Minoan Crete. Also in China: "There in the buried seed, the end of life is connected with a new beginning": The I Ching or book of changes, transl. Richard Wilhelm p.45
  14. Nilsson, Vol I, p.470
  15. Dietrich (1975) The origins of Greek Religion. Bristol Phoenix Press pp. 166, 167
  16. Walter Burkert. (1985)Greek Religion. Harvard University Press. p. 285
  17. Nilsson, Vol I, pp. 474,475
  18. Nilsson, Martin P. Greek Popular Religion "The Religion of Eleusis" New York: Columbia University Press, 1947. pages 42–64
  19. Newton, Joseph Fort.The Builders p.24
  20. Kerenyi (1976), Dionysos. Archetypal image of indestructible life p.79
  21. " Persephone is probably the unnamable mistress of the labyrinth (Mycenean (Linear B) inscription : da-pu-ri-to-jo po-ti-ni-ja) " : Karl Kerenyi.Dionysos.Archetypal image of indestructible life.p 89,90.
  22. Kerenyi, 1976 p.23
  23. Burkert: Greek religion p.285
  24. Pausanias, 8.37.9
  25. Mycenean (Linear B) inscription :E-ne-si-da-o-ne
  26. Dietrich The origins of Greek Religion pp. 220, 221
  27. Pseudo Apollodorus Biblioteca IV.2
  28. Kevin Klinton (1993), Greek Sanctuaries: New Approaches, Routledge, p. 11
  29. Nilsson, Greek popular religion p.51
  30. Wunderlich 1972 The secret of Creta p. 134
  31. Chadwick: The Mycenean world P.92
  32. Walter Burkert. (1985)Greek Religion. Harvard University Press. p. 285
  33. Mylonas, George E. "Eleusis and the Eleusinian Mysteries". Princeton University Press 1961, p. 239, 243.
  34. Kerenyi, Carl. Eleusis – Archetypal Image of Mother and Daughter. Bollingen Foundation 1967, p. 48.
  35. Smith, William. A Dictionary of Greek and Roman Antiquities, London, 1875.
  36. 36,0 36,1 36,2 36,3 36,4 36,5 Pomeroy, Sarah B, Goddesses, whores, wives, and slaves: women in classical antiquity, Schocken Books, New York, 1995
  37. 37,0 37,1 Pomeroy, Sarah B, Goddesses, whores, wives, and slaves: women in classical antiquity, Schocken Books, New York, 1995
  38. Clinton, Kevin. "The Epidauria and the Arrival of Asclepius in Athens", in Ancient Greek Cult Practice from the Epigraphical Evidence, edited by R. Hägg. Stockholm, 1994.
  39. Iacchus (Iakchos) has been considered the divine name of the mystic Bacchus at Athens and Eleusis, derived from the boisterous festive song named for him, called Iacchus, and sung during the procession — or the personification of the ritual cry "Íakhe". See Smith, Iacchus; Aristophanes, Frogs 316 ff, 5th or 4th century BC; Plutarch, Life of Alcibiades 34. 3; Herodotus, Histories, 8. 65. 4; Arrian, Anabasis Alexandri, ii. 16; Virgil, Georgics, i. 166; and Plutarch, Themistocles, 15.
  40. Mylonas, G. E., 1961 Eleusis and the Eleusinian Mysteries, p.258
  41. Kerenyi, C. Eleusis: Archetypal Image of Mother and Daughter, p. 62
  42. According to Clement of Alexandria's Exhortation to the Greeks. See Meyer 1999, 18.
  43. See (e.g.) Brisson/Teihnayi 2004, 60
  44. Gagné, Renaud (2009). „Mystery Inquisitors: Performance, Authority, and Sacrilege at Eleusis“. Classical Antiquity (англиски). 28 (2): 211–247. doi:10.1525/CA.2009.28.2.211. ISSN 0278-6656.
  45. Filonik, Jakub (2013). „Athenian impiety trials: a reappraisal“. Dike (англиски). 16: 46–51. doi:10.13130/1128-8221/4290. ISSN 1128-8221.
  46. Aristotle, Nicomachean Ethics 1111a8-10.
  47. παννυχίς. Henry George Liddell, Robert Scott. A Greek-English Lexicon - Perseus Project
  48. Boardman, Griffin, and Murray. The Oxford History of the Classical World. Oxford University Press 1986.
  49. „Eleusis: Pathways to Ancient Myth“. Calvin.edu. Архивирано од изворникот на 2017-11-09. Посетено на 2012-09-15.
  50. Rassias, Vlasis. Demolish Them. (in Greek) Athens 2000.
  51. Kloft (2010).

Библиографија

Надворешни врски