Универзална декларација за човековите права: Разлика помеѓу преработките

Од Википедија — слободната енциклопедија
[проверена преработка][проверена преработка]
Избришана содржина Додадена содржина
Ред 282: Ред 282:


== Надворешни врски ==
== Надворешни врски ==
{{рв|Universal Declaration of Human Rights}}
* [http://unicode.org/udhr/d/udhr_mkd.xml Декларацијата на македонски јазик]
* [http://unicode.org/udhr/d/udhr_mkd.xml Декларацијата на македонски јазик]



Преработка од 03:56, 10 декември 2013

Универзална декларација за човековите права
Елеонор Рузвелт како ја држи шпанската верзија на декларацијата
Елеонор Рузвелт како ја држи шпанската верзија на декларацијата
Создаден 1948
' 10 декември 1948
Место дворец Шајо, Париз
Автор(и) Џ.П. Хамфри (Канада), Р. Касен (Франција), П.Ч. Чанг (Кина), Ч. Малик (Либан), Е. Рузвелт (САД) и други
Намена човекови права

Универзална декларација за човекови права (УДХР)декларација донесена од Генералното собрание на Обединетите нации на 10 декември 1948 г. во палатата Шејо, Париз. Декларацијата произлезе директно од искуството од Втората светска војна и го претставува првото глобално изразување на права на коишто, по својата природа имаат право сите човечки суштества. Декларацијата се состои од 30 члена коишто се елаборирани во подоцнежни меѓународни договори, регионални инструменти за човекови права, национални устави и закони. Меѓународната повелба за човекови права се состои од Универзалната декларација за човекови права, Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права и Меѓународниот пакт за граѓански и политички права и неговите два Факултативни протоколи. Во 1966 година, Генералното собрание донесе два детални пакта коишто ја комплетираат Меѓународната повелба за човекови права и во 1976 година, откако двата пакта беа ратификувани од доволен број индивидуални нации, Повелбата стана меѓународен закон.


Историја

Претходници

За време на Втората светска војна сојузниците ги донесоа четирите слободи: слобода на говор, слобода на здружување, слобода од страв и слобода од сиромаштија како нивни основни воени цели. Повелбата на Обединетите нации „ја потврди вербата во основните човекови права, достоинството и вредноста на човекот“ и ги обврза сите земји-членки да промовираат „универзална почит и придржување кон човековите права и основните слободи на сите луѓе без разлика на расата, полот, јазикот или религијата“.

Кога по Втората светска војна стана јасно ѕверството што го изврши нацистичка Германија, во рамките на светската заедница се дојде до консензус дека Повелбата на Обединетите нации не ги дефинира доволно правата на коишто се однесува. Беше потребна универзална декларација којашто ќе ги прецизира правата на поединците за да станат валидни одредбите за човековите права од Повелбата.

Подготвување на нацрт-декларацијата

Генералниот секретар на Обединетите нации го повика Канаѓанецот Џон Питерс Хамфри да работи на проектот и така тој стана главниот изготвувач на Декларацијата. Во тоа време, Хамфри штотуку беше назначен за директор на Одделението за човекови права при Секретаријатот на Обединетите нации. Комисијата за човекови права којашто е постојано тело на Обединетите нации беше формирана за да ја преземе работата за подготвување на она што беше првично замислено како Меѓународна повелба за човекови права. Членството на Комисијата беше направено така што широко да ја претставува глобалната заедница, вклучувајќи претставници од следните земји: Австралија, Белгија, Советската Социјалистичка Република Белорусија, Чиле, Кина, Египет, Франција, Индија, Иран, Либан, Панама, Филипини, Обединетото Кралство, Соединетите Американски Држави, Сојузот на Советските Социјалистички Републики, Уругвај и Југославија. Меѓу другите, добро познати членови на Комисијата, беа дел и Еленор Рузвелт од Соединетите Американски Држави којашто беше претседател, Жак Маритен и Рене Касин од Франција, Чарлс Малик од Либан и П. Ц. Чанг од Кина. Хамфри ја даде првичната нацрт-декларација којашто стана работен текст на Комисијата.

Според „Глобализирање на семејните вредности“ (Globalizing Family Values), фразите коишто го поддржуваат традиционалното семејство, а се присутни во Декларацијата се резултат на влијанието коешто го имало христијанско-демократското движење врз Касин и Малик.

Донесување

На 10 декември 1948 година, Генералното собрание ја донесе Универзалната декларација којашто беше изгласана со 48 гласа за, а ниту еден против и 8 воздржани (воздржани беа сите држави од Советскиот блок, т.е.: Белорусија,Чехословачка, Полска, Украина и Сојузот на Советските Социјалистички Републики, потоа Југославија, Јужна Африка и Саудиска Арабија).

Следниве земји гласаа за Декларацијата: Авганистан, Аргентина, Австралија, Белгија, Боливија, Бразил, Бурма, Канада, Чиле, Кина, Колумбија, Костарика, Куба, Данска, Доминиканската Република, Еквадор, Египет, Ел Салвадор, Етиопија, Франција, Грција, Гватемала, Хаити, Исланд, Индија, Иран, Ирак, Либан, Либерија, Луксембург, Мексико, Холандија, Нов Зеланд, Никарагва, Норвешка, Пакистан, Панама, Парагвај, Перу, Филипините, Тајланд, Шведска, Сирија, Турција, Обединетото Кралство, Соединетите Американски Држави, Уругвај и Венецуела.

Во почетокот, канадската Влада беше воздржана од гласање за донесување на Декларацијата и покрај главната улога којашто ја имаше Канаѓанецот Џон Хамфри, но подоцна во Генералното собрание, Владата гласаше во корист на финалната верзија.

Структура

Основната структура на Универзалната декларација беше воведена во вториот нацрт на Декларацијата којшто го изготви Рене Касин. Касин работеше врз основа на првиот нацрт којшто го изготви Џон Петерс Хамфри. Во Структурата беше присутно влијанието на Наполеоновиот законик, вклучувајќи и преамбула и општи воведни начела. Касин ја споредуваше Декларацијата со портикото на грчки храм составен од темел, скали, четири столба и педимент. Член 1 и 2 се основните блокови со нивните начела на достоинство, слобода, рамноправност и братство.

Седумте ставови од преамбулата во коишто се наведени причините за Декларацијата се претставени со скалите.

Главниот текст на Декларацијата ги претставува четирите столба. Првиот столб го сочинуваат правата на поединецот, како што се правото на живот и забрана на ропство, односно членовите 3-11. Вториот столб, односно членовите 12-17 е составен од правата на поединецот во граѓанското и политичкото општество. Третиот столб, односно членовите 18-21 се однесуваат на духовните, јавните и политичките слободи како што се слободата на вероисповед и слободата на здружување. Во четвртиот столб, односно членовите 22-27 се утврдени социјалните, економските и културните права.

Во моделот на Касин последните три члена од Декларацијата го сочинуваат педиментот којшто ја врзува структурата. Овие членови се однесуваат на должноста на поединецот кон општеството и забраната за користење на правата за прекршувања на целите на Обединетите нации.

Преамбула

Универзалната декларација започнува со преамбула, составена од седум ставови и е проследена со изјава којашто ја „прогласува“ Декларацијата. Во секој од ставовите е наведена причина за донесувањето на Декларацијата. Во првиот став, се тврди дека признавањето на човековиот дигнитет на сите луѓе е темел на правдата и мирот во светот. Во вториот став, се напоменува дека игнорирањето и непочитувањето на човековите права довело до варварски дејствија коишто ја разгневиле совеста на човештвото и дека четирите слободи: слобода на говор, слобода на верување, слобода од сиромаштија и слобода од страв се „прогласени за највисока аспирација на луѓето.“ Во третиот став е наведено дека за да не бидат луѓето принудени да се побунат против тиранијата, човековите права треба да бидат заштитени со владеењето на правото. Четвртиот став ги поврзува човековите права со развојот на пријателски односи меѓу нациите. Петтиот став ја поврзува Декларацијата со Повелбата на Обединетите нации со што се потврдува вербата во основните човекови права, достоинството и вредноста на човекот. Во шестиот став се вели дека сите членови на Обединетите нации се обврзале да остварат промовирање на универзална почит и придржување кон човековите права и основните слободи, во соработка со Обединетите нации. Во седмиот став се напоменува дека за целосно остварување на таа заложба „од огромна важност“ е „заемното разбирање“.

Овие ставови се проследени со „акт за прогласување“ на Декларацијата како „заеднички стандард што треба да се постигне“ за „сите луѓе и сите нации“, за да можат „сите луѓе“ и „сите органи на општеството“ преку учење и образование да промовираат почитување на овие права и слободи и по пат на прогресивни мерки на национално и на меѓународно ниво, да се обезбеди нивно универзално и ефективно признавање и почитување.

Одбележување на меѓународниот ден на човековите права

Донесувањето на Универзалната декларација е значајна меѓународна комеморација којашто се одбележува секоја година на 10 декември и е позната како Ден на човековите права или Меѓународен ден на човековите права. Комеморацијата ја одбележуваат поединци, заедници и религиски групи, организации за човекови права, парламенти, влади и Обединетите нации. Често, декадните одбележувања се проследени со кампањи за промовирање на свеста за Декларацијата и за човековите права. Во 2008 година, беше одбележана 60-годишнината којашто беше проследена со активности на тема „Достоинство и правда за сите“, коишто траеја цела година.

Важност и правно дејство

Важност

Според Гинисовата книга на рекорди УДХР е опишана како „најпреведуван документ“ во светот. Во премабулата, Владите се обврзуваат себеси и својот народ на прогресивни мерки за да се обезбеди универзално и ефективно признавање и почитување на човековите права коишто се утврдени во Декларацијата. Еленор Рузвелт го поддржуваше донесувањето на УДХР како декларација, наместо како договор затоа што веруваше дека Декларацијата би го имала истото влијание врз глобалното општество како што го имаше Декларацијата за независност во Соединетите Американски Држави. Таа беше во право. Иако, формално, Декларацијата не беше правно обврзувачка, од 1948 година таа беше усвоена во повеќето државни устави или пак во нив беше присутно нејзиното влијание. Исто така, Декларацијата служи како основа за сè повеќе меѓународни договори, државни закони и меѓународни, регионални, национални и субнационални институции коишто ги штитат и промовираат човековите права.

Правно дејство

Иако, Декларацијата самата по себе не е договор, таа беше експлицитно донесена за дефинирање на значењето на зборовите „основни слободи“ и „човекови права“ коишто се присутни во Повелбата на Обединетите нации којашто е обврзувачка за сите земји-членки. Токму затоа, Универзалната декларација е основен, суштински документ на Обединетите нации. Исто така, многу меѓународни адвокати веруваат дека Декларацијата е дел од меѓународното обичајно право и дека е моќна алатка при вршење дипломатски и морален притисок врз Владите коишто го прекршуваат кој било член од Декларацијата. На Меѓународната конференција за човекови права на Обединетите нации во 1968 година, беше сугерирано дека Декларацијата „претставува обврска на сите членови на меѓународната заедница“ кон сите луѓе. Декларацијата служи како основа за два обврзувачки пакта за човековите права на Обединетите нации, а тоа се Меѓународниот пакт за граѓански и политички права и Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права, како и начелата од Декларацијата кои се елаборирани во меѓународни договори како што се: Меѓународната конвенција за елиминирање на сите форми на расна дискриминација, Меѓународната конвенција за елиминирање на сите форми на дискриминација на жените, Конвенцијата за правата на детето на Обединетите нации, Конвенцијата против тортура на Обединетите нации и многу други. И понатаму многу влади, професори, поборници, уставни судови и луѓе кои се повикуваат на начелата од Декларацијата за заштита на нивните признати човекови права ѝ оддаваат огромно признание.


Членови од Универзалната декларација за човекови права

Член 1. Сите човечки суштества се раѓаат слободни и еднакви по достоинство и права. Тие се обдарени со разум и совест и треба да се однесуваат еден кон друг во духот на општо човечката припадност.


Член 2. Сите права и слободи наведени во оваа Декларација им припаѓаат на сите луѓе, без оглед на нивните разлики, како што се : раса, боја, пол, јазик, религија, политичко или друго убедување, национално или општествено потекло, сопственост, раѓање, или друг статус.


Член 3. Секој има право на живот, слобода и сигурност.


Член 4. Никој нема да биде роб или потчинет; ропството и трговијата со робови ќе бидат забранети во сите нивни форми.


Член 5. Никој нема да биде подложен на тортура или на суров, нехуман или понижувачки третман или казна.


Член 6. Секој има право насекаде да биде признаен како личност пред законот


Член 7. Сите луѓе се еднакви пред законот и на сите им припаѓа, без никаква дискриминација, еднаква заштита со закон. На сите им припаѓа еднаква заштита од каква и да е дискриминација, што е во спротивност на оваа Декларација и од какво и да е поттикнување на таква дискриманција.


Член 8. Секој има право националните судови ефикасно да го заштитат од кршење на основните права кои му се признати со уставот и законите.


Член 9. Никој човек нема да биде подложен на произволно апсење, притвор или прогонување.


Член 10. Секој има потполно еднакво право на праведно и јавно судење пред независен и непристрасен суд, при одредувањето на неговите права и обврски и во услови на какво и да е кривично обвинение против него.


Член 11. 1. Секој обвинет за кривично дело има право да се претпоставува дека е невин се додека не се докаже неговата вина во согласнсот со закон и на јавно судење, на кое тој ги има сите гаранции неопходни за неговата одбрана.

2. Никој нема да се смета за виновен за кое и да е кривично дело поради дејство или пропуст, што не претставувале кривично дело според националното или меѓународното право во времето кога тоа било сторено. Исто така, не смее да се изрече казна поголема од онаа што се применувала во времето кога било сторено кривичното дело.


Член 12. Никој нема да биде изложен на произволно вмешување во неговиот приватен и семеен живот, домот или преписката, ниту пак на напади врз неговата чест и углед. Секој има право на правна заштита од таквото вмешување или напади.


Член 13. 1. Секој има право на слобода на движење и живеалиште во рамките на границите на секоја држава.

2. Секој има право да ја напушти земјата, вклучувајќи ја и неговата сопствена земја, како и да се врати во својата земја.


Член 14. 1. Секој има право во друга држава да бара и да ужива азил поради прогонување.

2. Луѓето не можат да се повикаат на ова право во случај на прогонување што произлегува од неполитички злосторства или од дејствија што се спротивни на целите и начелата на Обединетите нации.


Член 15. 1. Секој има право на државјанство.

2. Никому не смее произволно да му биде одземено неговото државјанство, ниту пак ќе му се порекне правото да го промени државјанството.


Член 16. 1. Полнолетните мажи и жени, без никакви ограничувања врз основа на расата, националноста или религијата, имаат право да стапат во брак и да основаат семејство. Ним им припаѓаат еднакви права пред бракот, за време на бракот и по неговото раскинување.

2. Бракот ќе се склучи само со слободна и целосна согласност на идните брачни другари.

3. Семејството е природна и основна ќелија на општеството и има право на заштита од страна на општеството и државата.


Член 17. 1. Секој човек има право на сопственост, како самостојно, така и заедно со други.

2. Никој нема да биде произволно лишен од неговата сопственост.


Член 18. Секој има право на слобода на мислата, совеста и религија. Ова право ја вклучува и слободата – човекот да ја промени својата религија или убедување, како и слободата – човекот, индивидуално или во заедница со други луѓе, приватно или јавно, да ја манифестира својата религија или убедување преку подучување, практикување, одржување служби или обреди.


Член 19. Секој има право на слобода на мислење и изразување. Ова право ја вклучува и слободата да се застапува одредено мислење без никакво вмешување и да се бараат, да се примаат и да се даваат информации и идеи преку медиумите и без оглед на границите.


Член 20. 1. Секој има право на слобода на мирни собири и здружување.

2. Никој не може да биде принуден да членува во некое здружение.


Член 21. 1. Секој има право да учествува во управувањето со неговата земја, непосредно или преку слободно избрани претставници.

2. Секој има право на еднаков пристап кон јавните служби во неговата земја.

3. Волјата на народот ќе биде основата на власта, волјата на народот ќе се изразува на повремени и автентични избори, што ќе се одржуваат, со универзално и еднакво право на глас и со тајно гласање или според соодветните процедури на слободно гласање.


Член 22. Секој, како член на општеството, има право на социјана сигурност и има право да ги остваува своите економски, социјални и културни права, неделиви од неговото достоинство и слободниот развој на неговата личност, и тоа преку национални напори и меѓународна соработка и во согласност со поредокот и потенцијалите на секоја држава.


Член 23. 1. Секој има право на работа, слободен избор на работно место, праведни и поволни услови за работа и заштита од невработеност.

2. Секој, без каква и да е дискриминација, има право на еднаква плата за иста работа.

3. Секој кој работи има право на праведен и соодветен надоместок што нему и на неговото семејство ќе им обезбеди достоинствен живот, а кој надоместок ќе биде надополнет, до колку е неопходно, со други средства на социјална заштита.

4. Секој има право да основа и да се зачленува во синдикати заради заштита на неговите интереси.


Член 24. Секој има право на одмор и слободно време, вклучувајќи ги тука и разумното ограничување на работното време и правото на повремен платен одмор.


Член 25. 1. Секој има право на животен стандард што нему и на неговото семејство ќе им обезбеди здравје и добробит, вклучувајќи храна, облека, живеалиште и медицинска грижа и неопходни социјални услуги, и право на осигурување во случај на невработеност, болест, инвалидност, вдовство, старост или во друг случај на недостаточни средства за живот поради околности што се надвор од неговата контрола.

2. На мајките и на децата им припаѓаат посебна грижа и помош. Сите деца, без оглед на тоа дали се вонбрачни или не, ќе ја уживаат истата социјална заштита.


Член 26. 1. Секој има право на образование. Образованието ќе биде бесплатно, барем на ниво на основно образование. Основното образование ќе биде задолжително. Техничкото и стручното образование ќе бидат општо достапни, а пристапот кон високото образование ќе биде достапно за сите врз основа на заслужените оценки.

2. Образованието ќе биде насочено кон целосниот развој на човековата личност и кон зајакнување и почитување на човековите права и основни слободи. Со него ќе се унапредува разбирањето, толеранцијата и пријателството меѓу сите народи, расни и религиозни групи и ќе се унапредуваат активностите на Обединетите нации за одржување на мирот.

3. Родителите имаат првенственото право да го изберат видот на образованието што ќе им биде дадено на нивните деца.


Член 27. 1. Секој има право слободно да учествува во културниот живот на заедницата, да ужива во уметноста и да го споделува научниот напредок и неговите благодети.

2. Секој има право на заштита на моралните и материјални интереси што произлегуваат од кое и да е научно, литературно или уметничко дело, чиј автор е тој.


Член 28. Секој има право на општествен и меѓународен поредок, во кои правата и слободите наведени во оваа Декларација можат да бидат целосно реализирани.


Член 29. 1. Секој има должности кон заедницата во која единствено е возможен слободниот и целосен развој на неговата личност.

2. При користењето на своите права и слободи, секој човек ќе подлежи само на такви ограничувања, какви што се определени со закон, со единствена цел да се осигура должното признавање и почитување на правата и слободите на другите и со цел да се задоволат предметните барања во врска со моралот, јавниот ред и општата благостојба во едно демократско општество.

3. Овие права и слободи во ниту еден случај не можат да бидат користени на начин што е спротивен на целите и принципите на Обединетите нации.


Член 30. Ниедна одредба од оваа Декларација не може да се толкува, како да и дава какво и да е право на некоја држава, групација или поединец да дејствуваат или да сторат некој акт со цел за рушење на правата или слободите предвидени со оваа Декларација.


Реакции

Оддавање признание

Многу еминентни личности ѝ оддале признание на Универзалната декларација. Либанецот Чарлс Малик, филозоф и дипломат ја нарече „меѓународен документ од најголема важност“, додека пак на 10 декември 1948 година, Еленор Рузвелт, првата претседателка на Комисијата за човекови права (ЦХР) кој ја изготви Декларацијата изјави:

- Декларацијата може да стане меѓународната Магна Карта на сите луѓе во целиот свет.-

На 5 октомври 1995 година, папата Јован Павле II во својот говор УДХР ја нарече:

- Еден од најголемите изрази на човековата совест на нашето време. –

Исто така, на 10 декември 2003 година, Марчело Спатафора во име на Европската унија изјави:

- Декларацијата ги става човековите права во центарот на рамката на начелата и обврските, притоа формирајќи ги односите во рамките на меѓународната заедница. -

Критики

Критики од исламистите

Исламските земји како што се Судан, Пакистан, Иран и Саудиска Арабија ја критикуваа Универзалната декларација за човекови права поради тоа што тие сметале дека не ги зема предвид културниот и религискиот контекст на исламските земји. Во 1982 година, иранскиот претставник во Обединетите нации, Саид Раџи Корасани ја искажа позицијата на неговата земја во однос на Универзалната декларација за човекови права, велејќи дека УДХР е „секуларно разбирање на јудејско-христијанската традиција“, коешто муслиманите не можат да го применат без кршење на исламскиот закон.

На 30 јуни 2000 година, муслиманските нации коишто се членки на Организацијата на исламската конференција, официјално одлучија да ја поддржат Каирската декларација за човекови права во исламот, којашто е алтернативен документ каде што се вели дека луѓето „имаат слобода и право на достоинствен живот во согласност со исламскиот закон шеријат“. Меѓутоа, според овој документ не е призната слободата за промена на религијата, изедначувањето на жените со мажите или пак, непристрасност при споредувањето религии.

Критики од либертаријанците

Либертаријанците и некои конзервативци веруваат дека позитивните права коишто други луѓе мора да ги обезбедат преку наметливо извлекување, на пример оданочување, ги негираат неотуѓивите права на другите луѓе. Во врска со декларацијата за право на бесплатна здравствена заштита, во член 25, Ендру Бисел, поддржувач на објективизмот рече:

- Здравствената заштита не расте на дрво. Ако тоа право треба да им се даде на одредени луѓе, средствата за обезбедување на тоа право мора да бидат конфискувани од други луѓе...Никој нема да сака да работи во областа на медицината ако наградата за многуте години вредно школување и учење не им се плати чесно, туку наместо тоа добие пациенти коишто сметаат дека имаат право на нечии напори и Влада којшто ги потчинува токму оние умови од коишто зависат животите на пациентите. –

Образование

Многу поборници за алтернативното образование, особено за нешколувањето (unschooling) не се согласуваат со член 26 во којшто е пропишано дека „... образованието е задолжително.“ Според филозофиите на Џон Холт како и на други луѓе, самото задолжително образование го прекршува правото еден човек да може мирно да ги следи своите интереси:

- Ниту едно човеково право не е посуштинско од ова, со исклучок на правото на живот. Слободата на учење на еден човек е дел од неговата слобода на мисла, што е поосновно дури и од неговата слобода на говор. Ако некому му го одземеме правото да одлучи за што ќе се интересира, тогаш ја уништуваме неговата слобода на мисла. Ние всушност, велиме дека не треба да мислите на она што Ве интересира и Ве засега, туку треба да мислите на она што нас нè интересира и нè засега.-

„Бегство од детството“ Џон Холт

Овој пример на зборот „задолжително“ е единствениот во целиот документ. Зборот „принудува“ е употребен двапати и притоа во двата случаи е со негативна конотација.

Право да одбиеш да убиеш

Групи како што се Амнести интернешенел (Amnesty International) и Вор резистерс интернешенел (War Resisters International) се залагаа „правото да одбиеш да убиеш“ да биде додадено во УДХР. Вор резистерс интернешенел (War Resisters International) изјави дека правото на „совесно спротивставување“ на воена служба произлегува пред сè од член 18 од УДХР: правото на слобода на мисла, совест и вероисповед, но сепак во него тоа сè уште не е експлицитно кажано.

Во рамките на Обединетите нации преземени се чекори ова право да се направи поексплицитно, но овие чекори се ограничени на секундарни, „помаргинални“ документи на Обединетите нации. Токму затоа Амнести интернешенел би сакала ова право да се извади „надвор од маргините“ и да се стави експлицитно во најважниот документ, а тоа е Универзалната декларација на Обединетите Нации.

Кон правата коишто Универзалната декларација за човекови права ги гарантира може да биде додадено уште едно важно право. Тоа право е „правото да одбиеш да убиеш“.

Помошник-генерален секретар на Обединетите нации и лауреат на Нобеловата награда за мир Шон Мекбрајд, Нобелово предавање 1974 година.

Декларацијата од Банкок

Во Декларацијата од Банкок којашто ја донесоа министрите од азиските земји на средба во 1993 година, којашто претходеше на Светската конференција за човекови права, азиските Влади ги потврдија своите заложби во однос на начелата од Повелбата на Обединетите нации и Универзалната декларација за човековите права. Тие го изнесоа својот став за меѓусебната зависност и неделивоста на човековите права и ја потенцираа потребата од универзалност, објективност и неселективност на човековите права. Меѓутоа, тие, исто така, ставија акцент на начелото на независност и начелото на немешање, барајќи да се стави поголем акцент на економските, социјалните и културните права, а особено повеќе на правото на економски развој отколку на граѓанските и политичките права. Декларацијата од Банкок се смета за значајно изразување на перспективата на “Азиските вредности“ којашто нуди опсежна критика на универзализмот на човековите права.

Надворешни врски