Книга: Разлика помеѓу преработките

Од Википедија — слободната енциклопедија
[проверена преработка][проверена преработка]
Избришана содржина Додадена содржина
MerlIwBot (разговор | придонеси)
с Робот: Додава ilo:Libro
DragonBot (разговор | придонеси)
с r2.7.3) (Робот: Додава ckb:پەرتووک
Ред 223: Ред 223:
[[sl:Knjiga]]
[[sl:Knjiga]]
[[so:Buug]]
[[so:Buug]]
[[ckb:پەرتووک]]
[[sr:Књига]]
[[sr:Књига]]
[[sh:Knjiga]]
[[sh:Knjiga]]

Преработка од 19:25, 13 јануари 2013

Книга е збир на пишани, печатени, илустрирани или празни страници, изработени од хартија, пергамент или друг вид на материјал, обично прицврстени заедно од едната страна. Секоја страна на лист од книгата се нарекува страница. Книга направена во електронска форма е позната како електронска книга или скратено е-книга. Книгите исто така се однесуваат и на литературни творби. Во библиотеките постои разлика меѓу периодичните часописи, магазини или весници и книгите. Една книга може да се подели во неколку тома или секции, и тогаш секоја од нив се нарекува исто така книга, но содржи и број, на пример прва книга, втора книга, итн. Вљубеникот во читање книги се нарекува библиофил. Местото каде се купуваат и се продаваат книгите се нарекува книжарница, а местото од каде што се позајмуваат книгите се нарекува библиотека.

Во 2010 година Гугл проценил дека постојат околу 130 милиони наслови на книги во светот.[1]

Историја на книгата

Антика

Податотека:Sumerian MS2272 2400BC.jpg
Сумерски јазик напишан со клинесто писмо на глинена плоча, 2400–2200 година п.н.е.

Кога е измислено пишувањето во древните цивилизации, било користено речиси сè што може да служи како подлога за пишување: камен, глинена плоча, кора од дрво и друго. Користење на азбука се појавува во Египет пред околу 5000 години. Во тоа време најчесто се пишувало на папирус, растение кое расте покрај реката Нил. На почеток зборовите биле слеани еден до друг (scriptura continua) и не постоеле интерпункциски знаци. Текстовите се запишувале од десно кон лево, од лево кон десно, а најчесто наизменично и во двата правца.

Свиток

Египетски папирус на кој е прикажан богот Озирис и вагање на срце.

Папирусот се користел за пишување во древен Египет, најверојатно уште во текот на првата династија, но првите зачувани докази датираат од времето на петтата династија (околу 2400 п.н.е.).[2] Листовите од папирус биле залепени заедно во форма на свиток. Се користела и кора од дрвото лајм.[3]

Според Херодот (Историја 5:58), Феникијците ги донесле пишувањето и папирусот во Грција околу десетиот или деветиот век пред нашата ера. Грчкиот збор за папирусот како за материјал на кој се пишува бил библион (biblion) а за книга библос (biblos), а доаѓал од феникискиот град-пристаниште Библос (Byblos), од каде се извезувал папирусот за Грција.[4] Од грчкиот јазик исто така доаѓа и зборот том (грчки: τόμος), или на латински јазик томус (Tomus), со значење посебна книга која е дел од целината на повеќе книги.

Свитоците биле често користена форма за книги во хеленската, латинската, кинеската и еврејската култура. За време на Римската Империја е развиен нов формат на составување на книгите, познат како кодекс.

Кодекс

Жена која држи книга (или восочни табли) во форма на кодекс. Ѕидна слика од Помпеја, пред 79 година.

Свитоците од папирус биле користени и во првиот век од нашата ера, за што сведочат пронајдоците од Помпеја. Првата книга направена во форма на кодекс е од крајот на првиот век. Но, кодексот не се здобил со голема популарност во тоа време.[5] Постепено бил прифаќан поради неколку економични причини. Форматот кодекс се восочни таблички на кои можело да се пишува, понекогаш дрвени таблички натопени во восок. Тие биле полесни за носење, за ракување и за криење, но исто така ја имале предноста на бришење на напишаното со тоа што восокот можел да се истопи и повторно од него да се направи восочна табличка за пишување. Ова било значаен фактор за употреба на овој формат во школите како и при водење белешки.

Кинеска книга од бамбус

Во 5 век, Исидор од Севилја во својата книга Етимологија (Etymologiae, VI.13) ја објаснува врската меѓу кодекс, книга и свиток: „Кодексот е составен од многу книги, а книга е еден свиток.“

Среден век

Ракописи

После падот на Римското Царство во 5 век, станало тешко да се набави папирус, заради намалените контакти со Египет, па така пергаментот станал главен материјал на кој се пишувал. Во тоа време манастирите ја продолжиле традиција на пишување, односно препишување на текстови.[6] Пред појавата на печатарските машини, сите книги биле препишувани рачно, што ги правело книгите да бидат скапи, но и во многу мал тираж. До 9 век, поголемите колекции на книги броеле околу 500 книги, а кон крајот на средниот век библиотеката на папата во Авињон како и библиотеката во Париз на Сорбона содржеле само околу две илјади наслови.[7] Местото во манастирите каде се препишувале книгите e наречено скрипториум (scriptorium). Било забрането користење на вештачко осветлување од страв да не се запалат ракописите. Учесниците во препишувањето ја делеле работата на петмина:

  • Калиографи (Calligraphers), кои ја завршувале крајната копија
  • Кописти (Copyists), кои препишувале
  • Коректори (Correctors), кои ја споредувале книгата со ракописот од кој била препишана
  • Илуминатори (Illuminators), кои ги цртале сликите, илустрациите
  • Рубрикатори (Rubricators), кои ги боеле црвените букви

Процесот на правење на книга бил долг и макотрпен. Најпрвин се подготвувал пергаментот, потоа се подготвувале страниците, па се препишувал текстот. Препишувачот оставал празни места за илустрациите и за големите црвени букви со кои започнувале поглавјата. На крајот книгата се поврзувала.[8] Биле користени неколку видови на мастило. Текстот бил пишуван во темно кафеава или црна боја, а се користела црвената и златната боја за украсување на текстот. За илустрациите понекогаш се користеле повеќе бои. Понекогаш пергаментот се обојувал во темно виолетова боја, а текстот бил пишуван со сребрена или златна боја.[9]

Ирските монаси први започнале со оставање празно место меѓу зборовите во седмиот век, но ова не било прифатено како општа употреба сè до 12 век.[10]

Кориците на книгите биле правени од дрво, пресвлечени со кожа. Бидејќи пергаментот има тенденција да се врати во формата која ја имал пред оформувањето во книга, односно страниците се виткале по некое време, на кориците имало игли за стегнување на листовите.

Книги од хартија

Адам и Ева, илустрација од „Книга на претскажувања“ од околу 1550 година. Употребени се живописни бои, мастило и златна боја

Арапите го развиле производството на книгите во нивната „златна ера“. Тие биле први кои произвеле книга од хартија, откако го научиле правењето на хартијата од Кинезите во 8 век.[11] Книгите кои ги правеле тие, биле сошиени со свила и корица од кожа. Бидејќи хартијата е поотпорна на влага, не биле потребни прицврстувачи. Производството на книги станало вистинска индустрија, а во градовите имало улици со книжарници, како на пример во Маракеш, каде само во една улица имало повеќе од 100 книжарници во 12 век. Познатата џамија Кутубија е наречена така поради нејзината местоположба на оваа улица. Според зборовите на Дон Бејкер:

Светот на Исламот ги произвел најубавите книги направени било кога. Потребата од пишување на Откровенијата кои пророкот Мухамед ги примил, ја предизвикувала и желбата да се разубави книгата која ги содржи тие зборови. Освен можеби во Кина, само во исламскиот свет кон производството на книга се пристапувало со почит. Биле ставани прекрасни илустрации со златни и живи бои, а целата книга убава корица.[12]

Исламскиот свет во средниот век исто така развил посебна техника за репродукција на копии од книги во големи тиражи, за разлика од ракописите кои во тоа време се правеле во другите земји, каде рачно се препишувала една книга во една копија.[13] Со тој систем, произведувале десетици или повеќе копии со едно „читање“, а со две или повеќе „читања“, лесно се доаѓало до бројката од сто копии.[14]

Денешните книги се печатат на хартија која е специјално изработена за производство на печатени книги. По традиција, хартијата е бела за да може лесно да се чита, и е непроѕирна за да не се гледа текстот отпечатен од другата страница. Хартијата е исто така со одредена тежина. Најчесто се користи 80 грамската хартија (80 g/m²), но сепак се користат различни видови на хартија за различни намени на книгата која се печати.


Види исто така

Забелешки и наводи

  1. „Books of the world“. Google. August 5, 2010. Посетено на 2010-08-15. After we exclude serials, we can finally count all the books in the world. There are 129,864,880 of them. At least until Sunday.
  2. Avrin, Leila (1991). Scribes, script, and books: the book arts from antiquity to the Renaissance. New York, New York: American Library Association; The British Library. стр. 83. ISBN 9780838905227.
  3. Dard Hunter. Papermaking: History and Technique of an Ancient Craft New ed. Dover Publications 1978, p. 12.
  4. Leila Avrin. Scribes, Script and Books, pp. 144–145.
  5. The Cambridge History of Early Christian Literature. Edd. Frances Young, Lewis Ayres, Andrew Louth, Ron White. Cambridge University Press 2004, pp. 8–9.
  6. Leila Avrin. Scribes, Script and Books, pp. 207–208.
  7. Martin D. Joachim. Historical Aspects of Cataloguing and Classification. Haworth Press 2003, p. 452.
  8. Edith Diehl. Bookbinding: Its Background and Technique. Dover Publications 1980, pp. 14–16.
  9. Bernhard Bischoff. Latin Palaeography, pp. 16–17.
  10. Paul Saenger. Space Between Words: The Origins of Silent Reading. Stanford University Press 1997.
  11. Al-Hassani, Woodcock and Saoud, "1001 Inventions, Muslim heritage in Our World", FSTC Publishing, 2006, reprinted 2007, pp.218-219.
  12. Baker, Don, "The golden age of Islamic bookbinding", Ahlan Wasahlan, (Public Relations Div., Saudi Arabian Airlines, Jeddah), 1984. pp. 13-15 [13]
  13. Edmund Burke (June 2009). „Islam at the Center: Technological Complexes and the Roots of Modernity“. Journal of World History. University of Hawaii Press. 20 (2): 165–186 [43]. doi:10.1353/jwh.0.0045.
  14. Edmund Burke (June 2009). „Islam at the Center: Technological Complexes and the Roots of Modernity“. Journal of World History. University of Hawaii Press. 20 (2): 165–186 [44]. doi:10.1353/jwh.0.0045.

Надворешни врски

Предлошка:Link FA