Шарл Бодлер: Разлика помеѓу преработките

Од Википедија — слободната енциклопедија
[проверена преработка][проверена преработка]
Избришана содржина Додадена содржина
сНема опис на уредувањето
RedBot (разговор | придонеси)
с r2.7.2) (Робот: Додава war:Charles Baudelaire
Ред 180: Ред 180:
[[uk:Шарль Бодлер]]
[[uk:Шарль Бодлер]]
[[vi:Charles Baudelaire]]
[[vi:Charles Baudelaire]]
[[war:Charles Baudelaire]]
[[zh-yue:波德萊爾]]
[[zh-yue:波德萊爾]]
[[diq:Charles Baudelaire]]
[[diq:Charles Baudelaire]]

Преработка од 19:58, 23 август 2012

Шарл Бодлер
Фотографија на Бодлер од Надар
Роден/а9 април 1821
Франција Париз, Франција
Починат/а31 август 1867
Франција Париз, Франција
ЗанимањеПоет, Ликовен критичар
НационалностФранцузин
ЖанрЛирски песни, Лирска проза
Книжевно движењеРомантизам, Симболизам
Потпис

Шарл Пјер Бодлер (9 април 1821 - 31 август 1867) е еден од најголемите и највлијателните француски поети на деветнаесеттиот век. Исто така останува запаметен и на полињата на преведувачката и критичарската дејност.

Живот и дело

Бодлер е роден во Париз на 9 април 1821 година, во куќата на аголот од улицата Отфеј и булеварот Сен Жермен, како син на Франсоа Бодлер и Каролина со моминско презиме Аршанбо-Дефаи. Во 1827, умира неговиот татко, а веќе следната година, мајка му се премажува за мајорот Жак Опик, одликуван учесник во походите на Наполеон [1]. Во 1837 година, Бодлер добива втора награда за стихови напишани на латински на еден гимназиски литературен конкурс, а две години подоцна исфрлен е од гимназијата поради тоа што не сакал да му го даде на професорот писменцето дофрлено од еден соученик [1].

Во 1840 година, Бодлер се запишува на правниот факултет и почнува да ужива во слободите на студентскиот живот. Токму во овој период се смета дека Бодлер се заразил со сифилис. Загрижени поради другарувањето на Шарл со повеќе млади поети и неговата јавна боемија (со која тој се запознава во Латинскиот кварт), неговите родители се решаваат да го одделат некое време Бодлер од развратниот Париз и да го пратат на подолго патување. На 9 јуни 1841 година, Шарл Бодлер тргнува за Калкута. Во февруари следната година, со бродот "Алсид", шест месеци порано отколку тоа е предвидено, Бодлер се враќа во Париз, каде се запознава со мулатката Жана Дивал, статистка во еден помал париски театар. Врската со неа, и покрај повремените прекини, ќе трае до крајот на Бодлеровиот живот. Многу песни во неговата најпозната збирка поезија - Цвеќињата на Злото - се инспирирани токму од оваа Црна Венера.

Во 1845 година, во весникот Артист, излегува сонетот На една креолка. Потпишан е со името Бодлер-Дифаи. Во 1847 година, Бодлер се запознава со артистката Марија Добрен која, несомнено е инспирација за неколку песни од Цвеќињата на Злото. Револуционерната 1848 година, Бодлер ќе ја пречека со пушка во рака и со еден постојан извик кој од неговата уста ќе одекнува низ улиците на Латинскиот кварт: "Генералот Опик на стрелање!". Кон крајот на оваа година се појавува неговиот прв превод на едно дело од Едгар Алан По.

Во 1851 година, Теофил Готје ќе го запознае Бодлер со Аполонија Сабатје, љубовница на еден богат банкар која во својот салон собира познати имиња од културната елита на Париз. Наредните години, Бодлер постојано ќе ѝ испраќа писма и свои песни никогаш не откривајќи го сопствениот идентитет. Во Ревија на два света (Revue des deux mondes) се појавуваат осумнаесет песни на Бодлер со белешка дека се дел од идната збирка Цвеќињата на Злото. Во 1856 година излегуваат Необични приказни од По во превод на Бодлер.

На 25 јуни 1857 година, годината во која умира генералот Жак Опик, од печат излегува највлијателната збирка поезија на деветнаесеттиот век - Цвеќињата на Злото. Неколку дена подоцна, во Фигаро, се појавува остар напад на збирката со посочување на песните што, според авторот на написот, се неморални. Набргу потоа, издадена е наредба за запленување на целиот тираж на збирката и е покренато обвинение против авторот и издавачот на делото. Пред судењето, Бодлер ѝ пишува на Аполонија Сабатје, откривајќи го својот идентитет и песните што ѝ се нејзе посветени, и притоа ја замолува да интервенира во негова корист кај судиите. Судењето се одржува на 20 август. Одлучено е Бодлер да плати казна од 300 (подоцна е намалена казната на 50 франци, на молба на Шарл), а издавачот од 200 франци. Исто така, изданието е запленето, а шест песни, кои се прогласени за крајно неморални, ќе биде одлучено дека не смеат да се печатат во ниту едно од наредните изданија на делото. Осудата на Цвеќињата на Злото ќе биде симната дури по една ревизија на процесот одржана во 1949 година.

Во 1858 година, излегуваат Авантурите на Артур Гордон Пим на По во превод на Бодлер, како и првиот дел на Вештачките раеви. Вториот дел од оваа книга ќе излезе две години подоцна. По појавувањето на второто издание на Цвеќињата на Злото, во Лондон, англискиот поет и критичар Алџернон Чарлс Свинберн објавува еден напис за Бодлер во кој мошне високо го оценува неговото творештво.

Во 1864 година, во Фигаро, се појавуваат неколку песни во проза кои носат заеднички наслов Сплинот на Париз. Следната година, Маларме ја објавува песната во проза Книжевна симфонија, чиј втор дел е посветен на делото на Бодлер. И Пол Верлен објавува неколку написи за Бодлер полни со воодушевување. Во меѓувреме, здравствената состојба на Бодлер се влошува. Две години подоцна, откако ја издава збирката Прибирци, при посетата на црквата Сен Лу во Намир, Бодлер претрпува мозочен удар. Како последица од него, тој ја губи моќта на говорот и по неколку месеци е префрлен во болница во Париз, каде има поставено само една слика на Мане и една копија на Гоја. Тука, му свират дела на Вагнер.

На 31 август 1867 година, Бодлер умира во рацете на мајка си. Погребан е на 2 септември на гробиштата на Монпарнас, покрај својот очув, генералот Опик.

За поезијата

Неговата поезија е тажна историја на оние заблуди со кои бил полн неговиот живот. Тоа е историја за неостварениот стремеж кон идеалот, на одвратните слики на падот и на страшните маки во моментите кога ќе се појавела свеста. Во една негова песна („Маченица“) пред нас меѓу огледалата, сликите и шарените плакати е и лешот на жена чија глава лежи на масичката. Поетот размислува за нејзиниот убиец и заклучува дека ликот на убиената ќе го следи убиецот до гроб. Исто така е страшна сликата која ги опишува лешевите на жителите на Цитра, во „Пат на островот Цитра“.

На луцидните моменти, кога поетот се спуштал од сферите на своето болно мечтаење во областа на реалните интересирања, им ги должиме неговите најдобри песни. Оној кој декадентите го сметале за духовен водач на целото безумие, на моменти бил вистински реалист, проповедник и критичар на порокот. Во моменти на свесниот однос кон животот, тој не само што лие солзи врз човечките страдања, туку му стануваат и јасни причините поради кои настануваат тие страдања. На поетот м усе чини дека целиот свет загазил во вечен грев. Таква е песната „Пијанството на убиецот“. Во една од неговите најубави песни „Патување“ чудните морнари раскажуваат за она што го виделе. Бодлер тежнеел кон идеал, и целата негова поезија на тага и протест е создадена врз база на тоа урнато тежнеење („Икарова тажаленка“).

Тој се фаќа за убавината како за најголемо богатство, и како за единствениот пат кој води кон идеалот („Химна на убавината“). Но на крајот, неговата немирна душа со ништо не може да се задоволи, па тој се враќа на трансот и илузијата („Скршено ѕвоно“). Му останува само да сонува за плави хоризонти („Пејсаж“), или да се предаде на виното кое го ослободува духот од секојдневните грижи („Душата на виното“).

Влијание

Влијанието на Бодлер врз развитокот на англиската и француската литература е навистина големо. Најголемите француски писатели што доаѓаат по него не ги штедат епитетите; само четири години по неговата смрт, Артур Рембо во едно свое писмо го возвишува Бодлер како "Крал на Поетите, вистински Бог".[2] Во 1895 година, Стефан Маларме издава еден сонет во чест и сеќавање на Бодлер Le Tombeau de Charles Baudelaire (Гробот на Шарл Бодлер). Марсел Пруст во еден свој есеј издаден во 1922 деклaративно изјавува дека заедно со Алфред де Вињи, Бодлер е "најголемиот поет на деветнаесеттиот век" [3].

Во англиското говорно подрачје, Едмунд Вилсон го смета Бодлер за човекот кој ја дава најголемата потисна сила на симболистичкото движење, преку неговото преведување на Едгар Алан По [4]. Во 1930 година Т.С. Елиот, разработувајќи ја својата теорија дека Бодлер сѐ уште не е доволно уважен и ценет, дури и во Франција, тврди дека поетот бил "голем гениј" и уште додава дека неговата "техничка виртуозност која тешко дека некогаш ќе може да се прецени... го направила неговиот стих непресушен студиски извор за идните поети, и не само оние од неговото јазично подрачје [5]."

Во исто време додека Елиот го велича Бодлер од еден конзервативен и експлицитно христијански аспект, [6] левичарските критичари како Вилсон и Валтер Бенјамин го прават тоа од една драматично различна точка. Бенјамин ги преведува Бодлеровите Tableaux Parisiens (Париски сцени) на германски и издава еден голем есеј во врска со преводот [7] како предговор. Во доцните 1930ти, Бенјамин го искористува Бодлер како појдовна и фокусна точка во неговиот монументален обид да изврши материјалистичка проценка на културата во деветнаесеттиот век, Das Passagenwerk[8]. За Бенјамин, значењето на Бодлер лежи во неговиот обид да изврши анатомија на толпата, на градот и на модернизмот [9].

Библиографија

Текстови на интернет

  • FleursDuMal.org Целосна интернет презентација на Цвеќињата на Злото што ги вклучува и оригиналните песни и по неколку англиски препеви за секоја од нив

Француски

Англиски

Белешки

  1. 1,0 1,1 Шарл Бодлер, Цвеќињата на Злото, препев, предговор и коментари на Влада Урошевиќ, Македонска книга, 1982, Скопје.
  2. Артур Рембо (Rimbaud, Arthur): Oeuvres complètes (Собрани Дела), стр. 253, NRF/Gallimard, 1972.
  3. 'За Бодлер' кај Марсел Пруст (Proust, Marcel): Against Sainte-Beuve and Other Essays (Против Сен-Бев и други есеи), стр. 286, превод на Џон Старок (John Sturrock), Penguin, 1994.
  4. Едмунд Вилсон (Wilson, Edmund): Axel's Castle (Замокот на Ексл), стр. 20, Fontana, 1962 (првобитно издадена во 1931).
  5. Бодлер во Избраните Есеи на Т.С. Елиот (Eliot, T.S.) стр. 422 и 425, Faber & Faber, 1961.
  6. Елиот, "Религијата во Литературата" ("Religion in Literature").
  7. "Задачата на преведувачот" ('The Task of the Translator'), во "Избраните дела" на Валтер Бенјамин (Benjamin, Walter: Selected Writings Vol. 1: 1913-1926), стр. 253-263, Belknap/Harvard, 1996.
  8. Валтер Бенјамин (Benjamin, Walter): "Проектот Аркади" (The Arcades Project), преведено од Хауард Ајланд (Howard Eiland) и Кевин МекЛафлин (Kevin McLaughlin), Belknap/Harvard, 1999.
  9. Париз и Втората Империја во Бодлер ('The Paris of the Second Empire in Baudelaire') кај Валтер Бенјамин (Benjamin, Walter): Избрани дела (Selected Writings Vol. 4 1938-1940), стр. 3-92, Belknap/Harvard, 2003.

Надворешни врски

Викицитат има збирка цитати поврзани со: