Спор за името помеѓу Македонија и Грција: Разлика помеѓу преработките

Од Википедија — слободната енциклопедија
[непроверена преработка][непроверена преработка]
Избришана содржина Додадена содржина
LBakraceski (разговор | придонеси)
Откажано уредување 255732 (автор: 79.125.244.243 | Разговор)
Ред 198: Ред 198:
[[pt:FYROM]]
[[pt:FYROM]]
[[sv:Makedonska namnkonflikten]]
[[sv:Makedonska namnkonflikten]]
[[mk:Greece is Macedonia,macedonain not confirm thise

Преработка од 01:06, 16 февруари 2008

Република Грција

Оваа статија е дел од темата:
Политика на Република Грција



Спорот околу името меѓу Република Грција и Република Македонија опфаќа неколку прашања главно обединети околу името Македонија, етничкото потекло на населението што живее во оваа земја, како и ословувањето на јазикот кој тоа го користи. Ескалацијата на спорот се проширува до такви рамки што неговото решавање вклучува и учество на меѓународни медијатори од највисоко рамниште.

Спорот, во главно, е плод на несогласувањето на Република Грција да го прифати уставното име Македонија. Привременото решение „поранешна Југословенска Република Македонија“ (ПЈРМ) (во англиската верзија "former Yugoslav Republic of Macedonia" (FYROM)), покрај Република Грција, го користат и неколку други земји кои не го признаваат уставното име на Македонија. Сепак сите членки на Обединетите Нации, и самиот ОН како целина, се согласни да го прифатат решението што ќе произлезе како резултат на меѓусебните разговори на двете земји.

Сегашните граници на Република Македонија се повлечени во 1946 година кога Народна Република Македонија станува дел од ФНРЈ. И остануваат исти до ден денешен. По осамостојувањето од Југославија во 1991 година, Македонија бара признавање под уставното име во Обединетите Нации, врз основа на извештајот на Бадентеровата комисија. Република Грција се спротиставува на меѓународното признавање на Македонија под уставното име, и тоа по неколку основи: Уставот на земјата, знамето и името. Со цел да го спречи признавањето на Македонија, Република Грција како земја членка на Европската Заедница, извршува притисок врз останатите земји членки преку Лисабонската декларација, која забранува било какви територијални претензии кон Република Грција, непријателска пропаганда или, воопшто, користење на терминот Македонија.

Поголемите политички партии на 13 април 1992, се согласуваат дека зборот Македонија не може да биде вклучен во ниту една форма во името на Република Македонија. Грчката дијаспора исто така се мобилизира, вршејќи силен притисок во Соединетите Американски Држави и Канада.

Република Македонија аплицира за членство во Обединетите Нации на 30 јули 1992 година. Од официјалната апликација до официјалниот прием, предизвика дипломатска бура во ОН како и во балканското соседство. Во меѓувреме додека се чека признавање од ОН, Бугарија, Хрватска, Литванија, Словенија, Турција, Белорусија ја признаваат Македонија како Република Македонија. Растегнувањето на признавањето има сериозни импликации врз состојбите во Македонија.

Земајќи ги во предвид состојбите во Хрватска и Босна и Херцеговина, станува повеќе од потребно Македонија да се стабилизира, па ова станува и дел од приоритетите на Меѓународната заедница. Разградувањето на ситуациите во поранешна Југославија, предизвикаа за прв пат ОН да создадат превентивни мировни трупи; истите се испратени во Босна.

Историска позадина на спорот

Македонија преку чија територија поминуваа патиштата што водат од Централна Европа кон Блискиот Исток всушност претставува не само сообраќаен, туку и стратешки јазол. Долината на Вардар ја има предноста што од север преку Моравската долина води до големиот Солунски залив, од каде преку Егејското море завлегува на исток кон долината на Струма и на запад преку Албанија до Јадранско Море. Оттука за Македонија не се борат само младите балкански држави кои сакаат со Македонија да ги зголемат својата територија и бројноста на населението, но и големите – Австрија, Русија, Англија и Турција - чиј стремеж да играат клучна улога во структуирањето на Балканот ќе се манифестира токму преку нивните територијални претензии кон Македонија.

Безбројните извори (книги, статии, студии, дипломатски преписки..) јасно сведочат дека не само балканските, туку и европските влади ѝ посветувале внимание на Македонија. Во европската историја тешко е да се најдат слични примери толку да се пишувало и расправало за националниот карактер на еден народ, каков што е случајот со Македонците.

Оваа преокупација околу националниот карактер на Македонците произлегува од определени политичко-стратешки интереси - и тоа не само на балканските националистички кругови, туку и на големите европски сили (во прв ред на Австрија и на Русија), кои во трката за завладување на Балканот, настојуваат да ја вклучат и Македонија во својата интересна сфера, поради нејзината извонредна географско-стратешка положба.

Принцип на народноста и самоопределувањето на Македонците

Бидејќи Македонците главно претставуваат импозантно мнозинство од населението, заинтересираните страни ги ангажираат сите свои сили, вклучувајќи ја тука и науката, за да ги прикажат нив било како Бугари, Грци или Срби, за да го имаат на своја страна при решавањето на македонското прашање и принципот на народноста.

Бугарските, грчките, српските, романските и мнозина европски писатели даваа контроверзни сведоштва за Македонија и нејзиното население. Поради тоа, подоцна и многумина се прашуваа (таков е случајот со Рене Пинон и Едмонд Буше), дали е воопшто можно, во овој галиматијас на докази, да се дојде до една вистина за Македонија и Македонците: самиот термин Македонија станува, во Западна Европа синоним на кулинарски вештини, на карташки игри, па дури и еден вид литерарен правец во Франција беше наречен со тоа име.

Имено, контроверзните “докази" за Македонија, со што e преокупирана европската јавност, им даваат поттик на некои духовити француски умови да го искористат терминот “Масedoinе" во сосема практични цели. Со ова име тие не ја нарекоа само салатата составена од разновиден зеленчук или компот составен од разновидно зашеќерено овошје, туку и една игра со мешани карти. Дури, со ова име го нарекоа и еден вид литературни приредби што се одвиваа во цитирање на поезија и проза.

Балканските пропаганди во Македонија

Дискусиите околу националноста на Македонските Словени, во европскиот свет започнуваат со прашањето: Дали се ова Грци или Бугари? а не Дали тие претставуваат нешто трето и посебно? Тезата која малку подоцна се оформи од српските националисти дека Македонците се Срби, уште не се поставуваше, бидејќи самата српска влада, си до смртта на кнезот Михајло 1868 година пред себе имаше други цели и разбирања.

Меѓутоа и ваквото поставување на прашањето произлегува не од фактот дека тие навистина се Грци или Бугари, туку од замрсеноста на проблематиката што произлегува од една страна, од етничкиот состав на населението, а од друга, од турскиот начин на поделба на населението не врз етничкиот принцип, туку врз црковната припадност. Бидејќи Македонците се под Цариградската патријаршија и како такви припадници на “грчката" вера, а по својот етнос Словени, тоа грчките и бугарските националисти сакаат да го искористат на свој начин, секој за своите интереси. На едните им пречи словенскиот етнос, на другите - црквената припадност.

Грчките националисти кои сонуваат за Велика Елада, во ова време почнуваат да тврдат пред Европа дека Македонците се пословенчени Грци, па според тоа и припаѓаат на грчката народност и држава. Бугарските пак лидери, поттикнувани од руските словенофили и од фактот дека македонските интелектуалци се декларираат како Бугари, тврдат обратно, дека тие како Словени не можат да бидат Грци, туку се Бугари. Меѓутоа, додека едните “докажуваат" дека македонските Словени се Грци, а другите дека се Бугари, од самата македонска средина почнуваат да се појавуваат луѓе кои на прашањето што се: Бугари или Грци? одговараат дека не се ни Грци ни Бугари, туку Македонци, потомци на старите Македонци и Словените.

Бугарските пропагатори удираат со голема жестина по ваквите македонски произнеси. Во овие настапи тие имаат силна подршка и од грчките националисти. Изјавите на Македонците за физиолошката врска со древните Македонци (видете и Античка Македонија и Македонски извори за македонскиот идентитет), се слабата точка која тие ја користат за своите напади. "Како тоа денешните Македонци од словенско потекло да се викаат Македонци и своето потекло да го извлекуваат од древните Македонци, кога во времето на Филип и Александар Македонски ниту во Македонија, ниту на Балканот имало Словени, кои на овие простории се населиле дури на крајот на 6 и во почетокот на 7 век?" Бугарските националисти се обидуваат пред светот да докажат дека тука се работи за гркофилски настроени луѓе, кои од свои посебни интереси се декларираат со “грчкото" име Македонци. Во овие македонски истапувања, Петко Рачев Славејков гледа знаци на освестување на македонскиот народ и намерно го нарекува за куцовлашко чувство кое божем му е својствено само на Влавот или Гркот, а никако на Словенот, со цел да ја прикрие посебноста на македонскиот народ.

На фактот што Македонците истакнуваат дека не се ни Грци, ни Бугари, ни Власи туку Македонци, на почетокот многу слабо се обрнува внимание. Во Европа грчкото и бугарското кралско т.е. царско влијание се многу посилни отколку народното македонско. Наспроти нив се јавуваат луѓе што се декларираат за Бугари или пак славофони Грци. Овие луѓе се убедувани и плаќани од бугарските и грчките агитатори и агенти или како деца воспитувани во бугарските (егзархиски) и грчките (патријаршиски) училишта и цркви, каде се учат дека тие се Бугари т.е. Грци. Дел од рускиот, српскиот и другиот славјански печат ги мислеше овие бугаризирани Македонци за вистински водачи на македонскиот народ.

Така и цела Европа, на изјавите на македонските патриоти дека се Македонци, верува, како што изнесуваат бугарскиот царски двор и бугарските националисти, дека тие низ долгодишното грчко духовно ропство ја заборавиле својата бугарска народност, па го прифатиле македонското географско име, кое за тогашниот европски свет е синоним на грчкото, особено што во жолчната дискусија околу народниот карактер на Македонците грчките националисти го земаат токму тоа именување на самите Македонци како најсилен “доказ" дека тие се “Грци".

Букурешкиот договор

Еден од најважните моменти кои треба да бидат познати при определување на позадината на спорот за името лежи токму во периодот кога се потпишува Букурешкиот договор. Од Берлинскиот конгрес до Првата светска војна, македонското прашање претставува најтежок, најкомплициран и најдолготраен проблем со кој се соочуваa Османлиската империја и големите сили. Всушност, самиот тој настанува тогаш кога големите сили настојуваат да ги остварат своите интереси на Балканот, а соседните земји да завладеат со Македонија.

Ова прашање добива во актуелност со геостратешката положба на македонската територија и со етничкиот состав на населението. Македонија го зафаќа централниот дел на Балканот, на исток и на запад меѓу Тракија и Албанија, на север и на југ меѓу Шар Планина и Егејското Море, преку Вардарската и Моравската долина го поврзува Солун со Белград и со Централна Европа, така што станува интересно подрачје за големите сили.

За соседните земји е значајна затоа што со нејзино завладување, било која од нив, се здобива со предност која овозможува и доминација на Балканот. На геостратешката положба на Македонија значајно влијае и етничкиот состав на населението - во услови на непризнавање на македонската нација населението се изјаснува според влијанието на соседните пропаганди.

Непосредно пред Балканските војни, во рамките на етничките граници на Македонија, на површина од 67.741,2 км2 живеат околу 2.360.000 жители, од кои 52,4 проценти се христијани, односно Македонци, 22 проценти - Турци, 10 проценти Власи, 3 проценти Евреи и 2,4 проценти Роми.

Империјата пристапувакон утврдување на стратегиски важните места на Балканот, за евентуална војна со балканските држави, кои увидуваат дека само заедно можат успешно да ѝ се спротивстават на османлиската војска.

Наскоро почнува договорањето меѓу балканските земји, а во тие рамки особено значајно е помирувањето меѓу Бугарската егзархија и Грчката патријаршија и донесувањето на Законот за спорните цркви, манастири и училишта во јули 1910 година.

Карта на етничка македонија

Создавањето на Балканскиот сојуз меѓу Србија, Црна Гора, Бугарија и Грција го поддржува Русија, пред сѐ со цел да го спречи навлегувањето на Австро-Унгарија и Германија на Балканот.

Борбата за македонската територија се води со сите сили и средства и во сите области. По повлекувањето на османлиските сили, српската, грчката и бугарската војска ја распуштаат во меѓувреме воспоставената месна власт и воведуваат свои органи.

Тие го принудуваат македонското население да се прикажува како да е од иста националност со органите кои ја воспоставуваат власта и да испраќа писма, анкети и апели дека наводно сака нивниот град и околија да бидат соединети кон соодветната држава. Егејскиот дел на Македонија со површина од 34.356 км2, го добива Грција, Вардарскиот дел на Македонија со површина од 25.342 км2 го добива Србија, Пиринскиот дел на Македонија со 6.798 км2 влегува во состав на Бугарија, a Албанија добива 1.115 км2 од територијата на етничка Македонија.

Со распарчувањето во Букурешт, Македонија од централен и најзначаен дел на Балканот станува периферија и провинција на балканските земји. Веднаш потоа почнува асимилирањето на македонското население во Јужни Срби, Бугари, Славофони Грци и Албанци. Дури и во пребројувањето на жртвите и загубите од Балканските војни македонското не се употребувало име, иако војната главно се водела во Македонија.

Лондонскиот Договор

Лондонската мировна конференција свикана е во средината на декември 1912 со цел да се потпише договор меѓу победничките во Првата балканска војна и поразената Турција, која со намера да задржи што поголема територија на Балканот, предложува на Македонија и Албанија да им се даде автономија под нејин суверeнитет.

На 27 декември 1912, Албанија е призната за независна држава, а предлогот за Македонија не е прифатен. Србија и Грција уште пред војната тајно се договорaат дека нема да дозволат создвање на самостојна Македонија, ниту постоење на бугарско-албанска граница меѓу државните граници на Србија и Грција. И Бугарија го одбива турскиот предлог за создавање на автономна Македонија.

Бугарија и Грција ги заоструваат односите уште во почетокот на Првата балканска војна, a особено откако грчката војска го зазема Солун. Во нотите од 3 и 18 ноември 1912 година, како и од 22 април 1913 година, Грција предлага да се реши прашањето на границата. Бугарија ги отфрла предлозите како претерани, но не дава свои противпредлози. Со потпишувањето на Лондонскиот мир на 30 мај 1913 година со Турција, односите меѓу балканските држави уште повеќе се заоструваат.

Во ова време, сојузниците ги окупираат оние територии што ги имаат заземено во војната против Турција. Меѓу Србија и Бугарија уште во време на војната e создадена привремена демаркациона линија: Патарица-Руен-сртот на Осоговските ПланиниЗлетовска рекаБрегалница, до сливот на Крива Лакавица-сртот ПлавушДојранско Езеро. На таа линија започнува префрлувањето на бугарската војска од Тракија и концентрацијата на силите кон Грција. Тоа е причина на 1 јуни 1913 година Србија и Грција да склучат договор за пријателство и одбранбен сојуз против Бугарија.

Со тоа e извршена втората поделба на Македонија во текот на Балканските војни и се воспоставени границите меѓу Србија, Бугарија и Грција. Покрај тоа, Србија добива право на слободно користење на пристаништето во Солун во траење од 50 години. Истиот ден потпишана e и Воената конвенција, во која se регулирани меѓусебните воени обврски и соработката меѓу Србија и Грција во случај на напад од Бугарија или на некоја друга држава. По тие настани, големите сили, со оглед на сопствените интереси кон Балканот, развиваат широка дипломатска активност. Русија настојува да го зачува Балканскиот сојуз во обид преку него да го спречи австро-германското продирање на Балканот, а Австро-Унгарија тежнее кон разбивање на овој сојуз и ја поддржува Бугарија велејќи ѝ да не попушта во своите барања.

Компромисно решение

Во текот на 1992 година Меѓународниот монетарен фонд, Светската банка, и меѓународната конференција за поранешна Југославија, се согласија да ја примат Македонија, под привремената референца: „Поранешна Југословенска Република Македонија“. Истата терминологија е прифатена во Јануари 1993 и од Франција, Шпанија, Обединетото Кралство. Овој предлог проциркулира на 22 јануари 1993 од страна на Генералниот секретар на ОН – Бутрос Бутрос Гали. Предлогот е веднаш одбиен од Грчкиот министер за надворешни работи – Михаел Папконстантину. Во писмо до Генералниот секретар од 25 јануари 1993, тој вели дека: „користењето на терминот Република Македонија во било која варијанта, ќе создаде уште поголеми тензии и може да предизвика дестабилизација во регионот.“ Македонскиот претседател Киро Глигоров, исто така се спротиставува на формулата во писмо од 24 март 1993, каде што го информира претседателот на Советот за безбедност на ОН дека Република Македонија, неможе да ја прифати референцата. Дополнително се создаваат притисоци и од Српска страна, бидејќи дел од националистите во Србија се обраќаа кон Македонија како кон Јужна србија, имплицирајќи на терминологија од пред Втората Светска војна. Двете страни се наоѓаат под силен дипломатски притисок да изнајдат компромис. Поддршката која Грција ја имаше добиено од НАТО и Европската заедница, почна да избледува. На 20 јануари 1993 Данскиот министер за надворешни работи изјави дека Грчката позиција е смешна и изрази надеж дека Советот за безбедност набрзо ќе ја признае Македонија и ќе и помогне. Грчкиот премиер, Константин Мицотакис, ја смени тврдата позиција и изјави дека Грција ја прифаќа привремената референца. Ова ги притисна Македонските власти исто така да ја прифатат понудената референца. На 7 април 1993, Советот за Безбедност, го одобри влезот на Македонија со Резолуцијата 817. Резолуцијата е внимателно напишана и во нејзе се вели дека:[1]

  • Референцата БЈРМ е привремена референца и се користи се додека спорот не се реши
  • Терминот е референца а не име, како неутрална гледна точка во спорот. Обединетите нации немаат мандат да го утврдат името на земјата.
  • Терминот е за користење само во обединетите нации и не е обврзувачка за било кои други организации
  • Терминот не имплицира дека Република Македонија има било какви врски со Поранешна Југославија.

Дополнително Грција одби да прифати Република Македонија во официјалниот адресар на ОН, да биде под буквата М, туку побара како Ф, конечно како компромис Македонија сега се наоѓа во официјалнито адресар под буквата Т, како: "the former Yugoslav Republic of Macedonia" и сместена веднаш до Тајланд. По официјалнот признавање, Грција не ја призна Македонија. Прва од големите сили беше Кина која ја призна Македонија под уставното име на 13 октомври 1993. На 16 декември 1993, две недели пред Грција да го превземе претседавањето со Европската заедница, 6 клучни земји членки: Данска, Франција, Германија, Италија, Холандија и Обединетото Кралство ја признаа Македонија под референцата. Останатите земји на ЕЗ ја признаа Македонија до крајот на Декември. Следуваа Јапонија на 21 декември, Русија на 3 февруари и САД на 9 февруари 1994.

Податотека:Flag of Macedonia 1991-95.svg
Поранешното знаме (користено од 1992-1995)
Сегашното знаме на Македонија

Иако постоеше успех од постигнатиот договр, ова предизвика националистички испади во двете земји. Анти западни и анти Американски демонстрации се случија во Грција, како одговор на признавањето. Владата на Константин Мицотакис, беше крајно ранлива и под голем притисок на ултра националистите. По приемот на Република Македонија во ОН, министерот за надворешни работи Антонис Самарас, ја напушти владеачката коалиција водена од Неа Демократија. Ова на крајот доведе и до пад на владата во Грција. Владата беше заменета од Андреас Папандреу од ПАСОК, кој ги прекина преговорите во ОН кон крајот на Октомври 1994. Во Македонија исто така се појавија проблеми. Влезот на Македонија во ОН под референцата БЈРМ беше изгласана со само 30 гласа за, 28 против и 13 воздржани. ВМРО-ДПМНЕ, повика на предвремени избори и го напушти парламентот, откако и беше изгласана доверба на владата со 62 пратеника. Судири околу името немаше само на Балканот. По признавањето на Австралија под референцата, Грчките и Македонските етнички заедници во Австралија се судрија, каде што Грците палеа и уништуваа македонски имоти во Мелбурн. На што како одговор неколку Грчки православни цркви беа нападни во знак на одмазда. Грција и Македонија конечно ги формализираа билатералните односи со привремената спогодба потпишана во Њу Јорк на 13 септември 1995 година. Со овој договор, Македонија се согласи да го смени своето знаме (Знамето од Кутлеш), и да го дополни уставот во делот на преамбулата каде што се вели дека Македонија нема никакви територијални претензии кон ниту еден од нејзините соседи. Грчката страна се обрврза да не го попречува патот на Македонија кон зачленување во институциите како што се меѓународните монетарни институции, НАТО, ОБСЕ; ЕУ и слично. Во овој договор, Македонија и Грција се ословени како првата и втората страна, или по иметето на главните градови: Атина и Скопје.

Листа на Земји кои ја признаваат Македонија како Република Македонија

Четри од петте постојани земји членки на совет за безбедност на ОН:

Сите од земјите на поранешна Југославија:

Соседи:

Дополнително и овие земји дале признавање под уставно име:

Земји кои ја признаваат Македонија како БЈРМ

Листа на земји со кои не е дефинирано прашањето

Со овие земји Македонија сеуште нема склучено официјален договор и се користат двете терминологии:

Со овие земји Македонија нема сеуште никакви дипломатски односи

Андора, Бахами, Барбадос, Бутан, Боцвана, Чиле, Кипар, Фиџи, Грузија, Гренада, Кирибати, Либан, Либерија, Мали, Малта, Монако, Намибија, Палау, Палестина, Папуа Нова Гвинеја, Филипини, Сан Марино, Соломонски острови, Јужна Африка, Јужна Кореја, Суринам, Сирија, Тонга, Тринидад и Тобаго, Тунис, Тувалу, Зимбабве.

Сегашна ситуација

Иако постојат напори да се разреши проблемот, сепак конечно решение не е постигнато. Со текот на времето предложени се неколку имиња, како што се Горна Македонија, Нова Македонија, Славо-Македонија, Македонија (Скопје) и слично. Секој од овие предлози е одбиен од едната или другата страна. Во голем степен останува нејасно за што всушност се преговара. Иако резолуцијата 817 е јасна, сепак грчката страна инсистира дека преговорите се водат за да се најде заедничко прифатливо име кое ќе биде и официјално име на Македонија. Додека Македонија ја застапува позицијата како што е вметнато во резолуцијата 817 дека се преговара за име кое е прифатливо за Грција во билатерална комуникација, додека единстваната можна опција за меѓународна употреба е Република Македонија. Овој принцип е окатегоризиран како принцип на двојна формула. Во меѓувреме голем број на земји во светот ја признаа Македонија под уставното име. До Октомври 2007 122 земји во светот ја признаа Македонија како Република Македонија што претставува 68% од вкупниот број на земји членки на ОН.

Иако Грција и Македонија се во постојана борба за името, сепак односите помеѓу државите се прагматични, посебно во делот на економијата. Голем број од грците одбиваат да го користат терминот Македонија и наместо тоа Македонија ја нарекуваат: ΠΓΔΜ (Πρώην Γιουγκοσλαβική Δημοκρατία της Μακεδονίας), Грчка верзија на FYROM, или Скопје односно Скопјани како термин за Македонците. Овие термини во Република Македонија се сметаат како крајно навредливи.

Понудени решенија

Антимакедонски протести во Солун

До сега преговарачот за името Метју Нимиц има понудено неколку предлози кои се одбиени или заеднички или од една од страните. Република Македонија во 2006 го прифати предлогот на Нимиц за двојна формула која предвидуваше името на земјата во официјалната комуникација да биде Република Македонија, со официјална транскрипција на Англиски јазик, додека Македонија и Грција би преговарале за заедничко прифатливо име кое ќе се користи во билатералната комуникација. Грција го одби овој предлог.

Меѓународната Кризна Група во својот документ од 2001 година ги предложи следниве чекори: МКГ предлага трилатерално решение со следните три елементи што едновремено треба да стапат во сила:

  • Билатерален договор ќе биде склучен меѓу Скопје и Атина во кој Македонија ќе направи значајни отстапки на Грција, вклучувајќи декларација за односот кон грчкото културно наследство во македонските наставни програми; договор кој ќе и дозволи на Грција да употребува свое име за Македонија, како и строга заштита од можноста Македонија да го користи своето уставно име на сметка на Грција, како на комерцијален план, така и на законодавен.
  • Членките на НАТО и Европската Унија и други земји ќе го охрабрат овој билатерален договор со размена на дипломатски ноти до двете страни, во кои тие ќе го признаат македонското име како “Republika Makedonija” и ќе ветат на Грција дека ќе се консултираат со неа во врска со соодвенти мерки што ќе се преземат доколку договореното се прекрши.
  • Обединетите Нации како и други меѓународни организации ќе ја усвојат употребата на уставното име Republika Makedonija на македонски јазик во сите свои тела.

Пред формално да се признае името Republika Makedonija билатерално и во меѓународни организации, разумно би било меѓународната заедница да побара две претходни отстапки од Македонија во врска со спроведувањето на Рамковниот договор. Она што во моментов виси во воздух се неколку тези: Првото решение е и двете страни да прифатат двојна формула според која за светот ние би биле Република Македонија (со соодветен превод на сите светски јазици), а фактички би преговарале за името со кое би ни се обраќала само Грција, поради нејзината чувствителност со употребата на терминот "Македонија". Притоа, Македонија би водела сметка името, за кое таа би се согласила да биде употребувано од Грција, да не биде навредливо. Второто решение е заемно прифаќање формула за единствено име. Притоа, договореното решение ќе биде и единственото име со кое Македонија ќе биде нарекувана од целата меѓународна заедница (вклучително и од Грција). Знаејќи дека Грција со сигурност нема да се согласи компромисното решение да биде исто како и уставното име, на Македонија и преостанува само да се избори за поповолна придавка или додавка. Досега, двострано или еднострано, се разгледани повеќе вакви предлози, како на пример: Македонска Скопска Република, и Горна, Северна или Вардарска Македонија (сите предложени или разгледувани од страна на Грција уште од 1992 г.); Нова Македонија (предложено од Де Пињеиро, тогашен португалски министер за надворешни работи); како и Република Македонија - Скопје (предложено од поранешниот претседател Глигоров, кој досега е единствениот македонски политичар, кој јавно се согласил со менување на уставното име). Во оваа, за Македонија неповолна варијанта, утеха би била можноста Грција да се согласи уставното име да го ползуваме за внатрешна употреба, како и можноста државава да добие извесна помош на патот кон ЕУ и подароци од другата страна. Оваа варијанта во принцип ги има обележјата на денешното статус-кво, каде што најзначајните меѓународни институции не нарекуваат "ПЈРМ", а ние уставното име освен внатрешно, го користиме и во односите со земјите што не имаат признаено под уставното име. Третото решение е прекинување на преговорите за името (еднострано или спогодбено) и дипломатска офанзива за прифаќање на нашето уставно име во сите меѓународни организации и од сите позначајни држави што не нарекуваат ПЈРМ (ФИРОМ). Целни групи на ваквата офанзива пред се, би биле САД, и петте водечки земји во ЕУ, а успехот таму посредно би значел и наш успех во ОН, НАТО, ЕУ и ОБСЕ.

Белешки

  1. Floudas, Demetrius Andreas; "Pardon? A Name for a Conflict? FYROM's Dispute with Greece Revisited" (PDF). in: Kourvetaris et al (eds.), The New Balkans, East European Monographs: Columbia University Press, 2002, p. 85. Не се допушта закосување или задебелување во: |publisher= (help)
  2. „People's daily“. China, Macedonia Sign Joint Communique on Normalization of Relations. Посетено на 2007-01-02.
  3. „PM Gruevski signs Yeltsin book of condolence“. Посетено на 2007-09-20.
  4. „Country Profiles: Republic of Macedonia“. Посетено на 2007-09-08.
  5. „Background Note: Macedonia“. Посетено на 2007-09-08.
  6. 6,0 6,1 6,2 6,3 6,4 6,5 CEFTA 2006 text, signed by "the Republic of Macedonia" and "the Republic of Montenegro", Stability Pact for Southeast Europe, Retrieved on 2007-04-10
  7. „Ministarstvo vanjsklh poslova I europsklh integracija“. Republika Makedonija - Uspostava diplomatskih odnosa: 30.3.1992. Посетено на 2007-01-02.
  8. „Embassy of the Republic of Serbia“. Skopje Republic of Macedonia. Посетено на 2007-01-02.
  9. „Ministry of Foreign Affairs of the Republic of Slovenia“. Macedonia. Посетено на 2007-01-02.
  10. Ministry of Foreign Affairs of Bulgaria, Diplomatic Missions, Macedonia. Retrieved on 2007-01-25
  11. Foreign Affairs and International Trade Canada, Country and Regional Information: Macedonia, Retrieved on 2007-09-20
  12. (Macedonian) A1 News, Канада ја призна Македонија под уставното име, Retrieved on 2007-09-20
  13. „Embassy of the Republic of Hungary“. Skopje Republic of Macedonia. Посетено на 2007-01-20.
  14. Free Trade Agreement between the Government of the Republic of Moldova and the Government of the Republic of Macedonia, Stability Pact for Southeast Europe, Retrieved on 2007-04-10
  15. Polish Ministry of Foreign Affairs, Polish Missions Abroad, Retrieved on 2007-04-12
  16. Polish Ministry of Foreign Affairs, Foreign Embassies in Poland, Retrieved on 2007-04-12
  17. „Ambasada României“. Skopje. Посетено на 2007-01-02.
  18. „NATO Update - Week of 9-15 June 1999“. Посетено на 2007-09-18.
  19. Australian Ministry of Foreign Affairs, Australian Consulate in Skopje, Macedonia, Former Yugoslav Republic of, Retrieved on 2007-04-10
  20. French Ministry of Foreign Affairs, Предлошка:Fr icon Macédoine (ARYM) [ancienne République yougoslave de Macédoine], Retrieved on 2007-04-10
  21. German Ministry of Foreign Affairs, Предлошка:De icon Ehemalige jugoslawische Republik Mazedonien, Retrieved on 2007-04-10
  22. „Hellenic Republic, Ministry of Foreign Affairs“. Former Yugoslav Republic of Macedonia (FYROM) — The Name Issue (English). Занемарен непознатиот параметар |accessyear= (се препорачува |access-date=) (help); Занемарен непознатиот параметар |accessmonthday= (help)CS1-одржување: непрепознаен јазик (link)
  23. Indian Ministry of External Affairs, Former Yugoslav Republic Of Macedonia, Retrieved on 2007-04-10
  24. Italian Ministry of Foreign Affairs, Предлошка:It icon Ex Repubblica Jugoslava di Macedonia, Retrieved on 2007-08-20
  25. Spanish Ministry of Foreign Affairs, Предлошка:Es icon Ex-República Yugoslava De Macedonia (ERYM), Retrieved on 2007-04-10
  26. Bilateral and multilateral relations of the Holy See
  27. Albanian Ministry of Foreign Affairs, Diplomatic Representativ Of Albania, Retrieved on 2007-04-10
  28. Stability Pact for Southeast Europe, Agreement of free trade between the Republic of Macedonia and the Republic of Albania, Retrieved on 2007-04-10
  29. Legal Information System of the Republic of Austria (RIS), Abkommen zwischen der Republik Österreich und der Republik Mazedonien über die Förderung und den Schutz von Investitionen, Retrieved on 2007-06-29
  30. Austrian Ministry of Foreign Affairs, Diplomatische Vertretungen in Österreich, Retrieved on 2007-06-29

Види исто така

Предлошка:Одбрана