Скадар (албански: Shkodër; турски: İşkodra или Arnavut İskenderiyesi) — град и центар на истоимената област во северозападна Албанија покрај Скадарското езеро. Тој е еден од најстарите и најзначајните градови во Албанија, богат со историско и културно наследство. Скадар го карактеризираат прекрасна клима и природа. Низ него минуваат три реки: Дрим, Буна и Кир. Во Скадар живеат околу 90.000 жители. Населението е мешано, христијани и муслимани.
Според едни, денешниот албански назив за градот Shkodra (Шкодра), споменуван и во верзиите Scutari или Skutari доаѓа од латинскиот збор scutarii што во буквален превод значи заштитници, а тоа се однесува на римската легија која ја основал Царот Константин Велики.
Според други, денешниот албански назив Shkodra потекнува од Shkodrin (shko - оди; Drin - Дрим) објаснувајќи го тоа со фактот што низ Скадар тече т.е. оди реката Дрим.