Право на слобода и безбедност

Од Википедија — слободната енциклопедија

Право на слобода и безбедност – едно од најелементарните права на секој човек. Секое ограничување на правото на слобода и безбедност ја става личноста во особено ранлива положба и човекот лесно може да стане жртва на нечовечно, понижувачко постапување, па дури и на мачење. Ова право не се однесува само на ограничувањето на слободата на движење и не е ограничено само на притворот кој следи по апсење или по осуда, туку во себе го опфаќа секое произволно и незаконско лишување од правото на слобода и безбедност. Лишувањето од слобода на поединец е толку сериозна работа, што би било оправдано само ако, другите помалку тешки мерки биле земени предвид и притоа било оценето дека тие се недоволни за заштита на поединечниот или јавниот интерес, што може да наложи лицето да биде лишено од слобода.

Меѓународна примена[уреди | уреди извор]

Обединети нации[уреди | уреди извор]

Заштитата на правото на слобода и безбедност е дел од правата и основните слободи кои се опфатени уште со Универзалната декларација за човекови права на Обединетите нации од 1948 година. Овој столб во заштитата на човековите права на глобално ниво ги постави темелите на кои подоцна со Меѓународниот пакт за граѓански и политички права, државите членки се обврзаа дека правото на слобода и безбедност ќе има посебно место. Во контекст на заштита на ова право, важно е да се надоврзе и Вториот факултативен протокол чија цел е укинување на смртната казна.

Совет на Европа[уреди | уреди извор]

Во рамките на Советот на Европа, покрај Европската конвенција за човекови права, и системот кој е поврзан со нејзиното почитување, постојат и други документи и тела кои се грижат особено во однос на правото на слобода и безбедност. Во овој контекст особено значајна е Европската конвенција за превенција од мачење и нечовечно или понижувачко постапување или казнување и работата на Комитетот за превенција од тортура и нечовечно или понижувачко постапување или казнување, формиран врз основа на оваа конвенција. Овој комитет создаде стандарди во однос на условите во затворите, затворските установи и во однос на третманот на затворените лица. Важна е и улогата на Комесарот за човекови права на Советот на Европа, кој преку посетите на земјите и преку дијалог со националните власти и граѓанските организации презема мерки за да помогне во надминувањето на проблемите поврзани со човековите права, генерално, но и во однос на правото на слобода и безбедност. Комесарот може да се вклучи како трета страна и во постапките пред Европскиот суд за човекови права.

Европска Унија[уреди | уреди извор]

Во рамките на Европската Унија, најважен документ во заштитата на правото на слобода и безбедност е Повелбата за фундаментални права на Европската Унија. Овој обврзувачки документ за земјите членки на Европската Унија, инспирацијата ја црпи од Европската конвенција за човековите права, уставните традиции на земјите членки, како и од меѓународните конвенции на коишто е членка Европската Унија.

Европска конвенција за заштита на човековите права[уреди | уреди извор]

Европската конвенција за заштита на човековите права, го штити правото на слобода и безбедност преку членот 5 од оваа конвенција. Овој член го штити, како основно право на човекот, физичката слобода на личноста и безбедноста од произволно нарушување од страна на државата и со него прецизно се утврдени исклучоците кога лице може да биде лишено од слобода при што недвосмислено јасно се утврдени гаранциите кои државата мора да ги обезбеди со цел лишувањето од слобода да може да се подведе под законско лишување од слобода. Судот секогаш води сметка за конкретната ситуација, видот, времетраењето на лишувањето од слобода, делотворноста, начинот на спроведување на мерката за која станува збор.

Користена литература[уреди | уреди извор]

  • Ананиев, Ј.; Арифи, Б.; Габер-Дамјановска, Н.; Лазарова-Трајковска, М.; Попоска, Ж. и Чубриќ, С. (2018) „Човекови права“. Скопје: ОБСЕ. ISBN 978-608-4788-31-7.