Петер Хандке

Од Википедија — слободната енциклопедија
Австриски писател и активист

Петер Хандке (германски: Peter Handke, 6 декември 1942) — австриски писател и активист со германско и словенечко потекло, добитник на Нобеловата награда во 2019 година.

Биографија[уреди | уреди извор]

Хандке израснал во Источен Берлин и во Грифен. Според неговото сопствено признание, искажано во интервјуто со Жарко Радаковиќ, направено на 27 февруари 1985 година во Салцбург, во детството имал луди идеи, т.е. фикс-идеи (на пример, мислел дека секој миг ќе умре баба му, дека зад секоја куќа демне некој демон, постојано чувствувал страв од смртта, често останувал буден по цела ноќ од страв да не умре, итн.), јадел по десет парчиња леб со путер, а на учителот му ги кажувал датите на раѓањето и смртта на Моцарт и Бетовен, како и многу други нешта. Потоа, за време на престојот во интернатот, Хандке живеел во изолација.[1] Хандке почнал интензивно да чита уште како дете, и тоа авантуристички романи и вестерн-романи, а потоа, на седумнаесетгодишна возраст бил под влијание на класиците, особено Шекспир и Шилер, додека Гете му бил здодевен. Пресвртот настапил на возраст од 25 години со откривањето на современата литература, како Вилијам Фокнер и особено францускиот Nouveau Roman кој му ги отворил очите.[2] Подоцна, на возраст од околу 30 години го читал „Hyperion“ од Хелдерлин кого го почитувал, иако не го разбирал и во него не нашол ништо. Следниот чекор бил Адалберт Штифтер кој го поттикнал да чита внимателно, а на четириесетгодишна возраст повторно се навратил на Хелдерлин кој конечно му станал јасен. Оттогаш, тој почнал да ја чита современата француска книжевност од XX век: René Char, Francis Ponge, итн., а повеќепати го читал и Франц Кафка, кој имал големо значење за него.[3] Исто така, во младоста, Хандке бил голем љубител на филмот.[4]

Студирал во Грац, а летото 1965 година ги напуштил студиите за потполно да му се посвети на пишувањето. Живеел во повеќе места и земји: Грац, Диселдорф, Берлин, Париз и САД.

Хандке бил голем пријател на Србите и на Србија, застанувајќи во нивната одбрана за време на војните во поранешна Југославија, а одржал и говор на погребот на Слободан Милошевиќ.[5] Во 1996 година, тој отпатувал во БиХ за време на војната и го напишал есејот „Правада за Србија“ во кој го критикувал едностраниот пристап на западните земји обвинувањето само на српската страна. Неговиот есеј за Србија е една меѓу најтемелните критики на медиумите од крајот на XX век. На почетокот на април 1999 година, со почетокот на бомбардирањето на СР Југославија, тој отпатувал во Србија, во знак на протест ја вратил Бихнеровата награда и истапил од католичката црква. Како последица на овие активности, Хандке бил екскомунициран од глобалната интелектуална заедница.

Творештво[уреди | уреди извор]

Првото објавено книжевно дело на Хандке е публикацијата Fackel во католичкото училиште за деца во Таненберг. За време на студиите во Грац, тој ѝ се придружил на книжевната група „Градски парк“. По објавувањето на неговиот прв роман „Стршлени“ во летото 1965, ги напуштил студиите и станал професионален писател.

Во едно интервју од 1985 година, Хандке за себе изјавил дека не е поет, не е лиричар, туку се опишал како лирски раскажувач,[6] но не како оние кои пишуваат стории, како американските раскажувачи, или како оние што прават епови според некаков рецепт, како во социјалистичкиот реализам.[7] Исто така, тој се опишува себе како „во потполност дијалектичен писател“.[8] Притоа, тој вели дека со пишувањето настојува да го направи светот отворен и да го задржи таков.[9]

Петер Хандке е и добитник на наградата „Хајнрих Хајне“ која ја доделува германскиот град Диселдорф,[10] а по гласањето на жирито во корист на Хандке дошло до политичко спротивставување на некои германски политичари. Во 2019 година, Хандке ја добил Нобеловата награда,[5] а оваа одлука предизвикала негативни реакции, предизвикани од неговите политички ставови (поддршката на Милошевиќ и негирањето на геноцидот во Босна). Меѓу другите, доделувањето на Нобеловата награда на Хандке ја критикувале албанскиот премиер Еди Рама, косовскиот претседател Хашим Тачи, членот на претседателството на Босна и Херцеговина Сафик Џаферовиќ, ПЕН Америка, словенечкиот филозоф Славој Жижек, како и писателите Хари Кунзру и Салман Ружди. Од друга страна, градоначалникот на Белград Зоран Радојичиќ, австрискиот претседател Александер ван дер Белен и другите австриски политичари ја поздравиле оваа одлука.[11][12]

Библиографија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Žarko Radaković, „Umesto pogovora“, во: Peter Handke, Spori povratak kući. Gornju Milanovac: Dečje novine, 1990, стр. 170-171.
  2. Žarko Radaković, „Umesto pogovora“, во: Peter Handke, Spori povratak kući. Gornju Milanovac: Dečje novine, 1990, стр. 158-159.
  3. Žarko Radaković, „Umesto pogovora“, во: Peter Handke, Spori povratak kući. Gornju Milanovac: Dečje novine, 1990, стр. 160-161.
  4. Žarko Radaković, „Umesto pogovora“, во: Peter Handke, Spori povratak kući. Gornju Milanovac: Dečje novine, 1990, стр. 180.
  5. 5,0 5,1 „Награда за книжевност добија двајца автори“, Слободен печат, година VII, број 1783, стр. 32.
  6. Žarko Radaković, „Umesto pogovora“, во: Peter Handke, Spori povratak kući. Gornju Milanovac: Dečje novine, 1990, стр. 167.
  7. Žarko Radaković, „Umesto pogovora“, во: Peter Handke, Spori povratak kući. Gornju Milanovac: Dečje novine, 1990, стр. 168.
  8. Žarko Radaković, „Umesto pogovora“, во: Peter Handke, Spori povratak kući. Gornju Milanovac: Dečje novine, 1990, стр. 169.
  9. Žarko Radaković, „Umesto pogovora“, во: Peter Handke, Spori povratak kući. Gornju Milanovac: Dečje novine, 1990, стр. 165.
  10. May 31, 2006. „German Politicians to Block Prize for Milosevic Sympathizer“. Посетено на 16 September 2010.
  11. BBC News, „Peter Handke: Critics hit out at Nobel Prize award“ (пристапено на 14.10.2010)
  12. Ed Vulliamy, „Peter Handke's Nobel prize dishonours the victims of genocide“ (пристапено на 14.10.2010)