Панде Петровски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Панде Петровски
Роден 26 декември 1943
Живојно
Починал 31 декември 2006
Битола

Панде Петровски (26 декември 194331 декември 2006) — македонски воен генерал, петти началник на Генералштабот на Армијата на Република Македонија за време на вооружениот конфликт во 2001 година.

Животопис[уреди | уреди извор]

Панде Петровски е роден на 26 декември 1943 година во битолското село Живојно, денес во општина Новаци. Дедо му Петре учествувал во Илинденското востание и во Првата светска војна, а татко му Алексо во народноослободителната борба во текот на Втората светска војна, при што двапати е ранет.[1] По завршувањето на средното образование во 1962 година, Петровски се запишува на Воената академија на Копнената војска на Југословенската народна армија во Белград, СР Србија, и истата ја завршува во 1965 година со висок успех.

ЈНА (1965–1992)[уреди | уреди извор]

Потпоручник Петровски ја започнува својата служба во Југословенската народна армија (ЈНА) како командир на вод во 4. оклопна бригада во Јастребарско, кај Загреб, во СР Хрватска. Поголемиот дел од својата воена служба го поминува во Јастребарско, од 1965 до 1976 година. Во 1968 година е одликуван со Орден за воени заслуги со сребрени мечеви, а следната 1969 година е унапреден во чин поручник. Од 1969 до 1970 година е командир на чета. Од 1970 до 1971 година е заменик командант на баталјон. Во 1971 година е унапреден во чин капетан. Од 1971 до 1972 година е референт за физичко воспитување во бригадата. Од 1972 година е командант на баталјон. Во 1973 година вонредно е унапреден во чин капетан 1. класа, а следната 1974 година е одликуван со Орден на народната армија со сребрена ѕвезда, негово највисоко одликување во ЈНА, иако понатаму е одликуван со уште два ордени.

Во 1976 година завршува командно-штабна академија и е преместен во Прилеп, каде што е помошник на началник на штаб за оперативно-наставни работи. Во 1977 година вонредно е унапреден во чин мајор. Во 1981 година е преместен во Велес, каде што е заменик командант на 212. механизирана бригада, како и началник на штаб на бригадата. Во 1982 година е унапреден во чин потполковник и одликуван со Орден на трудот со сребрен венец. Откако ја завршува Школата за национална одбрана во Белград, во 1986 година вонредно е унапреден во чин полковник и е преместен во Приштина, САП Косово, СР Србија, каде што е командант на 15. механизирана бригада.

Во 1989 година е преместен во Скопје, каде што е началник на орган за персонални работи во 3. армиска област. Во 1990 година е одликуван со Орден за воени заслуги со златни мечеви.

АРМ (1992–2002)[уреди | уреди извор]

По распадот на СФР Југославија и дезинтеграцијата на Југословенската народна армија, Петровски, како и други припадници на ЈНА со потекло од Македонија, преминува на служба во Армијата на Република Македонија (АРМ), формирана во 1992 година, при што е командант на 2. армиски корпус во Битола, учествувајќи во неговото формирање.[2] Во 1993 година е унапреден во чин генерал-мајор. Во 1996 година е преместен во Скопје, каде што е помошник на началникот на Генералштабот на Армијата за борбена готовност. Во 1997 година е унапреден во чин генерал-потполковник.

Во 1998 година Петровски е назначен да раководи со реорганизацијата на Армијата.

Петровски предвремено е пензиониран во 2000 година. Но, следната 2001 година е вратен во Армијата.[2][3] За време на вооружениот конфликт во Македонија во 2001 година, со Указ број 22 на претседателот на Република Македонија Борис Трајковски од 21 март 2001 година, Петровски е поставен за заменик на началникот на Генералштабот на Армијата, тогаш Јован Андревски.[4]

Началник на ГШ на АРМ[уреди | уреди извор]

Во виорот на конфликтот, Петровски е началник на Генералштабот на Армијата, но само 3 месеци. По избувнувањето на воениот судир во Македонија во 2001 година тој бил повикан да помогне во настаната ситуација. Неговиот личен став бил дека воениот судир бил агресија наметната од надвор[5]. Враќајќи се во редовите на АРМ тој ја испланирал успешната акција за ослободување и освојување на Тетовското Кале, како и акциите во Арачиново и Кумановско-липковскиот крај. На 12 април 2001 по успешната акција за ослободување на Тетовското Кале, лично и писмено му било честитано за големата победа на вооружените сили на Република Македонија од страна на генерал-мајор Ричард Грифитс, шеф на МПРИ од САД[6].

Мисли[уреди | уреди извор]

Како војник, и како граѓанин на Република Македонија, кој беше директен сведок во случувањата со кризата во РМ, лично сум заинтересиран за потполно расветлување на сите аспекти на тие случувања и разрешувањето на кризата. Мислам дека и граѓаните на РМ имаат право да ја сознаат целата вистина за овие случувања, посебно што последиците од неа во најголема мерка, а некои и неповратно, ги погодија луѓето од кризните подрачја. Одговорните за ова треба да му дадат очет на македонскиот граѓанин.

Одликувања[уреди | уреди извор]

Забелешка: Списокот на одликувања може да не е целосен.
  • Социјалистичка Федеративна Република Југославија Орден на народната армија со сребрена ѕвезда (1974)
  • Социјалистичка Федеративна Република Југославија Орден на трудот со сребрен венец (1982)
  • Социјалистичка Федеративна Република Југославија Орден за воени заслуги со златни мечеви (1990)
  • Социјалистичка Федеративна Република Југославија Орден за воени заслуги со сребрени мечеви (1968)

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Сведоштва – 2001. стр. 215.
  2. 2,0 2,1 Сведоштва – 2001. стр. 216.
  3. „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2012-09-14. Посетено на 2011-03-21.
  4. „Указ бр. 22“ (PDF). Службен весник на Република Македонија. 23 март 2001.
  5. „архивски примерок“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2011-08-12. Посетено на 2011-03-21.
  6. Петровски, Панде. „Сведоштва - 2001“. Киро Дандаро, Битола, 2006 г. стр.232 (факсимил од оригиналното писмо)
  • Стојановски, Мирослав; Стојаноски, Борис (2017). Стојановски, Мирослав (уред.). Воени генерали од Mакедонија (1943–2017) (второ. изд.). Скопје: Клуб на генерали на Република Македонија. стр. 268–271.
Претходник
Јован Андревски
Началник на Генералштабот на АРМ
2001
Наследник
Методи Стамболиски