Мурат I

Од Википедија — слободната енциклопедија
   Мурат I
Отомански султан
Владеење1362–1389
ПериодПодем на Отоманското Царство
Роден1326
МестоСогут
Починал1389
МестоКосово поле
ПретходникОрхан I
НаследникБајазит I
ПридружбаЃулчичек Хатун
Кера Тамара
Мелек Хатун
Фулан Хатун
ПотомствоЈакуп Челеби
Бајазит I
Савчи Бег
Ибрахим Бег
Јаши Бег
Халил
Нефисе
Султана
СемејствоОтоманска династија
ДинастијаОтоманска династија
ТаткоОрхан I
Валиде султанНилуфер Хатун

Мурат I (132615 јуни 1389, Косово Поле) (отомански турски јазик: مراد اول) бил третиот султан на Отоманското Царство од 1359 до неговата смрт во 1389 година. Роден бил во 1319 или 1326 година, син на Орхан I и византиската принцеза Елена.

Први години[уреди | уреди извор]

Според еден коментар во хрониката на Ахмеди, Мурат го зазел отоманскиот престол кога ги убил останатите синови на Орхан I. Според Ахмеди: „Неговите браќа станаа негови најголеми соперници... и сите тие беа убиени по неова заповед". Според истиот извор, денешна Анкара била заземана од Мурат, но според историските извори Анкара била заземана од страна на Орхан во 1354 година. Се смета дека по смртта на Орхан, Анкара била нападната и освоена од емирот на Еретна, Мехмед. Сепак, скоро сите воени походи на Мурат во Анадолија многу тешко можат да бидат идентифицирани.

Анадолија[уреди | уреди извор]

Карта на освојувањата на Мурат I

Историски е познато дека веќе во 1368 година султанот ги контролирал сите византиски територии околу Босфорот, бидејќи во истата година Венецијанската Република преговарала со Мурат за отстапување на Усќудар на азискиот брег од денешен Истанбул, а не со византискиот цар Јован V Палеолог. Сепак можно е да овие територии биле освоени уште од времето на Орхан. Во целина, најголемите освојувања во Анадолија се случиле на сметка на малите кнежевства, но не и на Византија.

Првото туркско кнежевство кое се присоединило кон султанот, најверојатно кон средината на седумдесеттите години е Гермијан. Историскиот календар од 1421 година е најраниот извор за присоединувањето и според овој извор тоа се случило во 1379 година. Подетално ова присоединување било опишано од страна на Ашакпашазеде. Според него гермијанскиот владетел го посоветувал својот син Јакуб доколку сака оваа земја да остане негова ќе мора да се присоедини кон Османлиите, а за да го оствари ова ќе мора да ожени некоја од своите ќерки за синот Бајазид. По ова, Јакуб ја упатил својата понуда кон Мурат за женидба на гермијанската принцеза Султан Хатун и Бајазит. Мурат го прифатил предлогот. По само неколку месеци Османлиите го презеле Хамид, јужниот сосед на Гермијан, со поважните центри како Егридир и Испарта. Според Ашакпашазеде, во времето на свадбата, емирот на Хамид предложил на Мурат да му го предаде неговите територии, по кое Мурат се согласил. Овој расказ можеби бил измислен за да се скријат намерите на Мурат за зазимање на териториите од друг муслимански владетел.

Проширувањето на отоманските територии кон југоисточниот дел довело до конфликт со Караман. Овој конфликт се продлабочил во 1386 година. Според Нешри, во времето кога Мурат војувал во Србија емирот Алаедин ги нападнал неговите територии. Кога султанот разбрал за ова, веднаш своите сили ги насочил кон Караман за да зимата во 1385 година ја поминал во Бурса. Самата армија на Мурат била составена од контигентите на неговите синови Бајазид и Јакуб, како и српските вазални одреди. Во близина на Конија отоманските сили ги поразиле силите на Караманија. По ова следувала опсадата на Конија. Според Нешри, султанот не го зазел градот поради неговата ќерка која била сопруга на самиот Алаедин. Османлиите го зазеле Бејшехир на западната граница со Караманија и го напуштиле кнежевството.

Паѓањето на Бејшехир му овозможило на Мурат да пристигне до брегот на Средоземјето. По ова следувало и зазимање на малиот бејлик Теке во 1386 година[1], по кое пристигнале до брегот на Анталија. До крајот на својот живот, Османлиското Царство во Анадолија се простирала од Анталија на југ до престолнината Бурса и босфорскиот брег на север.

Балканско освојување[уреди | уреди извор]

Османлиската инвазија продолжила кон Западна Тракија. Денеска нема прецизни податоци кога точно се случило ова, но се смета дека било во времето кога византискиот цар Јован V бил принуден да побара сојузници за заштита на неговата веќе одамна уништена империја. Со оваа цел во 1364 година кај Елисавета, вдовицата на српскиот цар Стефан Душан во Сер пристигнал цариградскиот патријарх Калист. Целта на овој состанок била да ги надминат своите несогласувања и со заеднички сили да им се спротивстават на муслиманските сили. Но во Сер починал самиот патријарх без да ја исполни својата цел. Во 1365 година царот заминал во Буда за да побара помош од страна на унгарскиот крал но и овде не постигнал ништо. На враќање му останало да побара помош од бугарскиот цар Иван Шишман, но наместо тоа, тој бил заробен и однесен во затвор.

По кратко време Јован добил мала помош од страна на српските и бугарските сили главно благодарение на семејните односи. Во 1366 година неговиот роднина Амедиј Савојски од Венеција заминал кон исток каде во Егејско Море кон неговите сили се присоединиле и силите на џеновскиот управител Франческо Гатилузо. Нивната главна цел била ослободување на Галиполе. Така во август 1366 година тие постигнале успех против османлиските сили и пристигнале во Бугарија за да го ослободат византискиот цар[2]. Во 1367 година Амадеј си заминал а во октомври истата година во Рим пристигнала византиска делегација за да бара воена помош од римскиот папа Урбан VI. Сепак римскиот папа одбил да даде помош на Византија.

Додека византиската делегација била во Рим, отоманскиот султан Мурат во 1366 година го зазел градот Одрин. Ова овозможило на отоманските сили достап до Маричката долина, која води на запад кон Пловдив и Софија. Во тоа време Македонија била раководена од страна на браќата Волкашин и Углеша. Знаејќи за големата опасност тие со заеднички сили заминале кон реката Марица. Така на 26 септември 1371 година се одвила Маричката битка каде христијанските сили доживеале катастрофален пораз. Овој пораз довел до брз напредок на отоманските сили на териториите на денешна Македонија и Бугарија.

Западна Тракија и граѓанска војна[уреди | уреди извор]

Во 1373 година бил склучен сојуз меѓу Мурат и византискиот цар Јован V. Ова зближување било потикнато од истовремените бунтови на нивните синови Савчи Бег и Андроник. Една кратка хроника од 1377 година соопштува дека Андроник во мај 1373 година го напуштил Цариград бегајќи од сопствениот си татко и се сретнал со султановиот син. Бунтот започнал на 25 мај, но истиот бил задушен уште пред да започне. На 29 септември 1373 година востание повторно дигнал султановиот син, по кое Мурат го заробил и наредил да биде ослепен, а Андроник бил затворен. Вестите за овој сојуз стигнале до папата во Рим, кој во следните години го нарекол сојуз на нечестта, и покрај тоа што папата претходно не сакал да му помогне на византискиот цар.

Во 1376 година најверојатно со помош на Џенова, Андроник заедно со неговиот син и сопруга успеале да побегнат од затворот. Со помош на отоманците тие успеале да влезат во Цариград и да ги поразат неговиот татко и брат Мануел и Теодор и да ги затворат. Како знак на благодарност тој ја дал својата сестра на отоманскиот султан. Султанот исто така го посакал Галиполе и Андроник му го предал полуостровот во 1377 година. Освен тоа, царот му платил и огромен данок.

Бугарија[уреди | уреди извор]

Според историските податоци, заземањето на Бугарија од страна на Османлиите започнало веднаш по паѓањето на Едрене. По падот на Едрене, Мурат наредил на својот полководец Лала Шахин да се упати со своите сили кон Пловдив и Стара Загора кои најверојатно биле заземани во седумдесеттите години. Во тоа време градот Софија бил под власта на Иван Шишман. Се смета дека истовремено отоманските сили напредувале и кон градот Јамбол и кон бреговите на Црно Море.

Султанот Мурат I својата власт во Бугарија ја наметнал не преку војна, туку преку брак. Според анонимната бугарска хроника, по смртта на бугарскиот цар Јован Александар на 17 февруари 1362, еден од неговите синови, Шишман, го добил Трновското царство. Од друга страна пак Видинското царство било управувано од страна на Срацимир. Во хрониките е запишано дека по смртта на Александар, Тамара, сестрата на Шишман станала жена на султанот. Можеби и поради овој брак Мурат очекувал од страна на бугарскиот цар да стане негов вазал. Но, поради неисполнувањето на неговите обврски кон султанот, во 1388 година султанот ги испратил своите сили кон Трново.

Според историчарот Нешри, Мурат ја собрал својата армија за да ја нападне Србија, по кое следувало повик кон анадолските и европските вазали за учество во воената кампања. На тој повик не се јавиле Шишман и неговиот син Иванко. Поради ова Османлиите се откажале од кампањата и Мурат го испратил на везирот Али Чандар на чело со војска од 30.000 луѓе да ја заземат Бугарија. Али тргнал од Едрене кон Јамбол и стигнал до Провадија (Варненска област). По ова следувало зазимање на Мадара, Шумен и Варна.

Иван Шишман гледајќи дека не може да ги победи отоманските сили започнал преговори со султанот Мурат и за вторпат се заколнал дека ќе му биде вазал. Условот бил да се предаде градот Дрестар, но сепак бугарскиот цар повторно не го одржал зборот. Али по ова ги зазел сите тврдини меѓу Трново и Дунав и поставил свои гарнизони. Според податоците, по 1388 година Иван Шишман делувал како отомански вазал.

Македонија[уреди | уреди извор]

Во времето на византиската граѓанска војна, Османлиите своите територии ги прошириле до Епир и Македонија. Во 1383 година во Македонија навлегле силите на везирот Хајредин Чандарли. Според една кратка хроника од 16 век, Османлиите го опседнале Сер и го презеле на 19 септември 1383 година. По ова следувала и опсадата на Солун. Блокадата на градот траела доста долго. Мануел, византискиот нов цар кој се наоѓал во градот не добил никаква помош од неговиот брат Теодор, ниту од папата Во крајна сметка градот бил заземен, а Мануел успеал да побегне преку морето[3]. Падот на Солун се случил по четири години, односно во 1387 година.

Во времето на опсадата на Солун и по неа, Мурат спровел и други воени походи во Македонија. Според еден документ од Метеора, градот Бер паднал во 1385 година[4]. Според османлиските хроники, Битола паднала истата година, а најверојатно и Охрид. Според Календарот од 1439 година, целата јужна Македонија била под власта на Османлиите во 1387 година.

Србија[уреди | уреди извор]

Османлиското напредување на Балканскиот Полуостров стигнале до земјите на Лазар Хребелјановиќ, кнез на Србија. Најверојатно конфликтот меѓу двете страни започнал во 1385 година, кога Нешри Мурат го зазел градот Ниш кај река Морава, кој се наоѓал југоисточно од тогашната престолнина Крушевац. Следната година, 1386 година, Мурат се вратил во Анадолија, војувајќи со Караман, во и покрај ова следната 1387 година Ниш паднал. Следниот конфликт се случил кај река Топлица, каде според српските летописи Мурат побегнал, а најверојатно Лазар ги повратил Ниш и Пирот. До 1388 година, градот Пирот бил под власта на Шишман, кој доброволно го предал на лазаровите сили. Кога за ова научил султанот, тој ја испратил својата војска на чело со Тимурташоглу Јахпи, по кое околината на Пирот била повторно заземана.

Во исто време започнале и првите воени походи на Османлиите во Босна. Најраните извори за овие напади датираат од 1386 година кога граѓаните на Дубровник научиле за турската инвазија во Босна. На 27 август 1388 година, кај Билеча босанската армија доживеала пораз од страна на Османлиите[5]

На 15 јуни 1389 година започнала Косовската битка. На страната на Лазар застанал и босанскиот владетел Тврдко. Првиот расказ за конфликтот го дал босанскиот владетел на 1 август:

Мурат дојде со своите синови. На 20 јуни започна битката со нив... и победата ја одржувавме. Ги тепавме, ги поразивме така да малку од неверниците останаа живи. И ова, фала му на Господ, стана без многу жртви од наша страна...[6]

Битката завршува со катастрофален пораз на српската војска. Последиците, како за Србија, така и за непосредното соседство биле лоши: самата косовска област била ставена под непосредна војничка управа на Османлиите и заедно со скопската околина станале база за понатамошни нивни воени дејствија против Босна, Зета и непокорениот дел од Србија.

Според сите извори, во Битката загинал и самиот султан Мурат I.

Смртта на Мурат[уреди | уреди извор]

Гробот на Мурат на Косово поле.

Со оглед на тоа што Мурат починал на бојното поле, а тоа не бил чест случај во средниот век, самата битка и неговата смрт одекнале широко во Европа. Христијанските и муслиманските извори се разликуваат според начинот на кој бил убиен Мурат. Според турските, султанот бил убиен со измама по крајот на битката, додека пак христијанските извори се темелат на легенда според која еден војник го жртвувал својот живот за да го убие на султанот. Косовската легенда ја запишал Мавро Орбин во книгата Кралството на Словените од 1601 година.

Освен овие, постојат и други верзии за смртта на султанот. Босанскиот крал Тврдко на 1 август објавил за својата победа на Косово при кое султанот го испратил од овој свет со многу негови војници. Тој не навел кој го убил на султанот, но според писмото ова дело го препишал себеси.

Во едно писмо на Фиренската општина од 20 октомври се говори за нападот на дванаесет војници кои во текот на битката успеале да се пробијат до султановиот шатор[7]}} и да го убијат. Белтрами Минанели во своите Спомени од истокот пишува за истиот настан околу шаторот, но се ова се случило по крајот на битката. Според овој извор, војниците одбиле да дадат заклетва дека ќе бидат вазали на султанот па го нападнале султановиот шатор и смрттно го раниле.

Според српските извори, султанот бил убиен од страна на српскиот витез Милош Обилиќ.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Barbara FLEMMING, Landschaftsgeschichte von Pamphylien, Pisidien und Lykien in Spätmittelalter, Abhandlungen für die Kunde des Morgenlandes, XXXVI, 1, Wiesbaden (1964).
  2. E.L. COX, The Green Count of Savoy: Amadeus VI and Transalpine Savoy in the Fourteenth Century, Princeton (1967), 220.
  3. 21G.T. DENNIS, The Reign of Manuel II
  4. P. SCHREINER, Die Byzantinischen Kleinchroniken, Vol. 2, Vienna (1977), appendix I, no. 54.
  5. Т.А. EMMERT, The Battle of Kosovo: a Reconsideration of its Significance in the Decline of Medieval Serbia, Ann Arbor (1973), 93.
  6. Т,А. EMMERT, The Battle..., 105.
  7. Јунаци Косовске легенде, Раде Михаљчић, БИГЗ, 1989
Мурат I
Роден(а): 1319 Починал(а): 1389
Владејачки титули
Претходник
Орхан I
Отомански султан
1362–1389
Наследник
Бајазит I