Милорад Павиќ

Од Википедија — слободната енциклопедија

Милорад Павиќ (Белград, 15 октомври 1929 — Белград, 30 ноември 2009) бил српски поет, раскажувач, романописец, драматург, книжевен истражувач и научник, добивајќи и светски признанија.[1] Исто така, тој бил член на Српската академија на науките и уметностите[2] од 1991 година.

Животопис[уреди | уреди извор]

Милорад Павиќ' (Белград, 15 октомври 1929 — Белград, 30 ноември 2009)

Павиќ е роден во Белград, во 1929 година, во старо писателско семејство.[3] Докторирал на Универзитетот во Загреб на тема на поезијата на Воислав Илиќ. Во периодот од 1974 до 1990 година, Павиќ работел како професор на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Нови Сад, при што, редовен професор на овој факултет станал во 1977 година, а во периодот 1977-1979 бил декан. Исто така, Павиќ бил и уредник во издавачката куќа „Просвета“ од Белград.[4] Тој бил оженет со Јасмина Михајловиќ, писателка и книжевна критичарка. Во 2008 година, на возраст од 43 години, по долго боледување починала неговата ќерка. Павиќ починал во Белград, на 30 ноември 2009 година, од инфаркт предизвикан од тромб по извршената операција на колкот, а бил погребан на 3 декември во Алејата на великаните на Новите гробишта во Белград.[4]

Творештво[уреди | уреди извор]

Павиќ бил романописец, раскажувач, поет и драмски писател. Својата книжевна кариера, Павиќ ја започнал како поет, со стихозбирките „Палимпсести“ (1967) и „Месечевиот камен“ (1971). Првата збирка раскази „Железни завеси“ (српски: Гвоздене завесе) ја објавил во 1973 година, а потоа следеле збирките раскази: „Коњите на свети Марко“ (српски: Коњи светога Марка, 1976), „Руски 'рт“ (српски: Руски хрт, 1979), „Нови белградски приказни“ (српски: Нове београдске приче, 1981), „Душите се капат последен пат“ (српски: Душе се купају последњи пут, 1982) и „Превртена ракавица“ (1989). Во 1981 година, Павиќ го објавил првиот роман, „Мал ноќен роман“ (српски: Мали ноћни роман), а домашната и светската слава Павиќ ја стекнал со романотХазарски речник“ од 1984 година. Потоа следеле романите: „Предел насликан со чај“ (српски: Предео насликан чајем, 1988), „Внатрешната страна на ветрот“ (1991) и „Последната љубов во Цариград“ (1994). Исто така, значајно место во творештвото на Павиќ заземаат и делата: „Шапка од рибина кожа - Љубовна приказна“ (српски: Шешир од рибље коже: љубавна прича, 1996), „Стаклен полжав - Приказни од Интернет“ (1998), „Кутија за пишување“ (1999), „Ѕвездена наметка - Астролошки водич за неупатените“ (2000) и „Уникат“ (2004). Покрај нив, Павиќ е автор и на книгите: „Интерактивни драми - Засекогаш и ден повеќе“, „Кревет за тројца“, „Стаклен полжав“ (2004), како и комедијатаСвадба во бањата“ (2005). Покрај тоа, тој се занимавал и со преведувачка дејност, преведувајќи ги Бајрон и Пушкин. Во 1985 година биле објавени собраните дела на Павиќ во четири книги.[3][5][6]

Паралелно со белетристика, Павиќ се занимавал и со есеистичка и со научна работа од областа на историјата на книжевноста. Притоа, тој ги објавил книгите: „Историја на српска книжевност во барокното време (XVII-XVIII век)“ (1970), „Војислав Илиќ и европската поезија“ (1971), „Војислав Илиќ, неговото време и дело (Хроника на едно поетско семејство)“ (1972), „Гаврил Стефановиќ Венцловиќ“ (1972), „Јазичното паметење и поетскиот облик“ (1976), „Историја на српската книжевност во класицизмот и предромантизмот“ (1979), „Раѓањето на новата српска книжевност“ (1983), „Историјата, сталежот и стилот“ (1985) итн.

Според зборовите на Часлав Ѓорѓевиќ, Павиќ е европски Борхес, бидејќи во своите дела, внесувајќи во нив научно и фантастично, обликува прозни форми и уметнички ветрови кои не престануваат да ги збунуваат и воодушевуваат читателите насекаде во светот.[7] Делата на Павиќ се преведени во повеќе од 100 јазици во целиот свет, како: француски, италијански, кинески, шпански, руски, чешки, јапонски, корејски, албански, грузиски, романски, ирански, бугарски итн., а најголем интерес за неговите дела има во Кина, Јапонија, Индија и Кореја. Освен тоа, романите на Павиќ се објавени на англиски јазик во електронска форма од Amazon Kindle, како единствен пример во српската книжевност.[4] Во неколку наврати, од предлагачи од Европа, САД и Бразил, Милорад Павиќ бил номиниран за Нобеловата награда за литература.

Споменик на Милорад Павиќ во Паркот Ташмајдан, Белград

Значење и влијание[уреди | уреди извор]

Една мала улица во белградската населба Калуѓерица го носи името на Милорад Павиќ. Исто така, во Белград е подигнат негов споменик, а во улицата каде што живеел е ставена спомен-плоча. Негов споменик е подигнат и во Алејата на светските великани во Москва.[4]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Раде Силјан, Странски автори и дела, Матица Македонска, Скопје, 2001, стр. 490.
  2. Потекло на зборот - Антологија на српскиот расказ I, Слово љубве - Буквибукс, Скопје, 2016, стр. 189.
  3. 3,0 3,1 „Beleška o autoru“, во: Milorad Pavić, Hazarski rečnik. Beograd: Prosveta, 1988, стр. 299.
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 KURIR, „JASMINA MIHAJLOVIĆ ZA KURIR: Jedina želja mi je da me sahrane pored mog muža Milorada Pavića u Aleji velikana!“ (пристапено на 23.5.2023)
  5. „Белешка о писцу“, во: Милорад Павић, Кутија за писање. Београд: Народна библиотека Србије, 2012, стр. 121.
  6. Milorad Pavić, Ruski hrt i nove priče. Beograd: Književne novine, 1986, стр. 189.
  7. Часлав Ђорђевић и Предраг Лучић, Књижевност и српски језик - приручник за ученике четвртог разреда гимназије и средњих стручних школа, Нови Сад, 2009.