Микена

Од Википедија — слободната енциклопедија
Лавовската порта на влезот во Микена.

Микена (на старогрчки: Μυκῆναι, грчки: Μυκήνες) е археолошко наоѓалиште во Грција кое се наоѓа околу 90 km југозападно од Атина, во североисточниот дел на Пелопонез. Хомер ја нарекувал „обилна со злато“.

Во вториот милениум п.н.е., Микена била еден од најважните центри на грчката цивилизација и воено утврдување кое доминирало на голем дел од јужна Грција. Периодот на грчката историја од 1600 п.н.е. до околу 1100 п.н.е. се нарекува микенски период.

Иако тврдината ја создале Грците, се смета дека името не е грчко, а веројатно предгрчко и наследено од претходните жители. Предгрчкиот јазик останал непознат, а нема силни докази дека припаѓал на индоевропските јазици.

Се верува дека акрополот или "високиот град" на Микена е утврден во раниот XV век п.н.е. на основата на еден пронајден гроб од тој период. Околу 1350 п.н.е., акрополот и околните ридови одново се соѕидани во "киклопски стил", бидејќи блоковите од карпи биле толку големи што во подоцнежните векови се верувало дека ги граделе еднооки суштества познати како киклопи. Во внатрешноста на ѕидините се изградени монументални палати.

Местоположба[уреди | уреди извор]

Микена се наоѓала на Пелопонез во Арголида. Планинските карпи во оваа област на неколку места ја пресекуваат ридската долина, која денес се смета за најнеплодна област на Пелопонез, кој и без друго е сиромашен со вода. Главна река во оваа област е Инах, чиј извор се наоѓа во планините, но најмногу вода добива од дождовите. Во лето сосема пресушува.[1]

Овде се наоѓале најстарите градови: Аргос, Тиринт и Микена, оддалечени од морскиот брег на 18 км. Градот се наоѓал на надморска височина од 278 м,[2] и бил сместен меѓу два рида. Од воено-стратешки поглед, положбата на градот Микена била многу поволна, затоа што градот доминирал на тоа подрачје.

Социјална структура[уреди | уреди извор]

Глинени таблички најдени во Микена

Досегашните податоци укажуваат дека микенското општество имало класна поделба. На чело на државата се наоѓал крал, постоеле крупни земјопоседници, а земјата ја обработувале робови. Во некои натписи се споменуваат ситни закупци, како и занаетчии кои живееле во посебни населби: дрводелци, грнчари, пекари, кројачи, златари и други.

Во целина, социјално-политичкото уредување во Микена и во другите ахејски држави може да се окарактеризира како раноробовладетелско, кое имало многу сличности со робовладетелските држави на Исток.

Писменост[уреди | уреди извор]

Долго време во науката владеело мислењето дека во Микена немало писменост, но потоа се најдени глинени плочи, пишувани со боја или остар предмет. Датираат од 15-12 век п.н.е. Во 1939 година, а потоа и во 1952 година, најдени се архиви: архивата во Пилос содржи над 900 глинени плочки, а таа во Микена 39 плочки. Овие плочки се пишувани со „линеарно писмо Б

Религија[уреди | уреди извор]

На плочките пронајдени во Пилос напишани се имињата на боговите кои ни се добро познати од подоцнежните периоди на Грците: Зевс, Хера, Посејдон, Арес, Дионис. Ако овие имиња се точно прочитани од плочките, тогаш пантеонот на олимписките богови бил создаден уште во микенското доба.[3] Без сомневање, во микенското општество се верувало во задгробен живот, а култот на мртвите бил нашироко распространет. Во некои од гробниците се најдени остатоци од лешевите, што укажува на фактот дека на Микенците им бил познат некој начин на балсамирање по углед на египетското мумифицирање.

Микенските гробници[уреди | уреди извор]

Микенски мечеви и пехари

Откопувањата на Микена прв ги започнал Шлиман во 1874 година. Како резултат на тие откопувања и подоцнежните долгогодишни археолошки истражувања на копното, најдени се редица споменици од истата епоха и од ист тип како и микенските, па целата таа култура го добила името микенска култура.

Населбите на микенскиот брег изгледа дека потекнуваат од вториот милениум пред нашата ера. На ова подрачје никогаш не се најдени керамики од претходните периоди. Тешко може да се каже што претставувала таа прва населба, и дали одбранбените ѕидови постоеле во првите векови од постоењето на оваа населба. Тврдината и најстарите споменици потекнуваат од преминот меѓу 15 век п.н.е. и 14 век п.н.е.[4] Шлиман открил шест гробници кои потекнуваат од крајот на 17 век п.н.е. и почеток на 16 век п.н.е. Тоа се правоаголни дупки исечени во карпите, кои долго време се сметале за најстари објекти на микенската епоха. Но, во периодот од 1951-1955 година, во Микена се пронајдени уште 24 гробници кои потекнуваат од тој период. Од горе, секоја гробница била покриена со прицврстена камена плоча, а потоа биле прекриени со земја. Овие гробови се користеле повеќепати, отворани се, остатоците од претходниот покојник се тргани на страна за да се направи место за новиот покојник, кој е спуштан внатре и повторно гробот е затворан со плочата и покриен со земја. Во некои од тие гробници се наоѓа само по еден костур, а во други дури до четири.

Инвентарот од гробниците е богат. Шлиман во една гробница открил дури 870 предмети,[4] повеќето од нив златни, а меѓу нив има дијадеми, ланчиња, златни и сребрени пехари богато украсени со релјефи, мечеви и ножеви совршено изработени, прстени, предмети од слонова коска, стакло, фајанс, горски кристал, една вазна од алабастер, приврзоци и златни плочки во форма на листови, цвеќиња, пеперутки, сфинги и морски животни, скапоцени камења и друго. Според стилот и техниката како се изработени, најголемиот број од овие предмети се критски. Нема сомневање дека некои од тие предмети се донесени од Крит, посебно оние изработени од материјали кои ги немало во околината на Микена: слонова коска, скапоцени камења, ноеви јајца, како и предметите на кои се изгравирани имиња на египетските фараони од Новото Царство.

Микена како тема во уметноста[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. В.В. Струве, Д.П. Калистов: „Стара Грција“, Веселин Маслеша, Сараево, 1969, стр. 46.
  2. В.В. Струве, Д.П. Калистов: „Стара Грција“, Веселин Маслеша, Сараево, 1969, стр. 47.
  3. В.В. Струве, Д.П. Калистов: „Стара Грција“, Веселин Маслеша, Сараево, 1969, стр. 68.
  4. 4,0 4,1 В.В. Струве, Д.П. Калистов: „Стара Грција“, Веселин Маслеша, Сараево, 1969, стр. 48.
  5. Zbignjev Herbert, Izabrane pesme. Beograd: Treći trg – Čigoja štampa, стр. 256-257.