Мешеишта

Координати: 41°14′18″N 20°46′36″E / 41.23833° СГШ; 20.77667° ИГД / 41.23833; 20.77667
Од Википедија — слободната енциклопедија
Мешеиштa
Мешеиштa во рамките на Македонија
Мешеиштa
Местоположба на Мешеиштa во Македонија
Мешеиштa на карта

Карта

Координати 41°14′18″N 20°46′36″E / 41.23833° СГШ; 20.77667° ИГД / 41.23833; 20.77667
Општина  Дебрца
Население 599 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 6342
Повик. бр. 046
Шифра на КО 19029
Надм. вис. 752 м
Слава Петровден
Мешеиштa на општинската карта

Атарот на Мешеиштa во рамките на општината

Мешеишта — село во Општина Дебрца. Селото се наоѓа на петнаесеттина километри оддалеченост од Охрид и Струга. Во периодот 1996 - 2004 година, Мешеишта било главно населено место на поранешната истоимена општина, која била споена со Општина Дебрца.

Грб на поранешната Општина Мешеишта.

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Атарот на селото Мешеишта е сместен во просторот на Охридско-Струшката котлина. Селото претставува административен дел на Општината Дебрца (според новата територијална поделба), иако тоа не припаѓа на географската област Дебрца. Се простира во подножјето на огранците на Плакенска Планина, која заедно со огранците на планината Караорман го одделува од областа Дебрца. Вкупната површина на селото изнесува 2.437,1 ха. Селото се наоѓа на надморска височина од 752 м. и во негова непосредна близина се наоѓаат висовите Орлово Гнездо (1126 м.), Стојанец (1130 м.) и Корита (1271 м.). Рамничарскиот дел на атарот му припаѓа на просторот Велјо Поле. Гранично административни простори на мешеишкиот атар се атарите на селата Волино, Требеништа и Ливоишта од јужната страна, Сирула од источната страна, Злести и Ботун од северната страна, и Климештани, Корошишта и Ливада од западната страна.

Сообраќајни врски[уреди | уреди извор]

Сообраќајните врски се поволни имајќи го предвид фактот што селото се протега на регионалниот пат што ги поврзува Охрид и Струга, и, преку Кичево и Скопје, со меѓународниот пат кон останатиот дел од светот.

Релјеф[уреди | уреди извор]

Котлинскиот простор на Мешеишта е ограден со планински страни и висови. Самата надморска височина (752 м.) покажува дека се наоѓа во планински простор кој претставува јужна огранка на Шарскиот планински систем. Тоа значи дека се работи за младо копно. Настанокот се врзува за олиго-миоценски движења познати како Алпска орогенеза, а му припаѓаат на јужното Алпско орогено стебло. Оклоните планини се издигнати од синклиналната Тетида. Така издигнатите простори подлегнале на процесот на раседување. Долж таквите раседи се спушта и Охридската котлина во која е сместен атарот на селото Мешеишта. Раседните линии во котлината се простираат по источната страна од Љубаништа кон Косел, по западната страна е Струшко-Старовскиот расед и низ централниот дел е Копарничко-Наумовскиот расед. Во непосредна близина на источната раседна линија, која се простира средоземно, се наоѓа оваа населба, со што зазема положба на изразена сеизмичност. Тоа не е одделно од сеизмичноста на Охридската котлина која што е и денес активна, но микролокацијата на Мешеишта зборува за нужност од водење сметка за овој геотектонски елемент.

По спуштањето, басенот влегол во езерска фаза во која постоеле два залива на неогеното езеро. Наслагите на езерските седименти во овие заливи се од плиоценска старост, а постојат и плеистоценски седименти. Просторот на Мешеишта бил дел на езерскиот залив, односно езерото го покривало овој простор во плиоцен и плеистоцен. По исполнувањето со вода настанал стадиум на интензивна ерозија на брановите. Абразивните подови и тераси, се забележани на различни висoчини од 720 до 1080 м. кб., што зборува дека овој простор бил под влијание на овие егзотени процеси.

Од флувно-денудационите појави треба да се истакнат планините. Тие настанале со таложење на наносниот материјал од преминот на планина во котлина. Вакви појави се присутни на четири места во непосредна близина на Мешеишта. Скорешната ерозија, во облик на урвини и буици, во голема мера е санирана 1960-тите години, преку пошумување на голите планински простори со црн бор, така што тие не се појави од континуелен карактер на овој простор.

Историја[уреди | уреди извор]

Мешеишта се одликува со богата историја. Најстарото археолошко наоѓалиште во околината на селото е месноста Св. Илија, каде што се пронајдени остатоци од постарото железно време (XII-XI п.н.е.). На ова место се наоѓа мала, еднокорабна манастирска црква, која е посветена на св. пророк Илија.

Според некои сознанија, старото име на Мешеишта било Дабово. Иако не постојат посебни истражувања за потеклото на денешното име на селото, најверојатно тоа е изведено од турскиот збор за даб - „меше“, што оди во прилог на претпоставката за старото име. Инаку, името на селото за првпат се сретнува во турскиот попис на Охридската каза од 1582 год., и тоа како Мешевиште.[2]

За време на турското ропство, Мешеишта ја делело судбината на останатите македонски села. На пример, забележано е дека во летото 1902 год., во селото влегла разбојничката чета (од 400 души) на Билјал Баланца, која го опљачкало селото, убивајќи неколку селани.[3] Жителите на Мешеишта активно учествувале во подготовките на Илинденското востание, под водството на војводата Никола П. Русински, кој уште во 1901 год. го користел во селото како база за организирање на револуционерната активност во струшкиот крај. Притоа, забележано е дека учителот Гурко Савинов бил секретар на комитетот во Мешеишта.[4] За време на Првата светска војна, Мешеишта било окупирано од бугарската војска. Жителите на Мешеишта, исто така, учествувале во Народно-ослоботилната војна, при што селото било ослободено на 29 август 1944 год.[5]

Стопанство[уреди | уреди извор]

Уште во дамнешни времиња, Мешеишта имало големо стопанско значење за охридскиот крај. Така, во турските документи е запишано дека уште во 1491 год., во селото имало 6 воденици во посед на вакуфите.[6] Исто така, во турскиот попис од 1582 г. е забележано дека селото било најголем производител на ‘рж во Охридската каза, со род од 1000 товари (150 тони). Исто така, во селото имало 312 свињи, со што тоа било на второ место во Охридската каза.[7]

Денес, најзастапени стопански гранки во Мешеишта се: земјоделството (пченица, грав, пченка, пиперки, домати итн.), лозарството и овоштарството (јаболка, круши, сливи итн.). Во селото работи приватното претпријатие Мелница и пекарница „Илинче“, кое е основано во 1990 год. и денес покрива околу 40% од пазарот во охридско-струшкиот регион.[8]

Население[уреди | уреди извор]

Население во минатото
ГодинаНас.±%
19481.464—    
19531.595+8.9%
19611.675+5.0%
19711.586−5.3%
19811.453−8.4%
ГодинаНас.±%
19911.269−12.7%
1994904−28.8%
2002779−13.8%
2021599−23.1%

Според податоците од турскиот попис на Охридската каза од 1582 г., Мешеишта имало 56 христијански семејства, 3 самци, т.е. 283 христијански жители и 12 муслимански семејства и 1 самец, т.е 61 муслиман, односно вкупно 344 жители. Со тоа, Мешеишта било едно од поголемите села т.е. тоа било седмо по големина во целата Охридска нахија (која ги вклучувала и струшките села).[9] Подоцна, во извештајот што австрискиот вице-конзул Крал го испратил во Виена во 1898 год. се вели дека Мешеишта имало 914 жители, сите Македонци, со што тоа било второ по големина село во охридско.[10]

Притоа, во овој попис се споменати и конкретни жители од селото: Така, во него е забележано дека 9 христијански баштини (имоти) преминале во турски раце, и тоа баштината на Неделко преминала во Дервиш Солак, а потоа кај спахијата Хусеин; баштината на Ѓорѓо преминала кај Дервиш Хусеин, а потоа кај спахијата Хусеин; баштината на Радослав кај спахијата Кучи; баштината на Пејо кај јаничарот Хизир, апотоа кај јаничарот Сулејман; баштината на Петко прво преминала кај Михаил Величко, а потоа кај јаничарот Мустафа; баштината на Димитри преминала прво кај јаничарот Сејди, а потоа кај Синан гуламшахи (царски слуга), додека Добре, син на Петко, приграбил две баштини од селото.[11]

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Мешеишта имало 900 жители, сите Македонци.[12] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Мешеишта имало 1.040 жители, Македонци под врховенството на Бугарската егзархија.[13]

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Мемеишча е претставено како чисто македонско село во Охридската каза на Битолскиот санџак со 119 куќи.[14]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 1.250 Македонци.[15]

Според пописот на населението на Македонија од 2002 година, селото има 779 жители.

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 599 жители, од кои 570 Македонци, 1 Србин и 28 лица без податоци.[16]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 900 1.040 1.464 1.595 1.675 1.586 1.453 1.269 904 779 599
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[17]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[18]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[19]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[20]

Родови[уреди | уреди извор]

Мешеишта е македонско село

Општествени установи[уреди | уреди извор]

Зачетоците на образованието во Мешеишта датираат во 1889-1890 год., кога е отворено егзархиско училиште[24] и, оттогаш, во селото постојано се изведувала настава. Подоцна, во периодот 1912-1915 год., во селото работело српско школо со две паралелки и двајца учитела.[25] Наставата на мајчин јазик започнала да се изведува по Втората светска војна, при што прв учител бил Михаило Пљакоски од Охрид.

Денес, во Мешеишта работи подрачното училиште во состав на ОУ Дебрца од с. Белчишта. Во подрачното училиште во Мешеишта се изведува настава од I-IX одделение. Има 6 училници, 1 канцеларија, кабинет по информатика. Дворот е асфалтиран, и има одбележани спортски терени, така што учениците имаат можност за реализирање на часовите по физичко и здравствено образование. Инаку, училишната зграда е солидна, реновирана со донација на УСАИД, МОН и Општина Дебрца во 2008 год.[26]

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Во минатото, Мешеишта претставувало административен дел од општините Охрид и Струга, додека со територијалната поделба од 1996 год., селото стана седиште на новоформираната општина Мешеишта. Подоцна, во 2004 год. општината Мешеишта е укината, т.е. присоединета кон општината Дебрца.[27]

Избирачко место[уреди | уреди извор]

Во селото постојар избирачките места бр. 1347 и 1349 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште и з.з "славеј"[28]

На претседателските избори во 2019 година, на овие избирачки места биле запишани вкупно 670 гласачи.[29]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Во центарот на селото има споменик на паднатите борци од Илинденската епоха и од Народноослободителната војна. Во Мешеишта се наоѓа големата црква „Св. Петар и Павле“, чии царски двери датираат од XVII век, а се изработени од непознат зограф, кој веројатно е автор и на иконата на архангел Михаил.[30] Во близина на селото се наоѓа малата, еднокорабна црква Св. Илија.

Цркви[31]

Редовни настани[уреди | уреди извор]

Како селска слава на Мешеишта е големиот празник Петровден. Исто така, во црквичката Св. Илија се слави празникот Илинден, а во селото се слават и другите позначајни верски празници.

Култура и спорт[уреди | уреди извор]

Во селото дејствува културно-уметничкото друштво „Св. апостоли Петар и Павле“. Исто така, почнувајќи од 1975 год., секоја година се одржува турнирот во мал фудбал „Петровден“ - Мешеишта.[33]

Личности[уреди | уреди извор]

Борци во НОБ[уреди | уреди извор]

  • Арсо Србиноски — македонски партизан.
  • Ѓорги Карамешиноски — македонски партизан.
  • Ѓорги Ѓоргијоски — македонски партизан.
  • Ѓоре Ќулукоски - македонски партизан.
  • Илија Митрев Ковачески - роден во 1928 година. Доброволно стапува во НОБ во август 1944 година. Како борец на Петнаесеттата македонска бригада тешко е ранет во борбите со балистите кај Зајас,кичевско. Пренесен во битолската болница каде подлегнува на раните во декември 1944 година.[36]
  • Панде Јосифов Калески - роден во 1925 година. Во НОБ доброволно стапува на 12 декември 1944 година. Како борец на Втората македонска ударна бригада загинува на Сремски фронт кај Стара Пазова во април 1945 година.[36]
  • Ристо Димков Бушиноски - роден во 1926 година. Доброволно стапува во НОБ на 10 август 1944 година. Како борец на Првата македонска ударна бригада учествува на Сремски фронт и се загубува во борбите на 19 април 1945 година.[36]
  • Спасе Матев Аврамоски - роден во 1924 година. Организирн во младинско-воспитна група работи за движењето од почетокот на 1944 година. Како борец на Втората македонска ударна бригада загинува на Сремски фронт кај Стриживојна на 16 април 1945 година.[36]
  • Стрезо Стрезоски - македонски партизан

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Печалбарството во Мешеишта започнало во втората половина на XIX век.

Од родовите поединечно се знае за следните иселеници до крајот на 1940-тите:

  • Од Ѓоревци иселеници има во: Аргентина (едно семејство од 1924 година) и во Скопје (едно семејство од 1945 година).
  • Од Карамешиновци иселеници има во: Скопје (едно семејство од 1946 година).
  • Од Аврамовци иселеници има во: Аргентина (едно семејство од 1924 година) и во Скопје (едно семејство од 1945 година).
  • Од Чорбевци иселеници има во: Гари, Мијачија (како домазет од 1933 година).
  • Од Калановци иселеници има во: Америка (едно семејство од 1922 година).
  • Од Мартиновци иселеници има во: Драслајца (три семејства од 1935 година).
  • Од Тололевци иселеници има во: Франција (едно семејство од 1928 година), и во Качарево во Војводина (едно семејство од 1947 година).
  • Од Крцовци иселеници има во: Австрија (едно семејство од 1905 година).
  • Од Алексијовци иселеници има во: Качарево во Војводина (едно семејство од 1947 година).
  • Од Бушиновци иселеници има во: Охрид (едно семејство од 1926 година).
  • Од Тодоровци иселеници има во: Глогоњ во Војводина (едно семејство од 1947 година).
  • Од Ецковци иселеници има во: Битола (едно семејство од 1928 година).
  • Од Кузмановци иселеници има во: Аргентина (едно семејство од 1923 година).[21]

Мешеишта како мотив во уметноста[уреди | уреди извор]

  • „Јабанџискиот гроб во Мешеишта“ - песна на македонскиот поет Наум Целакоски.[37]
  • „Повеќе никогаш не ќе можам да се искачам на Икона“ - песна на македонскиот поет Наум Целакоски од 1991 година.[38]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. Охрид и охридско низ историјата (книга втора), Институт за национална историја-Скопје, Скопје, 1985, стр. 28-30.
  3. Охрид и охридско низ историјата (книга втора), стр. 157.
  4. Охрид и охридско низ историјата (книга втора), стр. 197-198.
  5. „„Мешеишта", Славеј, училиштен весник на ОУ „Дебрца" с. Белчишта-Охрид, бр. 10, 2008, стр. 2“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2016-03-05. Посетено на 2011-07-03.
  6. Охрид и охридско низ историјата (книга втора), стр. 94.
  7. Охрид и охридско низ историјата (книга втора), стр. 82-90.
  8. „Мелница и пекарница Илинче“. Архивирано од изворникот на 2010-05-10. Посетено на 2011-06-29.
  9. Охрид и охридско низ историјата (книга втора), стр. 28-30.
  10. Охрид и охридско низ историјата (книга втора), стр. 161-162.
  11. Охрид и охридско низ историјата (книга втора), стр. 42-46.
  12. Кънчов, Васил. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, стр. 253.
  13. Brancoff, D.M. La Macédoine et sa Population Chrétienne. Avec deux cartes ethnographiques, Paris, 1905, pp. 164-165.
  14. Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 30.
  15. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  16. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  17. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  18. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  19. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  20. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  21. 21,0 21,1 Русиќ, Бранислав. Струшко Поле-Мешеишта. Архивски фонд на МАНУ АЕ 88/1.
  22. Мешеишта. Охрид: Месна Заедница с. Мешеишта. 1987.
  23. „За училиштето“. македонски: ОУ „Дебрца“ - Белчишта. Архивирано од изворникот на 2016-08-25. Посетено на 22 август 2016.
  24. Охрид и охридско низ историјата (книга втора), стр. 170.
  25. Охрид и охридско низ историјата (книга втора), стр. 281.
  26. „ОУ Дебрца - с. Белчишта“. Архивирано од изворникот на 2016-08-25. Посетено на 2011-06-29.
  27. Васил Калески, „Реалните факти на Петковски“, Утрински весник, бр. 1551, понеделник, 16 октомври 2006.[мртва врска]
  28. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  29. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  30. Охрид и охридско низ историјата (книга втора), стр. 322.
  31. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  32. † ОСВЕТУВАЊЕ НА МАН. „СВ. ПР. ИЛИЈА“ ВО С. МЕШЕИШТА
  33. По 37-ми пат турнир во мал фудбал „Петровден 2011“, Ohrid press, 9.6.2011.
  34. Нов број на списанието „Македоника“[мртва врска]
  35. Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том I, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
  36. 36,0 36,1 36,2 36,3 Охрид и охридско во борбата против фашизмот. ЗБОРНИК на паднатите борци во народно-ослободителната борба и револуција и жртвите на фашистичкиот терор во Охрид и охридско 1941-1945 година. Охрид. 1976.
  37. Наум Целакоски, Пролог, 1998, стр. 46.
  38. Наум Целакоски, Пролог, 1998, стр. 70-71.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]