Матенадаран

Од Википедија — слободната енциклопедија
Институт за древни ракописи на Месроб Машдоц
Матенадаран
Карта
Основан3 март 1959
Место53 Авенија Машдоц,
Ереван, Ерменија
Координати40°11′31″N 44°31′16″E / 40.19207° СГШ; 44.52113° ИГД / 40.19207; 44.52113
Типмузеј, архив
ДиректорХрачја Тамразјан
КустосГеворк Тер-Вартанијан
Мреж. местоmatenadaran.am/en/

Институт за древни ракописи на Месроб Машдоц (ерменски: Մեսրոպ Մաշտոցի անվան հին ձեռագրերի ինստիտուտ) или само Матенадаран (ерменски: Մատենադարան) е институција која се занимава со зачувување и проучување на древните ракописи во престолнината на ЕрменијаЕреван. Институтот поседува една од најголемите светски колекции на древни ракописи и книги од различни области како историја, историја на уметност, философија, медицина и литература. Покрај ракописите на ерменски јазик, зачувани се бројни ракописи и на персиски, грчки, арамејски, како и на други јазици.

Институтот го добил називот во чест на ерменскиот учител и јазичар Месроб Машдоц , кој во петтиот век го создал современото еременско писмо.

Историја[уреди | уреди извор]

Името на Матенадаран за првпат се појавило во 5 век, во делата на историчарот Лазар Парпеци кој зборува за ризница на ракописи на ерменски и грчки јазик (или на ерменски Մատենադարան, односно матенадаран), во манастирот во Вагаршапат.[1]

По уништувањето на средновековната ерменска држава во 1045 година, повеќето од древните ракописи биле уништени од страна на турските и монголските освојувачи. Само Селџуците, според пишувањето на историчарот Степанос Орбелијан во градот Багаберде во 1170 година спалиле повеќе од 10.000 ракописи. Во престолнината на ерменското кралство Киликија, градот Сис (денес турскиот град Козан) исто така постоел голем матенадаран, кој во 1441 година бил преместен во манастирот во близина на Вагаршапат. Ечмијадзинскиот матенадаран бил пљачкан неколкупати во наредните четири века (последен пат во 1804 година), а голем број киликиски ракописи исчезнале. Матенадаранот во Вагаршапат доживеал вистинска преродба откако Источна Ерменија во првата половина на 19 век станала дел од Руската Империја.[2] Бројот на ракописи од само 1.809 колку што останале во 1828 година, се зголемил на 4.660 до 1914 година. Сите ракописи за време на Првата светска војна биле префрлени во Москва на чување.

Внатрешноста на Матенадаран.

Советските власти на 17 декември 1920 година ги национализирале сите древни ракописи, кои биле чувани во седиштето на Ерменската апостолска црква во Вагаршапат. Целата колекција на иницијатива на високо советски функционер од ерменско потекло, Александар Мјасников од 1922 година била вратена во Ереван дури во 1939 година и сместена во народната библиотека, што го носела името на Мјасников (кој починал во 1925 година). Ракописите биле чувани во библиотеката сè до 1959 година, кога врховниот совет на ерменската ССР донел одлука за изградба на посебен музеј (репозиториум) во кој би се чувале овие древни ракописи. Новиот музеј е именуван според творецот на ерменската азбука Месроб Машдоц.

Зградата била изградена според проектот на ерменскиот архитект Марк Григоријан, во периодот меѓу 1954 и 1957 година. Целата структура била изградена од базалт, додека во ентериерот бил користен мермер. Во текот на 1960-те години, лево и десно од влезот биле поставени статуи на најголемите ерменски просветители, а меѓу нив е и една голема статуа на Месроб Машдоц под самиот влез.

За време на прославата на педесет години од основањето на Матенадаран на 14 мај 2009 година бил положен камен темелник на новиот институт за проучување на историските ракописи веднаш до веќе постоечката зграда.[3] Зградата на институтот била завршена во 2011 година.

Матенадаранската колекција[уреди | уреди извор]

Дел од оригиналните ракописи во Матенадаран

Денес Матенадаран поседува колекција од повеќе од 17.000 древни ракописи и повеќе од 100.000 различни ракописи и документи од разни области и различни историски периоди.[4] Покрај ракописите напишани на ерменски јазик, колекцијата содржи повеќе од 2000 документи на други јазици, како руски, арапски, хебрејски, персиски и јапонски.[5] УНЕСКО во 1997 година ја ставил целата колекција на посебен список како светско културно наследство, и заедно со институтот учествува во дигитализација на целата колекција заради поефикасна заштита.[6]

Некои од најважните ракописи кои се сместени тука се Ечмијадзинското евангелие од 989 година на 232 листа и Мугниското евангелие од 1060 година на 301 лист.

Галерија[уреди | уреди извор]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Chookaszian, Babken L. and Levon Zoryan. «Մատենադարան» (Matenadaran). Armenian Soviet Encyclopedia, vol. vii. Yerevan: Armenian Academy of Sciences, (1981). стр. 284-286.
  2. Anon. "The History of Matenadaran Архивирано на 14 јули 2018 г.." Virtual Matenadaran. Accessed April 27, 2009.
  3. Hakobyan, Sona. "Groundbreaking ceremony for a new building of Matenadaran Архивирано на 31 мај 2011 г.." Radiolur. May 14, 2009. May 15, 2009.
  4. Ritter, Lawrence. "The Matenadaran, from copyist monks to the digital age." UNESCO. № 5, May 24, 2007. May 3, 2009.
  5. Anon. "Scientific Research Institute of Old Manuscripts Matenadaran after St. Mesrop Mashtotz Архивирано на 6 март 2009 г.." International Exhibition of Calligraphy. Accessed May 15, 2009.
  6. „Mashtots Matenadaran ancient manuscripts collection“. UNESCO Memory of the World Programme. 16 мај 2008. Посетено на 11 декември 2009.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]