Марија Муровска

Од Википедија — слободната енциклопедија
Марија Муровска
Родена 27 мај 1947
Кривогаштани, Република Македонија
Националност Македонка
Позната професорка на Стоматолошкиот факултет и специјалист по орална хирургија

Марија Муровска (р. 27 мај 1947, во Кривогаштани) — македонска професорка на Стоматолошкиот факултет и специјалист по орална хирургија.

Животопис[уреди | уреди извор]

Проф. д-р Марија Муровска е родена на 27 мај 1942 г. во с. Кривогаштани, Република Македонија. Средно образование завршила во Училиштето за забари и забни техничари во Скопје, во 1960 година. На Медицинскиот факултет, Стоматолошки отсек, во Скопје дипломирала во 1965 година. Со звањето специјалист по орална хирургија се здобила во 1973 година. Во 1982 година се здобила и со звањето примариус. Во 1981 година, проф. д-р Марија Муровска одбранила хабилитационен труд на Стоматолошкиот факултет, под наслов “Проблемот на акутната одонтогена инфекција во орално-хируршката практика”. Проф. д-р Марија Муровска се вработила на Стоматолошкиот оддел при Медицинскиот факултет во Скопје во 1969 г., а во 1971 г. била избрана за помлад асистент. Во 1974 г. била избрана за асистент на Катедрата за орална хирургија при Стоматолошкиот факултет во Скопје, а во 1977 и 1980 г. била преизбирана во истото звање. Во звањето доцент на истата Катедра била избрана во 1981 г., а во звањето вонреден професор во 1990 г. Во 1991 г. го напуштила Стоматолошкиот факултет и отворила сопствената приватна стоматолошка ординација “Д-р Муровска” во Скопје. Професор Муровска поминала низ неколку стручни усовршувања: кај проф. Френкел во Франкфурт на Мајна, Германија во 1976 г., во траење од три месеци; кај проф. Челешник во Љубљана, поранешна СФРЈ, во 1972 г., во траење од еден месец, кај проф. Мише во Загреб, поранешна СФРЈ, во 1972 г., во траење од 1 месец, и кај проф Перовиќ во Белград, поранешна СФР Југославија, во траење од еден месец. На професионален план, проф. Муровска била особено фокусирана на расветлување на проблемите што произлегуваат од акутните инфекции во лицево-виличниот комплекс. Таа била посебно посветена на превенцијата на професионалните заболувања на стоматолошкиот тим. Публицистичкиот опус на професор Муровска опфаќа 45 статии објавени во домашни публикации. Била член на првиот Совет на Стоматолошкиот факултет што се конституирал во 1979 г. Во периодот од 1988 до 1990 г. проф. Муровска била претседател на Советот на Стоматолошкиот факултет во Скопје и член на Претседателството на Сојузот на здруженијата на лекарите од Македонија (1988-1990). Проф. Муровска активно била вклучена во општествено-политичкиот живот уште во школските денови. Била ангажирана во работата на тогашниот Сојуз на комунистите и во Сојузот на синдикатите. Проф. д-р Марија Муровска е добитник на Орден на трудот со сребрен венец (1989) и плакета по повод одбележувањето на 30-годишнината од формирањето на Стоматолошкиот факултет (1989).[1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Проф. д-р Муровска Марија – Стоматолошки факултет – Скопје“. Посетено на 2020-10-06.