Марин Држиќ

Од Википедија — слободната енциклопедија
Споменик на Марин Држиќ во Дубровник

Марин Држиќ (Marino Darza или Marino Darsa) (1508, Дубровник - 2 мај 1567, Венеција) бил хрватски ренесансен драмски писател и поет.

Животопис[уреди | уреди извор]

Марин Држиќ е роден во 1508 година, неколку години по смртта на стрико му Ѓоре Држиќ. За тие неколку години, семејните прилики се измениле, па семејството западнало во материјални тешкотии. Семејството Држиќ, според старите записи, води потекло од Котор, и порано било благородничко семејство. Лозата Држиќ била распространета и поделена. Некои далечни роднини биле сè уште благородници, но Ѓоре и Марин припаѓале на граѓанскиот слој, кој се занимавал со трговија. Еден од браќата на Марин бил трговец и живеел во Скопје.[1] Во својата традиција семејството имало и по некој свештеник. Ѓоре бил свештеник, а за оваа работа бил подготвуван и Марин.

Марин Држиќ растел во многудетно семејство: тој бил едно од дванаесетте деца на Анухла и Марин Држиќ (и татко му го носел истото име). Меѓу шесте браќа, веројатно Марин бил најмладиот. За него и неговото семејство има малку записи, така што не е познато како го поминал детството. Првпат неговото име се споменува во еден акт од 1526 година, кога на возраст од 18 години Марин го добил првото свештеничко звање - станал клерик,[1] т.е. управник-лектор на црквата „Сите свети“ - Домино, и на црквата „Св. Петар“ на островот Колочек. Таа управа му била предадена по семеен пат, по неговиот стрико, свештеникот Андреја, брат на татко му.

Бидејќи семејството било осиромашено, Марин бил принуден да го заработува лебот за себе и за семејството како свирач на органа во црквата „Св. Марија“ во Дубровник. Ова е значајно, затоа што се поврзува и со нешто друго: во семејството имало поет Ѓоре Држиќ; постариот брат на Марин, Влахо, во Венеција се занимавал со сликарство, а Марин бил талентиран музичар. Од 1538 година, кога Марин почнал да свири во црквата во Дубровник, тој започнал да живее немирен живот на патник, комедијант, поет и драматург, заговорник за државен удар, со еден збор - живот на ренесансен човек кој сака сè да проба, во сè да се замеша.

Годините во Италија[уреди | уреди извор]

По банкротот на нивната семејна трговска фирма, семејството Држиќ морало да ги продаде имотите во Конавле, Груж и Стон за да ги исплати долговите. Марин Држиќ, на возраст над 30 години, решил да отпатува во Италија на студии и за таа цел упатил молба до Сенатот да му се овозможи престој во Италија при што Републиката му дала пари на заем. Можеби сакал само да се извлече од семејниот брод што тонел, а можеби навистина го влечела желбата за знаење. Како и да е, Марин Држиќ со малку пари и со продажба на некои свои права, заминал за Италија, каде живеел динамичен живот. Најверојатно, најмногу престојувал во Сиена. Не се знае точно што студирал ни дали завршил, затоа што на ниеден италијански универзитет не е запишан меѓу дипломираните студенти. Се споменува наводно дека во Италија го усовршувал музичкото знаење, но тогашните студии по уметност давале можност да се изучува и книжевноста. Сепак, се знае дека во 1541 година Марин Држиќ станал студентски ректор на студентскиот дом со 200 студенти и проректор на Универзитетот во Сиена. Наспроти таа функција, тој тешко излегувал на крај со својата работа, со администрацијата, па дури имал проблеми и со полицијата. За неговиот приватен живот во Сиена малку се знае: познато е дека бил љубител на театарот, а присуствувал дури и на забранетите драми. Според еден запис од тоа време, за време на еден полициски упад, меѓу гледачите на забранетата претстава бил и „господинот ректор Марино од Дубровник“, кој поради угледот поминал само со укор.[2]

За престојот на Марин во Италија има и други податоци. Се знае дека во Венеција, на почетокот на 1545 година работел како писар во некоја фабрика за волна. Овој факт сведочи за тешкиот и макотрпен живот на Марин Држиќ, кој веќе имал 37 години, а сè уште го немал најдено своето место во животот.

Враќањето во Дубровник[уреди | уреди извор]

Во 1545 година Марин Држиќ се вратил во Дубровник со несредена семејна и материјална состојба, но веќе со репутација на човек со жив дух, снаодлив, разговорлив, забавен, шегобиец, и тогаш го добива прекарот „Мачка“ заради својата снаодливост. Веројатно ваквата репутација придонела на почетокот на 1547 година да го повикаат да биде придружник на грофот Кристоф Рогендорф, кој од Виена на патување до Истанбул, свратил во Дубровник. Официјалната позиција на Марин кај грофот била - собар. Грофот Рогендорф го зел со себе во Виена, каде Држиќ поминал три месеци. Подоцна, Држиќ го придружувал грофот Рогендорф во Истанбул.[3] Притоа, бидејќи едниот негов брат работел во Скопје, во Куршумли-ан, тој наминал и во Скопје. Ова патување му го задоволило немирниот дух, иако дошло до конфликт со грофот: не можеле да се сложат, за што Марин Држиќ ќе му се одмазди за вечни времиња - грофот е прототип на ликот Уго од комедијата „Дундо Марое“. Истовремено, за време на својот престој во Цариград, Држиќ дошол во судир со еден млад дубровчанин, поради што по враќањето во Дубровник бил повикан на сослушување. Потоа следеле годините во кои Држиќ работел во различни служби, а пролетта 1553 година бил назначен за писар во соланата.[4]

Политичката активност и смртта[уреди | уреди извор]

Во 1566 година, Држиќ бил вклучен во една поголема политичка акција: тој се обидел да ја урне власта со надеж дека во иднина таа ќе биде поделена меѓу благородниците и граѓаните, со учество и на странските трговци. За таа цел, Држиќ напишал серија писма до тосканскиот војвода Козма I, барајќи помош за својто потфат. Во првото писмо, тој детаљно го опишал Дубровник, а во второто ја опишал власта и причините поради кои таа треба да се промени. Од третото писмо се гледа дека Држиќ би го подготвил народот за државен удар, а војводата би ги обезбедил луѓето за спроведување на планот. Притоа, Држиќ предлагал Козма I да ја преземе власта во Дубровник, но војводата воопшто не одговорил на тие писма. Познато е дека Држиќ поминал четири месеци во Фиренца, водејќи ја оваа преписка, но не е познато каде заминал оттаму. Се претпоставува дека во Дубровник се разбрало за неговите планови за државен удар, така што тој морал да замине во Венеција, каде ненадејно починал на 2 мај 1567 година.[5]

Творештво[уреди | уреди извор]

Уште во младоста, Марин Држиќ пишувал поезија, околу 20 лирски песни во стилот на Петрарка и со очигледна почит кон споменот на Ѓоре Држиќ. Во својата поезија, Држиќ не дал ништо ново ниту пак дал свој авторски белег, туку само ги повторувал истите теми обработени од Петрарка. Сепак, неговите песни биле многу барани и препишувани на рака, така што тој бил принуден да ги отпечати.[6] Во својата поезија, тој останал на нивото на петрархистичкото пеење. Во речиси сите песни, тој страда од неприфатената љубов, како на пример во песната „Ах, огнот на љубовта го уништи животот мој“, или во „Уживај во убавината и радоста“.

Во Сиена Марин се запознал со ренесансната книжевност. Една од најголемите творби на тоа време е ренесансната „комедија дел арте“ или таканаречена „плаутовска комедија“. Во Сиена на студентите не им било дозволено да следат или да учествуваат во театарски претстави, затоа што се сметале за народна забава која нема врска со големата наука. Но Марин Држиќ бил фатен токму на еден ваков престап. Тоа сведочи дека тој уште таму се интересирал за театарската уметност.

Театарот во кој е затекнат Марин Држиќ бил слободен, понекогаш со скокотливи теми, сатиричен, и на студентите им донесувал нови сознанија. Во таа претстава Марин ја толкувал главната машка улога, т.е. го играл љубовникот, според полицискиот запис од тоа време. Книжевната слава, Марин Држиќ име не ја стекнал со поезијата, туку со пасторалите и комедиите.

Пасторали[уреди | уреди извор]

Марин Држиќ е еден од најистакнатите автори на еклоги, односно пасторали. Едно такво дело е неговата еклога „Тирена“, а познати се и „Венера и Адон“ (отпечатена во 1551 година) и „Плакир“ (или „Грижула“). Додека „Тирена“ и „Венера и Адон“ биле напишани во стихови, „Плакир“ бил прозно дело.[7] Тирена е самовила во која се вљубиле овчарите, а Венера и Адон се божества од старогрчката митологија. Фактот што Држиќ, како и многумина ренесансни писатели, зема теми од старогрчката митологија, говори дека таа традиција била жива во тоа време, но и дека ренесансната комедија е блиска до комедијата на Плавт. Во еклогите на Марин Држиќ има комика на ситуациите, а особено било смешно за дубровничките граѓани, кога сите ќе се вљубат во Тирена.

Во тоа време, богатите дубровнички граѓани и благородници при свадбена свеченост нарачувале специјално напишани комедиографски текстови, кои биле изведувани за разонода на гостите. Марин Држиќ бил многу баран автор за ваквите претстави веднаш по појавувањето на неговата еклога „Тирена“, а бил и член на една театарска група која ги изведувала тие претстави. Се знае дека „Тирена“ за првпат била изведена изведена во 1549 година на свадбата на една брачна двојка која припаѓала на богатите кругови, а била објавена во 1551 година.

Комедии[уреди | уреди извор]

Љубовта на Држиќ кон комедијата веројатно произлегувала од самиот негов карактер: тој бил шегобиец, весел човек. За жал, Марин Држиќ немал обичај да ги печати своите драмски текстови, така што многу од нив се или целосно изгубени, или зачувани само во извадоци, како на пример комедијата „Помет“, според која и дружината се нарекувала: „Помет дружина“. Она што е денес зачувано од Држиќ е колку една мала книга, но тоа го прави него автор со европско реноме. Марин Држиќ пишувал комедии и пасторали само во период од десет години. Негови зачувани комедии се: „Дундо Марое“, „Скржавец“ (позната и како „Скуп“), „Манде“ (од која се изгубени прологот, првиот чин и дел од вториот чин), „Аркулин“ (од која недостасуваат прологот и половина од првиот чин), „Пјерин“ (од која се зачувани само неколку фрагменти), како и „Шега со Станец“ (Novela od Stanca) од 1551 година.[7] Исто така, тој направил и превод на „Хекуба“ од Еврипид.

„Скуп“ (за првпат играна во 1555 година) претставува слободна преработка на комедијата на Плавт „Аулуларија“ во која ликовите од оригиналното дело се заменети со дубровчани. „Шега со Станец“ е типична ренесансна комедија, напишана во 1550 година. Во ова дело, Држиќ покажал извонредна умешност за комедиографија, како и за водење лесен дијалог. Овде се користи јазикот на дубровничката улица, како и јазикот на простиот народ. Комичните ефекти се постигнати врз основа на една измама и една игра. Поради овие одлики „Шега со Станец“ е чиста „комедија дел арте“. Но, иако го следи жанрот за кој се определил, сепак Држиќ внесува иновации, пред сè со фактот што на сцена го изнесува народот, во јазикот и во карактерот. Обично, во ренесансната комедија за потсмев служи некој богат стар и измамен маж, а тука е прикажан човек од народот, сиромашен, прост, неук. „Дундо Марое“ (или во превод „Чичко Марое“) е најзначајното дело на Марин Држиќ, пишувано во рамките на неговата активност со дружината Помет, а за првпат изведено во 1551 година. Во него, Марин Држиќ покажал извонредно мајсторство на ниво на заплет. Комедијата Дундо МАрое припаѓа на типизирана плаутовска комедија со кои се исмеваат човечките мани, во случај себичлук. Инаку во комедиите на Држиќ освен влијанието на Плавт видливо е и влијанието на италијанската комедија по Плавт и чиј главен застапник е прочуениот Пиетро Аретино.[8]

Влијанија[уреди | уреди извор]

  • Во Хрватска се доделува драмска награда „Марин Држиќ.[9]
  • Хрватскиот парламент ја прогласил 2008 година за „Година на Марин Држиќ’, како 500 годишница од неговото раѓање[10]
  • Една авенија во Загреб го носи неговото име.
  • Во 2006 година во Хрватска е снимен филм за Марин Држиќ со наслов „Либертас“, а во режија на Вељко Булајиќ.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 Георги Сталев, „Марин Држиќ (1508-1567)“, во: Марин Држиќ, Шега со Станец. Скопје: Македонска книга, 1970, стр. 6.
  2. Георги Сталев, „Марин Држиќ (1508-1567)“, во: Марин Држиќ, Шега со Станец. Скопје: Македонска книга, 1970, стр. 6-7.
  3. 109 - 110.
  4. Георги Сталев, „Марин Држиќ (1508-1567)“, во: Марин Држиќ, Шега со Станец. Скопје: Македонска книга, 1970, стр. 8.
  5. Георги Сталев, „Марин Држиќ (1508-1567)“, во: Марин Држиќ, Шега со Станец. Скопје: Македонска книга, 1970, стр. 8-9.
  6. Георги Сталев, „Марин Држиќ (1508-1567)“, во: Марин Држиќ, Шега со Станец. Скопје: Македонска книга, 1970, стр. 9.
  7. 7,0 7,1 Георги Сталев, „Марин Држиќ (1508-1567)“, во: Марин Држиќ, Шега со Станец. Скопје: Македонска книга, 1970, стр. 10.
  8. Milord Medini, Povjes hrvatske književnosti, Naklada Marice hrvatske, Zagreb, 1902, стр. 336.
  9. „Year of Marin Držić“. Архивирано од изворникот на 2008-01-10. Посетено на 2011-06-28.
  10. „Držić's Year“. Архивирано од изворникот на 2008-05-20. Посетено на 2011-06-28.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]