Маврово

Координати: 41°40′32″N 20°44′3″E / 41.67556° СГШ; 20.73417° ИГД / 41.67556; 20.73417
Од Википедија — слободната енциклопедија
Маврово

Поглед на Мавровското Езеро и на селото Маврово

Маврово во рамките на Македонија
Маврово
Местоположба на Маврово во Македонија
Маврово на карта

Карта

Координати 41°40′32″N 20°44′3″E / 41.67556° СГШ; 20.73417° ИГД / 41.67556; 20.73417
Регион  Полошки
Општина  Маврово и Ростуше
Население 212 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 1254
Повик. бр. 042
Шифра на КО 07050, 07550
Надм. вис. 1230 м
Маврово на општинската карта

Атарот на Маврово во рамките на општината
Маврово на Ризницата

Маврово — село во Општина Маврово и Ростуше, Гостиварско, сместено на брегот на Мавровското Езеро. Селото претставува еден од најпознатите зимски туристички центри во Македонија.

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Селото Маврово со потопената црква „Св. Никола“

Селото Маврово е сместено во рамките на најголемиот национален парк во Македонија — Националниот парк Маврово — на јужниот брег на Мавровското Езеро[2]. Сместено е под падината на планината Бистра на надморска височина од 1240 метри, со што тоа претставува планинско село[2]. Има голема ширина која што зафаќа простор од 31,3 км2, на кој преовладуваат пасиштата на површина од 1517 ха, шумите заземаат 1452 ха, а на об работливото земјиште отпаѓаат 117 ха[2]. Според записите на Ѓорче Петров од 1896 година, на крајот на XIX век, Маврово било распрснато и раздробрено село така што неговата обиколка имала околу 1½ час[3]. Разделено било на 8 маала: Ненчеви, Влаовци, Кичиковци, Бајрамовци, Шамамовци, Шарковци, Ариќевци, Фешековци[3]. Во тоа време Маврово се делело на два дела: Горни крај и Долни крај, при што првиот бил сместен во еден дол наречен Речиште, а долниот во еден дол на рамното[3]. По Речиштето тече еден поток кој ги собира водите од околните гори, а се губи во Мавровското Поле[3]. Маврово било последното село на тетовската каза на југ – југозапад од Тетово од каде до него имало 10 часа пат[3].

Историја[уреди | уреди извор]

Маврово пред 1950 година.

Селото се споменува во турските пописни дефтери од 1467/68 година, како дел од Нахијата Калканделен (Nahiye-I Kalkandelen) под името Мавриани со 20 христијански семејства и 2 неженети христијани.[4]

Во XIX век, Маврово било село во Реканската каза на Отоманското Царство.

Поопширен запис за местоположбата, минатото, името и животот во Маврово дал македонскиот револуционер Ѓорче Петров во својата книга „Материјали по изучувањето на Македонија“ од 1896 година. Според неговите записи Маврово, македонско село среде Мавровското Поле кое што за даноци спахилак давало 200 лири годишно, а беглик - данок на добиток 200 глави[3]. Некогаш Маврово било на ½ час преку реката поназапад од денешното село, на Кожа Планина во едно место коешто некогаш било покриено само со гори, а сега е со ливади[3]. Тогашните мавровци биле јунаци кои ништо не признавале над себеси[3]. Разбојниците од Маврово биле толку силни што оделе на грабежи во областа Малесија во Албанија[3], од каде пак често доаѓале качачки банди кои грабале низ Македонија. За криење на трагите на нивните разбојнички подвизи многу им помагале горите[3]. Прочуени биле разбојниците од семејството Мајовци кои еднаш нападнале едно албанско село во Малесија и го ограбиле, а по малку време тие биле обратно нападнати од силна арнаутска дружина при што селото било запустено, а многу од жителите истребени[3]. Останатите жители го обновиле селото Маврово на неговото сегашно место[3]. Над Маврово и недалеку од него се Мавровските анови на дебарскиот пат. Бидејќи е блиску до Бунец каде што е збирното место на арнаутските чети по нападите и пљачкосувањата во западна Македонија и Влаиница којашто служи како место за преминување од Буковиќ на Шар Планина на албанските разбојнички чети, тоа поле е многу опасно место[3]. За да можат да живеат малку послободно и да се избават од постојаните напади на четите и големите даноци кои им ги наложуваат Арнаутите, селаните од тие села плаќаат по 50 лири на најсилните од војводите на тие дружини[3]. Маврово плаќаlo на тројца такви војводи околу 300 лири[3]. Според записите на Ѓорче Петров, тамошните луѓе се многу убави, а воопшто, племето на Мијаците се одликува по правилноста на цртите и по сразмерноста во градбата на телото[3]. Сепак, жителите на тие села се особено убави, тие се високи, крупни, стројни и со црвени лица[3].

Името Маврово значи Црно Поле, било дадено на областа по некоја голема битка во минатото. Мавровското (Црно) Поле, било потопено во 1953 година, со цел да се направи познатото вештачко Мавровско Езеро. Денес, во контекст на тоа, доказ е старата селска црква Свети Никола, која редовно може да се види потопена во вода.

Спомен плоча на загинатите мавровски партизани и цивилни лица

Едно од најголемите злосторства, палењето на Маврово се случило на 3 септември 1944 година, кога 300-тини албански балисти, предводени од Аќиф Речани, палат 150 куќи, пљачкаат, живи горат четворица селани и неколку ги убиваат.[5] Вкупно 20 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.[6]

Потекло и значење на името[уреди | уреди извор]

Според една легенда, во минатото тука се одиграла страшна битка, во која многу војници загинале, поради што местото го добило името „ Мавро“ односно „Црно“ (поле).[7] Најверојатна е легендата според која тука порано доаѓале и живееле Мавровунци (Црнорунци - Црноволнци), Власи, кои одгледувале овци со црно руно од каде потекнува и името на Маврово.[7]. Според записите на Ѓорче Петров името на Маврово му произлегува од турскиот збор мав (маф), т.е. место кое нема ништо и ништо не признава над себеси[3]. Дека името на Маврово потекнувало од зборот мав/маф потврдува и преданието на жителите кое го запишал Томо Смилјаниќ - Брадина, според кое Ајредин-паша маф го сторил селото (го опростил) поради тоа што се придружило на дебарскиот Далип-бег[7] . Во рамките на етничка Македонија постои уште едно село со име Маврово кое што се наоѓа во Костурско во егејскиот дел на Македонија.

Стопанство[уреди | уреди извор]

Според составот на атарот селото има сточарско-шумарска функција[2], но во суштина основните дејности во Маврово се туризмот и угостителството во најголема и сточарството во помала мерка. Во минатото главни дејности во селото, како и на останатите во целата област, биле сточарството и производството на млечни производи, кои биле познати надалеку. За стопанството и дејностите со кои се занимавале жителите на Маврово и околните села во Мавровското Поле на крајот на XIX век, Ѓорче Петров запишал дека природата слабо го надарила тоа место за земјоделство зашто полето е високо и не толку плодно, а климата е доста сурова[3]. Затоа пак тоа и неговите околни планини се чудесно погодни за развиено сточарство и дрводелство[3]. И навистина едно време жителите на тие три села биле големи сточари и од занимањето многу печалеле, но веќе на крајот на XIX век, сточарството било сосема опаднато, па жителите биле принудени да ја обезбедуваат прехраната во туѓина каде што вообичаено стануваат трговци со стока-џелепчии, млекари, лебари (во Цариград), кафеџии, крчмари и др[3]. Во поново време селото целосно се има преобразено како туристичко место и е познато како еден од најпознатите туристички скијачки центри во Македонија. Покрај зиме, Маврово со своите капацитети и одлични природни услови, станува туристичко одредиште, привлечно во текот на целата година. Идејата за изградба на скијачки центар потекнува од 1959 година, кога тогашниот Смучарски, подоцна Скијачки сојуз на Македонија донел одлука за изградба на скијачки комплекс во Мавровско. Во 1964 година започнала изградбата на првиот сместувачки капацитет, денешниот хотел „Срна“.[8] На 20 ноември 1965 година биле свечено пуштени во употреба едноседечницата на планината Бистра и Скијачката школа, со што започнал со работа Скијачкиот центар „Маврово“. Подоцна, скијачкиот центар бил преименуван и наречен Скијачки центар „Заре Лазарески“. Во Скијачкиот центар „Заре Лазарески“ изградени се 11 влечници и три жичници со 5.700 метри и за еден час можат да се превезуваат и да скијаат над 11.000 лица на падините на Бистра. На брегот на Мавровското Езеро се изградените 1.300 викенд-куќи и дваесетина хотели кои располагаат со 3.500 легла, во еднокреветни, двокреветни и повеќекреветни соби, луксузни апартмани, спортска сала, спортски терени, кафулиња, ресторани, одморалишта, трговски дуќани и сл.

Население[уреди | уреди извор]

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948411—    
1953499+21.4%
1961297−40.5%
1971246−17.2%
1981231−6.1%
ГодинаНас.±%
1991180−22.1%
1994183+1.7%
2002166−9.3%
2021212+27.7%

Според податоците на Васил К'нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Маврово живееле 1.259 жители.[9] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Маврово живееле 1.160 жители.[10]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 550 Македонци и 50 Албанци.[11]

Маврово е мало село во кое што во 1961 година живееле 297 жители, а во 1994 година бројот се намалил на 183 жители од кои 181 Македонец и 2 изјаснети Срби[2].

Според пописот на населението на Македонија од 2002 година, во Маврово живеат 166 жители, од кои 163 Македонци и 3 Срби.[12] Населението е од православна христијанска вероисповед.

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 212 жители, од кои 200 Македонци, 2 Албанци, 2 Турци, 1 Србин, 1 Бошњак, 4 останати и 2 лица без податоци.[13]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 1.259 1.160 411 499[заб 1] 297 246 231 180 183 166 212
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[14]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[15]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[16]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[17]

Родови[уреди | уреди извор]

Маврово е македонско православно село.

Селото Маврово отсекогаш па сѐ до денес е во целост населено со Македонци од православна христијанска вероисповед. Најстари родови во Маврово се: Лазаровци кои слават Свети Ѓорѓи (посен или зимен) се доселиле пред 290 години од Лазарополе и се делат на следните семејства: Десовци, Стојановци, Спировци, Дилевци, Угриновци, Богоевци, Шаревци, Петревци[7]. Родот Шарковци слават Свети Никола, а дошле од Горна Река од страната на Шар Планина се делат на следните семејства: Дамјановци, Петровци, Калошовци[7]. Родот Бенџевци слават Свети Никола и се дели на семејствата: Лазаровци, Даниловци, Јоксимовци[7]. Родовите Шамамовци, Аричевци и Фишековци слават Свети Никола[7].

Општествени установи[уреди | уреди извор]

  • Полициска станица

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Селото се наоѓа во рамките на новосоздадената Општина Маврово и Ростуше, која настанала со територијалната поделба на Македонија во 2004 година. Претходно селото припаѓало на поранешната Општина Маврови Анови, која со измените во Законот за територијална поделба на Македонија била припоена со Општина Ростуше, со што двете општини ја создале новата Општина Маврово и Ростуше, во која денес се наоѓа селото.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Гостивар, додека во периодот по војната од 1957 до 1965 година се наоѓала во некогашната истоимена општина. Во рамките на истата општина се наоѓало и во периодот 1955-1957.

Во периодот 1952-1955, селото се наоѓало во рамките на Општина Никифорово, во која покрај Маврово се наоѓале и Никифорово и Леуново. Самата Општина Никифорово била дел од Гостиварската околија. Општината Никифорово постоела и во периодот 1950-1952 година.

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Една од поголемите атракции во селото е старата црква „Св. Никола Летен“, која е изградена од рекански мајстори во 1850 година. Црквата е потопена под Мавровското Езеро во 1953 година, но секое лето поради варијабилниот водостој на езерото, црквата е на суво. Во средината на 90-те години на XX век во Маврово започнува градењето на нова црква „Св. Никола“, слична на потопената, која е завршена во 2006 година.[18]

Цркви[19]
Археолошки наоѓалишта[20]
Пештери
  • Пештер — лесно достапна пештера; се наоѓа на 15 минути пешачење од селото. Карактеристична е по тоа што од неа истекува поток со многу ладна вода со температура од шест степени, поради што е студено и во нејзината внатрешност;[21]
  • Шаркова Дупка — најпозната пештера, карактеристична по живописните камени украси;[22]
  • Голема Пештера — се наоѓа кај некогашниот каменолом на гостиварски „Мермери“, кога со минирањето на мермерните блокови влезот бил затрупан.[22]

Редовни настани[уреди | уреди извор]

  • Мавровски меморијал во ски-трчање

Личности[уреди | уреди извор]

Култура и спорт[уреди | уреди извор]

Во чест на 52 загинати во снежните лавини (градители на мавровските хидроцентрали, граничари и жители на месното население) кои паднале ноќта помеѓу 10 и 12 февруари 1956 година, околу Мавровското Езеро секоја година се одржува Мавровскиот меморијал во ски-трчање на патека од 30 километри.[8]

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија. Скопје: Патрија. стр. 186. ISBN 9989-862-00-1.
  3. 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 3,11 3,12 3,13 3,14 3,15 3,16 3,17 3,18 3,19 3,20 Петров, Ѓорче (1896). Марио Шаревски (превод) (уред.). Материјали по изучувањето на Македонија (2015. изд.). Скопје: Единствена Македонија. стр. 314–315. ISBN 978-608-245-113-8.
  4. Турски документи за историјата на македонскиот народ кн.4, Методија Соколоски, д-р Александар Стојановски, Скопје, 1971, стр.366
  5. Синадиновски, Јаким; Груевски, Зоге (1976). Трите мавровски села. Скопје: Заедница на научните дејности. стр. 209–210.
  6. „Попис на жртвите од војната 1941-1945, СР Македонија“ (PDF).
  7. 7,0 7,1 7,2 7,3 7,4 7,5 7,6 Смиљанић, Томе (1925). „Мијаци, Горна Река и Мавровско Поље“. Во Цвијић, Јован (уред.). Насеља и порекло становништва (књига 20) - Српски Етнографски Зборник (српски). Српска краљевска академија. стр. 120.
  8. 8,0 8,1 Кипроски, Киро (23 мај 2014). „Како Маврово стана познат и признат туристички центар“. Утрински весник. Скопје: МПМ Македонија. Посетено на 14 декември 2015.[мртва врска]
  9. Васил К'нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 263.
  10. D.M. Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 166-167.
  11. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  12. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 30 март 2013.
  13. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  14. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  15. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  16. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  17. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  18. Дневник. „Маврово доби црква слична на потопената“
  19. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  20. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
  21. „Жени-спелеолози истражија нова пештера во Маврово“. Дневник. Архивирано од изворникот на 2016-03-05. Посетено на 2011-11-20.
  22. 22,0 22,1 Кипроски, Киро (19 јуни 2009). „Подземните убавини на пештерата „Шаркова дупка". Утрински Весник. Посетено на 2011-11-20.
  23. Илюстрация Илинден, бр.123, стр.16
  24. „Српски биографски речник, том 4, с. 24“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2012-03-15. Посетено на 2011-11-20.
Забелешки
  1. Податоците за населеното место Маврови Анови, согласно важечката територијална организација за време на Пописот од 1953 година, се содржани во податоците за населеното место Маврово.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]