Крижанке

Од Википедија — слободната енциклопедија

Крижанке ― заедничкото име за комплексот на поранешниот манастир на германските тевтонски витези/крстоносци (словенечки: križnikov), по чие име го добил комплексот) во Љубљана. Тие се наоѓаат веднаш до Плоштадот на Француската револуција, помеѓу Емонска улица, Зоисова улица и Госпоска улица. Во 1986 биле прогласени за споменик на културата од месно значење, а за споменик на културата од национално значење во 2016 година.

Од 1952 година, Крижанке е дом на Фестивалот Љубљана, а во средишниот дел на поранешниот крстоносен манастир, се наоѓа Гимназијата за дизајн и фотографија (училиште за уметност). Надворешните простории се користат за различни културни настани. Во големиот двор се наоѓа ресторанот Плечников храм. Во него е зачуван внатршениот дизајн направен според замислите на Плечник.

Историја[уреди | уреди извор]

Крижанке во 19 век.
За време на пеењето на Црвената кантата во Крижанке на прославата на дваесетгодишнината од востанието на словенечката нација, 1961 година.

Целиот југозападен дел од ѕидините на Љубљана до Новиот плоштад бил сопственост на Тевтонскиот ред на витези или крстоносци. Нивното земјиште опфаќало дел од градот, од Љубљаница и Мал гребен до Градиште. Тие се грижеле за болните и повремено ги подучувале младите во нивното училиште. Нивната куќа и црква се споменуваат во средината на 13 век. Изградбата на манастирот на Тевтонските витези наводно започнала во 1228 година на местото каде што порано живееле витезите Темплари. Земјотресот од 1511 година сериозно ги оштетил и старите манастирски згради. Тие биле обновени по земјотресот и делумно помеѓу 1567 и 1579 година. До манастирот првично стоела готска црква, чии резби се чуваат во лапидарот Крижанке и во Градскиот музеј. Од 1260 година, зачуван е релјеф на Богородица и Младенче. Го добила името Краковска Мадона (Богородица) по капелата каде што стоела по изградбата на новата црква. Се чува во Националната галерија. Првичната црква била заменета со нова во барокен стил помеѓу 1714 и 1715 година. Дизајнирана била од познатиот венецијански архитект Доменика Роси во облик на средиштен простор во облик на грчки крст, а довршена од архитектот Доменико Мартинели. Има странични олтари и најмалку две капели. Била меѓу раните венецијански барокни средишни простори во Словенија. Има речиси целосно зачуван олтар, насликан и резбан во Виена (главен олтар Ханс Канон, страничен олтар Шоонјанс и Алтомонте). Внатрешноста ја покрива куполен завршеток. Надворешноста има монументален ефект. Во изградбата учествувал словенечкиот градежен мајстор Грегор Мачек, кој можеби учествувал и во изградбата на денешниот Градски музеј Љубљана. Во музејот се чува макетата за Крижевнишката црква, дело на архитектот Доменико Мартинели. Витешката сала била реконструирана во 18 век. На аголот кон улицата „Госпоска“, тондото на Марија е подигнато како спомен на првиот Маријански конгрес во 1924 година. Претходно на истиот простор имало и спомен плоча посветена на А. Ауерсперг.

Реконструкција[уреди | уреди извор]

Крстоносната црква.

Крижанке служел како манастир до 1949 година, кога комплексот бил целосно национализиран. Во 1952 година, претставниците на градот Љубљана го поканиле архитектот Јоже Плечник да го реконструира тогаш прилично дотраениот манастир во училиште за уметност и занаетчиство. Архитектката Гизела Шукље отишла во училиштето директно од студиото на Плечник за да стане професор и директор. Подоцна, Крижанке станало место за одржување на годишниот Фестивал Љубљана. Ова бил последниот голем придонес на Плечник за градот, во кој учествувале и неговите ученици Антон Битенц и Виктор Молка, кои го продолжиле проектот. Дворот бил претворен во место за камерни настани, театар на отворено и воедно бил фестивалски простор. Го уредиле и угостителскиот дел. Отворањето на реновираната градба било на 10 јуни 1955 година.

Комплексот кој го надградил Плечник, бил со нагласок на ренесансните и барокните елементи, што е видливо во главниот двор, кој се одликува со плитки аркадни сводови и нови обоени графити на фасадата, како и аркадни балкони со ложи. Дворот го поплочиле со украсни бетонски плочи. До стариот влез се наоѓа лапидар со надгробни споменици и врежани елементи од античкиот и средновековниот период. Интересна е перголата на ѕидот на манастирот, кој го потпираат столбови од изрушенот витешки дворец. Тој различно дизајнирал два помали двора. Пеколниот двор со многу светилки и примеси на средоземен стил бил наменет за помали камерни изведби. Малиот двор се претпоставува дека бил археолошки парк. Големиот двор подоцна архитектот Битенц го преобразил во амфитеатар. Плечник преуредил уште помала куќа до дворот (сега продавница за влезници) и јавни тоалети од надворешната страна на комплексот. Пред западниот ѕид уредил и детско игралиште.

Надвор од ѕидините, Плечник изградил три доцнобарокни влезови од остатоците од срушените љубљански куќи. На аголот на „Зоисова“ и „Емонска“ е поставен споменик на поетот Антон Ашкерц. Бронзената биста е дело на вајарот Николај Пирнат.

Наводи[уреди | уреди извор]

  • Breda Mihelič (1994). Vodnik po Ljubljani. DZS d.d. ISBN 86341-1195-4.
  • Arhitekturni vodnik

Поврзано[уреди | уреди извор]