Кретјен де Троа

Од Википедија — слободната енциклопедија
Гравура со претстава на Кретјен де Троа (француски: Chrétien de Troyes), 1530

Кретјен де Троа (француски: Chrétien de Troyes; роден околу 1130, а починат помеѓу 1180 и 1190) — француски поет, кој се смета за основач на книжевноста за легендата на кралот Артур на старофранцуски јазик, а со тоа и еден од првите писатели на витешки романи. Живеел и творел во дворот на Шампања, во времето на кралот Анри I Шампански и неговата жена Марија.

Негови најпознати дела се Ерек и Енида, Клиже, Ланселот или витезот од кочијата напишан истовремено со Иван или витезот со лавот и Персивал или приказната за гралот, недовршено дело. Романите на де Троа ги прикажуваат политичките и културните идеали на местото и времето во кое тој живеел. Романите главно се мешавина од некаква благородничка приказна и витешка авантура, во која љубовта и религиските идеали на крстоносните војни доминираат.

Кретјен де Троа е еден од првите книжевници на француски јазик, а начинот на структурирање на приказните го предвеснува романот, книжевен облик карактеристичен за подоцнежната француска книжевност. Делата на де Троа истовремено се едни од најдобрите од средновековната книжевност. Помеѓу сите писатели на приказни за легендата на Артур, Троа е заслужен за создавање на ликот на Ланселот.