Кирил Македонски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Кирил Македонски
Животописни податоци
Роден(а)19 јануари 1925
Битола
ПотеклоМакедонија Македонија
Починал(а)2 јуни 1984
Скопје
ЗанимањаКомпозитор

Кирил Македонски (Битола, 19 јануари 1925 - Скопје, 2 јуни 1984) — македонски композитор, автор на првата македонска национална операГоце“, која својата премиера ја доживеала во Скопје, во 1954 година. Покрај камерни творби, тој пишувал музика и за радиодрами и за театарски пиеси, потоа за краткометражни филмови, како и за играниот филм „Македонска крвава свадба“. Се категоризира во втората генерација македонски повоени композитори.

Биографија[уреди | уреди извор]

Кирил Македонски своето основно образование го завршил во Битола, средното образование го продолжил во Битола и во Скопје, а матурирал во 1946 година. Студирал во музичките академии во Загреб, Сараево и Љубљана, на отсекот за композиции и диригирање. Во 1970 година, како стипендист на полската влада престојувал шест месеци во Варшава. Потоа, во текот на 1974 година, тој се усовршувал и на Меѓународниот институт за современа музика во Дармштат, Западна Германија. Учествувал на меѓународниот конгрес за нова музичка нотација во Ган, Белгија во 1974 година. Со свои стручни и научни трудови учествувал на повеќе симпозиуми и конгреси. Неговите композиции се изведувани во Македонија и во повеќе други земји, како: (Западна Германија, Источна Германија, Франција, Советскиот Сојуз, Полска, Романија, Бугарија, Холандија, Данска, САД, Куба, Аргентина и др).

На Педагошката академија „Климент Охридски“ во Скопје работел како професор од 1973 година, каде што на групата за музичко воспитување ги предавал предметите хармонија и интонација.

Творештво[уреди | уреди извор]

Покрај оператаГоце“, Кирил Македонски е автор на уште две други опери со историска тематика: „Цар Самуил“ од 1966 година и „Илинден“ од 1972 година. Покрај оперите, Кирил Македонски напишал и пет симфонии, 20 свечени песни-химни, камерни дела, соло-песни, а балетот „Делфина“ и ораториумот „Кирил и Методиј“ никогаш не биле изведувани.[1]

Сцена од операта „Цар Самуил“


Инаку, Кирил Македонски творел во мошне неповолни услови: операта „Гоце“ ја напишал со помош на позајмен клавир од Радио Битола, додека операта „Цар Самуил“ ја напишал според слухот, понекогаш без никаков инструмент. Првично, операта „Илинден“ требало да се вика „Даме“ и таа била замислена како противтежа на операта „Гоце“, но со текот на времето, името „Даме“ се изгубило. На почетокот, операта „Цар Самуил“ не можела да се изведува во Македонија, така што познатиот оперски пејач Борис Христов му предложил на Кирил Македонски да ја постави во Рим, под услов да биде наведено дека Самуил е бугарски цар, но Кирил Македонски не го прифатл тоа. Подоцна, оваа опера доживеала 50 изведби во Македонија.[1][2]
Кирил Македонски е носител на меѓународното признание „Диплома за музикотерапија“, издадено од Меѓународниот биографски институт од Кембриџ, Англија. Исто така, во публикацијата на УНЕСКО, национална комисија за Белгија, тој е забележан како работник во областа на музикотерапијата во светот. На 15 мај 2015 година, во Битола, бил одржан свечен концерт по повод деведесетгодишнината од раѓањето на Кирил Македонски и шеесетгодишнината од неговото творештво.[2]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 „Оперска вечер и спомен-соба за Кирил Македонски“, Дневник, година XIX, број 5673, петок, 23 јануари 2015, стр. 22.
  2. 2,0 2,1 „Битола го слави делото на Кирил Македонски“, Дневник, година XIX, број 5766, петок, 15 мај 2015, стр. 21.