Карел Чапек

Од Википедија — слободната енциклопедија
Карел Чапек

Карел Чапек (чешки: Karel Čapek; 9 јануари 189025 декември 1938) — чехословачки писател кој пишувал романи, раскази, драми, критики и патописи.

Животопис[уреди | уреди извор]

Карел Чапек е роден на 9 јануари 1890 година во Мали Сватоњовци, од татко д-р Антонин Чапек (1855-1929) и мајка Божена, родена Новотна (1866-1924). Карел имал една помала сестра Елена (1886-1961), мажена Кожелухова, а од 1930 година премажена како Паливцова, и еден помал брат Јозеф (1887-1945). Од 1895 до 1901 година, неговото семејство живеело во Упице, каде Карел завршил основно училиште и еден клас гимназија. Во периодот 1901-1909, тој учел средно училиште во Храдец Карлови, а потоа во Брно, а матурирал во Прага, каде неговото семејство се преселило во 1907 година.

Чапек студирал филозофија, естетика, историја на ликовната уметност, англистика, германистика и бохемистика на Философскиот факултет при Карловиот универзитет во Прага, а во текот на 1910-1911 година ги продолжил студиите во Берлин и во Париз. Во ноември 1915 година, Чапек станал доктор на науки.[1]

Во 1917 година, Чапек работел како домашен учител на Прокопиј Лажански, во замокот во Хиши, во близината на Жлутици. Во октомври истата година се вработил во редакцијата на весникот “Народен лист”. Во 1921 година преминал во редакцијата на прашкиот “Народен весник”, каде работел до 1938 година. Исто така, во 1921-1923 година, тој работел и како драматург и режисер во Градскиот театар во Карлови Виногради. Во 1925 година, Чапек бил избран за претседател на чехословачкиот огранок на ПЕН-клубот. Истата година, заедно со братот Јозеф, се преселил во новиот дом во Виногради.

Во 1931 година бил именуван за член на меѓународниот одбор за духовна соработка при Друштвото на народите. Во 1933 година работел во Одборот за помош на германските бегалци, а исто така, бил заменик-претседател на ПЕН-клубот. Во 1935 година се оженил за Олга Шајнфлуг и го започнал реновирањето на домот во Стрже, кој брачната двојка го добила на поклон од Вацлав Паливец. Во 1937 година бил учесник на светскиот конгрес на ПЕН-клубот, а во 1938 година бил вклучен во организацијата на светскиот конгрес на ПЕН-клубот, одржан во Прага. Истата година, Чапек бил по вторпат предложен за Нобеловата награда за литература, која не ја добил. По конференцијата во Минхен, Чапек застанал на чело на борбата против чешкиот фашизам. Умрел на 25 декември 1938 година од воспаление на белите дробови, а бил закопан на 29 декември, на Вишеградските гробишта.[2]

Творештво[уреди | уреди извор]

Чапек оставил шест романи, шест драми, повеќе раскази, а пишувал и патописи, критики и книги за деца. Неколкупати бил номиниран за Нобеловата награда за литература. Пошироката слава ја стекнал со драмата "Р.У.Р.", во која за првпат се спомнува зборот “робот”. Чапек пишувал интелигентно и со хумор, обработувајќи бројни теми. Тој е еден од првите автори кои пишувале научна фантастика, долго време пред таа да стане книжевен жанр. Во голем дел од своите дела, тој дискутира за етичките аспекти на техничките изуми и процеси кои можеле да се насетат на почетокот на XX век, како: масовното производство, атомското оружје, роботите итн. Притоа, Чапек изразува страв дека тие може да доведат до општествени катастрофи, насилство и диктатура.[3]

Негови поважни дела се:[4]

  • Божја мака (1917)
  • Прагматизам или филозофија на практичниот живот (1918)
  • Крконошка градина (1918)
  • Корпа со бајки (1918)
  • Арамија (1920)
  • Критика на зборовите (1920)
  • Р.У.Р. (1920)
  • Мачни раскази (1921)
  • Од животот на инсектот (заедно со Јозеф Чапек) (1921)
  • Судбинска претстава за љубовта (заедно со Јозеф Чапек) (1922)
  • Жарливи длабочини и друга проза (1922)
  • Фабрика за апсолутно (1922)
  • Нештото Макрополус (1922)
  • Вести од Италија (1923)
  • Кракатит (1924)
  • Вести од Англија (1924)
  • Како настанува театарската претстава и водич низ зад кулисите (1925)
  • За најблиските нешта (1925)
  • Адам создателот (1927)
  • Скандалозната афера на Јозеф Холоушек (1927)
  • Разговори со Т. Г. Масарик (прв дел) (1928)
  • Раскази од едниот џеб (1929)
  • Раскази од другиот џеб (1929)
  • Година на градинарот (1929)
  • Излет до Шпатњели (1930)
  • Разговори со Т. Г. Масарик (втор дел) (1931)
  • Маријаш, или на работ на книжевноста (1931)
  • Девет бајки и уште една од Јозеф Чапек како додаток (1932)
  • Слики од Холандија (1932)
  • Апокрифи (1932)
  • За обичните ствари или зоон политикон (1932)
  • Дашенка или животот на кутрињата (1933)
  • Хордубал (1933)
  • Метеор (1934)
  • Обичен живот (1934)
  • Разговори со Т. Г. Масарик (трет дел) (1935)
  • Молчење со Т. Г. Масарик (1935)
  • Војна со дождовниците (1936)
  • Патување на север (1936)
  • Бела болест (1937)
  • Како се прават весници (1937)
  • Мајка (1938)
  • Што и како се прави (1938)
  • Животот и делото на композиторот Фолтин (недовршен роман, објавен посмртно) (1939).

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. ”Животот на писателот Карел Чапек во датуми”, во: Карел Чапек, Раскази од другиот џеб, Темплум, Скопје, 2012, стр. 181-182.
  2. ”Животот на писателот Карел Чапек во датуми”, во: Карел Чапек, Раскази од другиот џеб, Темплум, Скопје, 2012, стр. 182-183.
  3. ”Поговор”, во: Карел Чапек, Раскази од другиот џеб, Темплум, Скопје, 2012, стр. 187-189.
  4. Диме Митревски, ”Први изданија на книгите од Карел Чапек”, во: Карел Чапек, Раскази од другиот џеб, Темплум, Скопје, 2012, стр. 184-186.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]