Календарски народни песни

Од Википедија — слободната енциклопедија

Календарски народни песни — обредни лирски народни песни, поврзани со одредени празници од годишниот календар. Најбројни се песните што ги придружуваат обредите со зимските и пролетните празнувања.[1][2]


Видови[уреди | уреди извор]

Најмногу впечаток оставаат коледарските, божиќните, и василичарските песни, но сепак со својата бројност и мотивска разновидност највпечатливи се водичарските, лазарските и ѓурѓовденските песни.[3] Водичарските и лазарските песни го величаат поединецот и семејството, а ги исполнуваат групи жени. По еден востановен ред, за секој член од семејството се пее посебна песна, зависно од неговата возраст. Ѓурѓовденските песни пак, се пеат при берењето на билките или при лулањето на лулашки и го опеваат разбудувањето на природата по долгиот зимски сон, како и интимните чувства на младите. Велигденските песни на повеќе начини го опеваат воскреснувањето на Исус Христос, а во нив се пее и за разни светители од христијанската вера: свети Никола, свети Илија, света Недела, света Петка и др. И додека едни песни се исполнуваат со скандирање, како што се коледарските, василичарските и сл., други имаат и развиена мелодија и високи естетски вредности од аспект на развиена поетика, како што се споменатите водичарски, лазарски и ѓурѓовденски песни. Во сите нив очигледни се повеќе слоеви на народната култура, контаминацијата на христијанските со постари пагански претстави, како и низа елементи од старата словенска митологија. Порано овие песни повеќе биле сврзани со обредот, а помалку се водело сметка за естетската вредност на песната, но со време таа постепено се зголемувала за сметка на самиот обред.

Примери[уреди | уреди извор]

Василичарската песна од тетовското село Радиовце

Трака, трака Василица
дај ми бабо сланиница,
да наранам дечињата,
да им пукнат мешињата...
оооооојјјј суроооооооо
догодина повесело

Ларарска песна од Струшко

А неесто, добро мило, Лазаре!
Шчо ти уста подгорела,
како љушпа ореоа?
Шчо ти лице подбелело,
како платно бамбаќерно?
Али свекор те карало,
аљ свекрва те карала,
али твои мили стопан?

Водичарска песна од Охридско

Домаќине Стамјанине,
дали пиеш, или спиеш,
ако пиеш весели се,
ако спиеш разбуди се.
Долетало лепо пиле,
на рамена на Стамена,
тогај велит домаќинот:
- Ај подајте лак и стрела,
да застрела ова пиле.
Одговори лепо пиле:
- Не сум пиле за стрелање,
тук сум пиле аберџија,
абер носам од далеку,
ти си имаш мила сина,
царот има мила ќерка,
двајца да се сосватите.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Кирил Пенушлиски, Одбрани фолклористички трудови, 2, Скопје, 1988;
  2. Блаже Ристовски, Македонскиот фолклор и националната свест, 1, Скопје, 1987.
  3. Марко Китевски, Македонска народна лирика, (Обредни песни), Скопје, 1997, ISBN 9989-32-093-4;